1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан е пристрасен, вели Заев

Б. Георгиевски/ас/миа5 јуни 2015

Лидерот на СДСМ попладнево соопшти дека го откажува своето учество на состанокот закажан за 10 јуни во Брисел. Откажувањето доаѓа по изјавите на Хан дадени во Вашингтон.

Фотографија: DW/K. Blazevska

„Изјавите на европскиот комесар Јоханес Хан содржат елементи на пристрасност и се несоодветни во подготвителниот период пред одлучувачката средба во Брисел“, соопшти денеска лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, најавувајќи на тој начин дека го откажува своето учество на состанокот во Брисел на 10 јуни, на кој требаше да се донесат одлуки за излез од политичката криза во Македонија.

„Зачудува оценката на Хан, за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ/ОДИХР, ниту ЕУ досега не констатираа дека извештајот за изборите во РМ е позитивен“, изјави Заев.

Говорејќи на трибина организирана од Атланскиот совет во Вашингтон синоќа, Хан оцени дека последните парламентарни избори одржани во април 2014 година добиле позитивна оценка.

„Морам да кажам дека последните избори како и неколку претходно во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година", изјави Хан.

Јоханес Хан во СкопјеФотографија: MIA

Власта продолжува по старо

Според Заев, ваквата изјава на еврокомесарот не ги зема предвид ниту деталите од прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата, а кои говорат во прилог на „криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија организирани и спроведени од власта“.

Заев тврди дека освен што неговата партија била ставена во нерамноправна позиција за време на преговорите за разрешување на политичката криза, власта продолжува со притисокот врз него и врз останатите осомничени во „случајот Пуч“. По разговорите на 2 јуни кои ги водеше Хан, против Заев е подигнат уште еден обвинителен акт за наводно земање поткуп, а како што рече Заев, направена била и диверзија врз автомобилот на синот на Зоран Верушевски, како и нови претреси во домовите на притворените лица.

Хан во Вашингтон оцени дека скандалот со прислушувањето во Македонија не може да се игнорира и дополни дека од македонските политичари била прифатена неговата понуда со него да се справуваат „меѓународни експерти“.

„Ние сме на мислење дека треба да има двонасочно реакција на ова. Една е политичката и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии и така натаму. Но, ова исто така е криминален случај и тој со него треба да се справи на врз основа на меѓународните и европските стандарди“, рече Хан.

Македонската економија пред колапс

Хан тврди дека неговиот најсилен аргумент во разговорите со македонските политичари била заканата за одземање на препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ за Македонија.

Никола ГруевскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Веројатно ова беше најсилниот аргумент, затоа што се работеше за европската перспектива, а врзано со тоа е и евроатлантската перспектива, бидејќи НАТО води сметка за нашите проценки за стандардите во однос на владеењето на правото. Бев многу јасен дека доколку нема придвижување во јуни, не гледам шанса да и ‘се даде уште препорака на земјата во нашиот годишен извештај за напредокот“, рече Хан.

Тој исто така потенцира дека македонската економија веќе длабоко ги почувствувала последиците од политичката криза и оти странските инвеститори се повлекуваат од земјата.

„Проценката за економскиот раст за 2015 беше 4,5 проценти, но поради оваа домашна политичка криза проценката падна на нула (0) затоа што многу странски инвеститори ги запреа плановите за инвестиции. При невработеност од 27 проценти, која кај младите изнесува и повеќе од 50 проценти, и забрзан одлив на млади луѓе од земјата, владата ја сфати сериозноста на состојбата“, изјави европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во Вашингтон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми