На последниот петок од месецот на постот Рамазан, во Ерусалим дојде до судири помеѓу Палестинците и израелската полиција. САД повикуваат на умереност.
Реклама
Во безредијата на Ридот на храмовите во Ерусалим се повредени повеќе од 200 Палестинци, соопшти Црвената полумесечина. Повредени се и најмалку шест израелски полицајци. По вечерната молитва, кога на светилиштата се собраа десетици илјади муслимани, стотици лица фрлаа со камења, шишиња и други предмети кон полицијата. Полицајците ги затворија влезовите кон Ридот на храмовите, како и Дамаската порта кон старото градско јадро, и против толпата пред џамијата Ал Акса употребија гумени куршуми и заслепувачки гранати.
Истовремено, во квартот Шеик Џарах, Палестинци и активисти излегоа на улиците во знак на протест против планираното принудно иселување на палестински семејства во источниот дел на Ерусалим кој по т.н. Шестдневна војна во 1967 година е во рацете на Израел и е анектиран во 1980 година. Анексијата не е меѓународно призната. Полицијата го растури собирот откако учесниците почнале да фрлаат со камења. Две лица се уапсени, две други се повредени од заслепувачки гранати.
На почетокот на годинава општинскиот суд во Ерусалим донесе одлука дека куќите на палестинските фамилии законски им припаѓаат на еврејски фамилии. Според израелското право, еврејските Израелци можат да поднесат барање во суд за поседување куќа во источен Ерусалим доколку нивните предци таму имале имот пред арапско-израелската воја (1949-49). За Палестинците, кои исто така го загубиле својот имот поради војната, нема таков закон.
Обединетите нации го повикаа Израел „веднаш да запре со принудното иселување“. Источен Ерусалим е „дел од окупираните палестински територии во кои важи хуманитарното меѓународно право“, објасни портпаролот на канцеларијата на ОН за право, Руперт Колвил. „Окупаторската сила не може да конфискува приватен имт на окупирана територија“, вели тој.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen
10 фотографии1 | 10
САД изразија „длабока загриженост“ поради состојбата во Ерусалим. Министерството за надворешни работи, со оглед на принудното иселување, повика на „деескалација“ и предупреди да не се преземаат чекори кои би можеле да доведат со заострување на ситуацијата.
Палестинското раководство го обвини Израел за ескалација на насилството. Продолжување на израелската окупација само би ги заострило тензиите и би можело да има за последица опасна ескалација, соопшти претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.
Статусот на Ерусалим е едно од централните спорни прашања во блискоисточниот конфликт. Израел го смета за свој „вечен и неделив главен град“, додека Палестинците се држат до Источен Ерусалим како свој главен град.