Сведоштва од Израел: „Се газеше преку тие што лежеа долу“
30 април 2021Обиди да се избега од толпата со очајно корнење на ѕидовите од брановит лим. Ѕидовите поставени десно и лево од рампа ги притискале луѓето еден до друг. За многумина немало излез и можност за бегство. Она што требаше да биде радосен верски празник, сега, ден потоа, е една од најужасните цивилни кататсрофи во израелската историја.
До претпладнево властите јавија дека има повеќе од 40 жртви, меѓу нив, според медиумски извештаи, и деца. Околу 150 луѓе имаат повреди опасни по живот.
Паниката се ширела брзо
На тесната рампа со метална основа, поставена на влезот на местото кад што се одржувал концерт, се создала паника која се проширила брзо, раскажува еден од преживеаните за израелската телевизија КАН: „Видовме како луѓето прво се туркаа еден преку друг, а потоа се газеше преку тие што лежеа долу. Кога го видов тоа, одлучив да бегам. Подоцна имаше евакуација и обиди за одржување во живот на луѓето.“
Луѓето биле притиснати и делумно прегазени до смрт. Еден од оние врз кои се газело, раскажува: „Чудо е што поминав речиси без повреди. Не знам зошто. Имаше толку многу луѓе врз мене. И постојано се трупаа нови. Сѐ додека полицијата не одлучи да ги тргне страничните ѕидови и да ги спаси луѓето. Траеше долго. Во меѓувреме лежев. Се сеќавам дека бев паднат врз некого, кој не дишеше.“
Слики како по терористички напади
Спасувачките екипи велат дека сѐ наликувало како на моменти по терористички напади. Еден од спасувачите, кој се обидува да се соземе додека зборува, вели дека такво нешто не доживеал откако работи - десет години: „Имавме информација за повеќемина повредени. Мислевме дека се работи за луѓе во бессознание и пациенти кои ќе мора само да ги изнесеме оттаму. Кога пристигнавме, ситуацијата беше сосема поинаква. Имавме многу повредени, десетици лежеа, луѓе крвареа. Повредени беа и деца и возрасни. Многу потресни слики.“
Повеќе: „Несфатлива катастрофа“: Десетици загинати во стампедо во Израел
Одбележувањето на празникот Лаг БаОмер во северен Израел е едно од најголемите верски празнувања во светот. Еднаш годишно кај планината Мерон доаѓаат пред сѐ строги еврејски верници во знак на сеќавање на рабинот кој бил закопан во подножјето на планината. Се палат огнови, а верниците скокаат и пеат. Така било и вчеравечер во концертната арена во местото каде што се доаѓа на аџилак.
Поради пандемијата на корона пристап требало да имаат само 10 илјади луѓе, а според различни проценки, дошле околу 100 илјади верници. Притоа, ангажирани биле 5 илјади полицајци. На припадниците на безбедносните сили очигледно не им успеало да се справат со толпата посетители.
Тешки обвинувања на сметка на полицијата
Еден од сведоците во интервју упати тешки обвинувањата на сметка на полицијата: „Воопшто немаше комуникација. Полицијата подигна огради без да понуди можност за излез. Имаше само еден единствен влез. Вообичаено има повеќе огнови, но овојпат полицијата даде дозвола само за еден оган.“
Тоа довело до тоа при палењето на огнот да дојдат толку многу луѓе, кои имале само еден влез на располагање и ниеден излез. „Затоа луѓето умреа на ваков начин.“
Истрагата за точната причина за несреќата допрва почнува. Надлежниот шеф на полицијата веќе сега презема одговорност. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборува за ужасна катастрофа. Изрази на сочувство пристигнуваат од цел свет. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на Твитер напиша дека во оваа трагедија мислите се со жртвите и нивните блиски.