Израел одбива примирје
30 декември 2008Цели на новите израелски воздушни напади, според очевидци и претставници на радикалниот Хамас, биле зградите на министерствата и безбедносните сили. Министерството за надворешни работи во Газа е целосно уништено, а нападнати биле и министерствата за одбрана и финансии, како и седиштето на премиерот. Од почетокот на израелската офанзива во појасот на Газа во саботата, досега загинале околу 360 луѓе, а околу 1700 се ранети. На израелска страна ноќеска е убиен еден војник во близина на границата со Газа и двајца цивили од палестински ракети.
Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак на палестинското радикално движење Хамас му објави „војна до крај“, на вонредната седница на Кнесетот изјави:
„Нема да биде едноставно, ќе има и компликации, но ви ветувам дека подготовките ќе бидат вршени со голема одговорност, а операцијата ќе биде проширувана се‘ додека е нужно.“
Барак не се изјасни директно за претстојна копнена офанзива, но таа е се‘ поверојатна.
Хамас демонстрира сила
Израел сака по секоја цена да ги запре ракетите кои палестинските милитанти ги испалуваат на негова територија и да ја оневозможи владата на Хамас. Оваа организација пак реагира со нагласена опуштеност. Мушир ал Масри, пратеник од Хамас во палестинскиот парламент во интервју за израелското радио настапи самоуверено:
„Имаме се‘ под контрола. Хамас сеуште е господар на ситуацијата. Досегашните напади за нас беа само обични гребнатинки. Повторно ќе ги обновиме урнатите штабови и за неколку дена тие пак ќе функционираат.“
Во меѓувреме, Египет за првпат од најновите израелски напади во Газа го отвори граничниот премин Рафах за палестинските ранети и за хуманитарни пратки за палестинските области. Координаторот на ОН за итна помош Џон Хоулмс за ситуацијата во појасот на Газа вели дека е предизвикувачки загрижувачка.
Бидејќи Израел со месеци вршеше блокада на појасот на Газа, таму недостасуваат основните животни продукти. Вчера беше дозволен пристап на околу 60-тина товарни возила со храна и лекови во Газа.