Израел не може да се откаже од Голанската Висорамнина
Херман Рајнер
30 март 2019
Кога Доналд Трамп ја признава анексијата на Голанската Висорамнина од страна на Израел, само потврдува нешто што одамна е фактичка состојба. Тоа има своја цена, смета Рајнер Херман од Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Реклама
Има добри причини за тоа што Израел не е подготвен да преговара за Голанската Висорамнина: најважната е безбедноста, а исто така важна е и водата од пределот богат со снежни наслаги. Ако се гледа од аспект на меѓународното право, признавањето на израелската анексија на стретешки важната висорамнина може да е спорно. Политички не менува ништо на фактот дека за Израел во никој случај не доаѓа во предвид враќање на Голанската Висорамнина. За Израел тоа подрачје е нешто од што не може да се откаже.
Израел некогаш бил и подготвен на компромиси
Денеска Израел може да се радува на фактот дека индиректните преговори со Сирија за враќање на дел од Голанската Висорамнина кои се воделе пред дваесет години, завршиле без успех. Тогаш израелскиот премиер Ехуд Олмерт бил подготвен на територијални компромиси.
Од војната Јом Кипур од 1973 година ниту една друга граница на Израел не била толку сигурна како таа кон Сирија. Денеска не е така. На сириска страна сега има позиционирано ирански милитанти. Од Газа организацијата Хамас која ужива поддршка од Иран ракетира цели во Израел, а од либанска страна милитантите на Хезболах со нивниот ракетен арсенал се закана за земјата. За Израел е незамисливо да се отвори и трет фронт. Премиерот Бенјамин Нетанјаху не греши кога вели дека Иран би дошол на брегот на Генезаретско Езеро, ако израелската армија не ја одбрани Голанската Висорамнина.
Сириската армија напаѓаше израелски градови во висорамнината, се додека Израел не го освои платото во шестдневната војна во 1967 година. Шест години подоцна, во војната Јом Кипур на Голанската Висорамнина се одвиваше најголемата тенковска битка во историјата на Блискиот Исток.
Притоа беа поразени сириските 1400 тенкови. Сирија претрпе невиден пораз. Тоа е правило на војната: кој војна почнува и губи мора да смета на тоа дека ќе изгуби територија.
Политичка цена за потегот на Трамп
Голанската висорамнина која беше анектирана во 1981 година придонесува за зголемена безбедност на Израел. Покрај тоа е значајна за снабдувањето на земјата со вода. Водата од изворите кои се наоѓаат таму се влева во Галилејското Езеро, најважниот резервоар на вода на Израел.
Потегот на американскиот претседател има и политичка цена. По преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, на арапските земји од Заливот, кои во изминатите години се приближија со Израел, ова ќе им го отежни поддржувањето на американскиот план за надминување на конфликтот меѓу Израел и Палестинците, што го најави Вашингтон. Затоа крај на конфликтот не може да се предвиди на долг рок.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.