Силни експлозии, повредени деца, повторно синагога која гори - ново насилство во Појасот Газа и во Израел. Израелскиот премиер Нетанјаху најави натамошни одмазднички напади.
Реклама
Во одделението за интензивна нега во болницата Шифа во Појасот Газа се лекуваат повредени лица во израелските напади. Сликите на агенцијата Асошиетед прес прикажуваат деца изврзани со завои на рацете, нозете и горниот дел од телото.
„Овде, во најголемата болница во Газа, лекуваме претежно тешко повредени, меѓу нив и жени, деца, старци - сите возрасни групи“, вели директорот на клиниката Мохамад Абу Селмиа. „Има многу рани од шрапнели. Моравме и да ампутираме раце или нозе на деца.“
Потоа лекарот зборува за тешката ситуација во болницата - и онака тешката ситуација поради немањето струја, сега е потешка поради тоа што електрична енергија снемува уште почесто. На клиниката ѝ недостига гориво за генераторите, како и лекови и друга опрема.
„Ги штитиме нашите граѓани“
Во текот на ноќта здравствените власти во Појасот Газа јавија за 109 загинати од почетокот на борбите во понеделникот, како и за 600 повредени лица. Нападите на израелската армија се насочени против Хамас и други вооружени палестински групи, но во густо населениот Појас Газа често погаѓаат и цивили.
Израел сака да продолжи со нападите. Премиерот Бенјамин Нетанјаху зборува за голем интензитет и објаснува дека последниот збор сѐ уште не е кажан. При посета на локација каде е поставен систем за противвоздушна одбрана „Железна купола“, кој во изминатите денови пресретна многу ракети испукани од Газа во насока на Израел, Нетанјаху рече: „Армијата има веќе нападнато стотици цели. Наскоро ќе бидат повеќе од илјада. И натаму ќе го гаѓаме Хамас и ќе ги штитиме нашите граѓани. Ќе трае, но со голема одлучност, со одбрана и офанзива, ќе ја постигнеме нашата цел - мир за Израел.“
„Продолжете со цела сила!“
Израелската армија во меѓувреме мобилизираше околу 14.000 резервисти и распореди трупи долж границата со Газа. Непосредно по полноќ армијата соопшти дека Појасот Газа ја нападнале воздушни и копнени сили. Иако не беа соопштени други детали, израелските дописници за воени прашања јавија дека не станува збор за копнена инвазија и дека трупите гаѓаат со артилерија од израелската страна на границата. Жители во Појасот Газа кои живеат во близина на границата изјавија дека не виделе израелски копнени сили во енклавата, но зборуваат за тежок артилериски оган и десетици воздушни напади. Израелската армија изутринава се извини за лошата комуникација во врска со наводниот влез на копнени сили во Појасот Газа.
Израел сака да ја постигне својата воена цел - значително ослабување на Хамас и други групи - со што е можно помалку сопствени загуби. „Навистина мислам дека ќе бидат доволни неколку денови“, изјави генералот Нимрод Алони, кој командува со дивизијата стационирана во граничното подрачје. „Но, не верувам дека прашањето треба да се врти околу тоа, туку треба да се врти околу штетите што Хамас би можел да ги предизвика. Од военото и политичкото раководство добив наредба: Продолжете со цела сила! Имате апсолутна поддршка и ќе добиете сѐ што ви е потребно за да го притискате Хамас и натаму.“
Повторно гореше синангога
Во текот на ноќта повторно многу израелски места беа гаѓани со ракети. Особено беше погоден граничниот регион со Појасот Газа. Израелската армија ги повика жителите во радиус од 4 километри од границата да се засолнат и да останат во скривниците.
Во крајбрежниот град Ашкелон ракета директно погоди куќа и притоа е повредено едно лице. Вкупно во текот на ноќта во Израел има осум жртви, а стотици луѓе се повредени.
Во меѓувреме во многу израелски градови повторно дојде до тешки судири помеѓу арапските жители и безбедносните сили. Во градот Лод повторно гореше синагога. Исто така, повторно имаше и напади на еврејски врз арапски жители на Израел и обратно.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.