1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израел, Хезболах и Иран - се спрема ли нова војна?

Керстен Книп
18 јули 2017

Иран и Хезболах се сѐ поблиску до израелските граници. Од другастрана, Израел се вооружува и станува нервозен, но тоа важи и во поглед кон една друга земја.

Israel Syrien Golan Konflikte
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Marey

Пред три недели, во понеделникот израелската војска прво даде знак за прекин на опасноста: детонациите, кои жителите на Голанската висорамнина ги чуја во далечина, а кои доаѓаа од сириска територија од другата страна на анектираните подрачја, според сѐ потекнувале од борбите меѓу бунтовничките групи и сириската војска. Очигледно, неколку куршуми преминале преку границата и предизвикале помала штета на зградите на Мировните трупи на ОН. Но, судејќи според сѐ, станува збор само за залутани куршуми. Израелската војска исто така не можела да најде никакви проектили.  

Дали војската сепак решила да изведе противудар, е спорно. Новинските агенции цитираа извештаи, според кои Израел извршил напад врз сириски воени единици, при што животот го загубил еден сириски војник. Израелската војска негираше изведување ваков напад. Но, очигледно е дека војската претходно во слична прилика нападнала сириски позиции, за што пишуваше израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на извори во војската. Притоа, наводно, бил погоден сириски воен камион и два артилериски топа. И тука се зборуваше за реакција на заскитани куршуми на израелска територија. Во април, израелските воздушни сили на пукотниците од Голанската висорамнина одговориле со напад врз воздушна база во Дамаск.   

И во последниот случај Израел наводно воено реагирал. Притоа, како што тврди „Харец“, повикувајќи се на сириски медиуми, две лица го загубиле животот. По нападот, сириската војска објавила соопштение во кое се осудува израелската „агресија“ и се предупредува такво нешто да не се повтори.

Израелско-јорданска соработка

Залутаните куршуми и противнападите се јасен показател за напнатоста на ситуацијата во пограничното подрачје во северен Израел. Вниманието на војската не е насочено само кон Сирија, туку и кон границата со Либан. Од пред извесно време, известува „Харец“, Израел и Јордан тесно соработуваат на дипломатски план. Двете земји ја делат загриженоста дека Иран, со помош на својата Револуционерна гарда од Сирија, сѐ повеќе би можел да се приближи до границите на обете држави. И Хезболах, стравуваат тие, би можел, да искористи поволен момент за долгорочно да се позиционира во близина на границата на двете земји.  

Израел внимателно го следеше иранскиот ракетен напад од минатите недели врз позициите на терористичката организација Исламска држава. За нападот, меѓу другото, Иран користеше и ракети од видот Зулфикар, чиј домет е до 700 километри. Израелската војска е загрижена поради можноста либанската терористичка организација Хезболах да дојде до вакви ракети и да изврши напади врз израелски позиции.

Бунтовници ја ракетираат сириската армијаФотографија: Reuters/A. Al-Faqir

Пораките на ракетите

Нападот, според интернет-магазинот „Ал-Монитор“, кој цитира високорангиран неименуван израелски офицер, бил првенствено предупредување до сунитските борци во Сирија. „Но, пораката тука не се исцрпува, таа е упатена и кон целиот регион и тамошните актери, вклучувајќи ја и меѓународната коалиција предводена од САД и секако, Израелците.“

Исто така, се наведува, војската се погрижила за силно присуство на шиитски сили на сириско-ирачката граница. Тоа упатува дека претстои дополнителен чекор за создавање појас со кој владеат шиити, од Техеран до Средоземно Море.

Посебна улога во овој потфат очигледно игра Хезболах. На границата со Либан, Израел масивно, како што тврди „Ал-Монитор“, гради свои одбранбени позиции. Се подигаат бедеми, се градат ѕидови од цемент, нови патишта, се инсталираат радарски постројки. Истовремено, се врши спојување на командни единици, наново се опремува повеќеслоен систем на воздушна одбрана, се изведуваат вежби за евентуална војна.

Израел претпоставува дека Хезболах располага со високософистицирано оружје. Тоа на израелската армија силно би ѝ го отежнало изведувањето извиднички летови преку либанска територија.

Воени вежби во реални услови

Притоа Хезболах во минатите години, во текот на војната во Сирија, беше во можност да тренира илјадници борци во реални борбени услови. Во соработка со руските и иранските сили, тие можеа да ги надоградат своите технички и логистички способности и да ги подобрат заповедничките структури.

Но, Хезболах во прв ред го прошири подрачјето на своето дејствување, благодарејќи на присуството во Сирија. Неговата рака во догледно време би можела да стигнува до Голанската висорамнина. Тоа, како што изјави портпарол на Хезболах, значително ќе ја ослаби израелската одбрана: „Проширениот фронт ќе го принуди Израел своите трупи да ги подели на дополнителни подрачја, така што тие ќе бидат ослабени во случај на војна.“

Можности за спречување на конфликт

Но, сепак не мора да значи дека ќе дојде до конфронтација. Либан е заслабнат, не само поради двата милиона сириски бегалци кои ги прими кај себе. И во либанското општество расте отпор против нова војна на Хезболах против Израел.

Обратно, таква војна би го соочила Израел со мамутски предизвици. Отворено е колку војската може да го заштити цивилното население од ракетни напади. Освен тоа, на израелската војка ѝ недостига борбено искуство на Голанската висорамнина. Оттаму, многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека двете страни засега ќе избегнуваат војна.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми