Израел сака да забрани употреба на зборот „нацист“
17 јануари 2014Седум децении по ужасните злосторства, сеќавањето на масакрот врз милиони Евреи за време на Втората светска војна се длабоко врежани во секој аспект од животот во Израел. Јавните личности и интересни групи редовно потсетуваат на геноцидот заради политички поени, а самиот збор и нацистичките симболи се составен дел од израелскиот дискурс.
Со законот кој се предлага, секој кој го употребува зборот „нацист“ или симболите на нацизмот „на погрешен или неправилен начин“ ќе биде казнет парично со 29 илјади долари и шест месеци затвор. Образовните и уметничките поставки ќе бидат исклучок од законот.
Кнесетот ја одобри првичната верзија на законот неделава, но тој ќе мора да мине уште три пречки пред и официјално да влезе во сила. Сличен закон не успеа да ги мине комисиските пречки во 2012 година.
Спонзорот на предлогот, Шимон Охајон од радикалната Јизраел Беитену партија, вели дека со законот Израел ќе се изедначи со други држави кои се „борат против антисемитизмот“. Тој признава дека примената во најголема мерка ќе зависи од случаите кои ќе и бидат пријавени на полицијата.
„Сакаме да спречиме непочитување на Холокаустот“, вели Охајон. „Дозволуваме преголема слобода која преовладува на начин кој ни предизвикува штета“.
Противниците велат дека мерката ја загрозува слободата на говорот во земјата која е горда на своите демократски достигнувања во регион во кој доминираат монархии и автократски лидери.
„Недела по недела се обидувате да затворате усти и да ѝ наштетите на слободата на изразувањето“, порачува Зехава Галон, лидер на опозициската партија Мерец.
Основа на идентитетот
Шест милиони Евреи беа убиени во систематскиот нацистички обид за уништување на сите Евреи во Европа. Основан во 1948 година, Израел им понуди прибежиште на стотици илјади бегалци тукушто ослободени од нацистичките кампови. Денес, земјата е дом на околу 200 илјади преживеани бегалци.
Зачувувањето на сеќавањето за Холокаустот е централна точка на израелскиот идентитет. Децата учат за него од најрана возраст, а илјадници ученици секоја година се испраќаат на „аџилак“ во Аушвиц и во други нацистички кампови на смртта низ Европа, за да изградат личен однос кон злосторството.
И покрај длабоките рани кои ги остави Холокаустот, во Израел нема конкретен закон кој забранува употреба на нацистички симболи, како што е случајот во Германија или Франција, на пример. Но, нивната сѐ почеста употреба во општеството ја отвори потребата од законско регулирање.
Во најголемиот инцидент од тој тип, демонстрантите во Ерусалим излегоа со постери на премиерот Јицак Рабин во нацистичка униформа, неколку месеци пред да биде убиен. Во комбинација со повиците за смрт на Рабин и радикалите кои го прогласуваа за предавник, критичарите велат дека климата на поттикнување ги охрабриле убијците на Рабин.
(Зло)употреба на Холокаустот
Ултра-ортодоксните еврејски демонстранти лепеа жолти Давидови ѕвезди во стилот на нацистите кога протестираа против владините политики, а кон полицајците извикуваа „нацисти“. Еврејските доселеници си ги залепија ѕвездите кога полицијата се обидуваше да ги отстрани од населбите. На спортските натпревари и кон спортистите сѐ почесто се извикуваат навреди од тој тип.
Холокаустот редовно се споменува, некои велат и злоупотребува, во политички цели. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху често ги споредува нуклеарните амбиции на Иран со нацистичка Германија. Некои непријатели на Израел, пак, ја споредуваат израелската окупација на Западниот Брег и Газа и односот кон Палестинците со нацистичко однесување.
Многу експерти велат дека нема потреба од донесување на таков закон во Израел. Историчарот Том Сегев вели дека Израелците веќе имаат изграден однос кон Холокаустот со пиетет кој го заслужува. Тој има дилеми во однос на спроведувањето на законот и можноста некој кој ќе го спомене зборот „нацист“ да биде казнет со затвор.
Роберт Розет, од меморијалот Јад Вашем, вели дека образованието и јавните личности треба да го градат односот на општеството кон симболите.
„Преку едукација, преку примери од нашите лидери, културни, политички и други, луѓето ќе разберат дека не треба да ги употребуваат овие симболи таму каде што не им е местото“, вели Розет.