Изјавите од Атина - доказ за ветото во Букурешт
22 март 2011Грција ја прекрши Привремената спогодба од 1995 година со тоа што стави вето на македонското членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, тврдеа претставниците на македонската страна на денешниот втор ден од усното презентирање на аргументите пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Правниот тим кој ја застапува Македонија се обидува да го убеди судот дека Атина го прекршила членот 11 од спогодбата, со кој и‘ се овозможува на Македонија да бара членство во меѓународни организации под привремената референца и без противење на Грција.
Во прилог на ваквото тврдење професорот по меѓународно право од американскиот универзитет „Џорџ Вашингтон“, Шон Марфи наведе редица изјави на високи грчки политичари, кои во пресрет на самитот најавуваа вето за македонското членство доколку не се прифати промена на уставното име на земјата.
„Високи грчки функционери се фалат дека ставиле вето, со што се докажува дека Грција го спречила консензусот на НАТО“, рече Марфи. Според него, Грција водела отворени, систематски дипломатски напори за да го спречи македонското членство во НАТО.
Отфрлени грчките тврдења
Марфи ги отфрли грчките тврдења дека противењето на Грција на македонското членство во НАТО е резултат на немањето добрососедски односи и постоењето иредентистички закани.
„Нема докази за иредентизам денес, освен изјавите на Грција“, оцени Марфи.
Белгискиот правник Пјер Клајн ги отфрли тврдењата на Атина дека во Букурешт не било во прашање вето од една држава, туку заедничка одлука на лидерите на Алијансата.
„На крајот на денот важно е дали се исполнети условите за членство. Предмет на овој случај не е одлуката на НАТО, туку одлуката на Грција да го блокира членството на Македонија која била донесена пред Самитот во Букурешт. Блокадата била најавувана, дури имало и фалби на грчки политичари за тоа, што претставува прекршување на членот 11 од Привремената спогодба“, рече Клајн.
Преговорите во ОН ќе продолжат
Македонскиот адвокатски тим го уверуваше судот дека идната одлука нема на ниту еден начин да влијае врз текот на преговорите за името меѓу двете земји кои се одвиваат под закрила на ОН. Од судот се бара со пресудата да ја обврзе Грција во иднина да го почитува членот 11 од Времената спогодба, со што на Македонија би и‘ се отворил патот за членство во евроатлантските организации, каде Атина е веќе членка.
Усното сослушување по тужбата на Македонија против Грција започна вчера со излагање на шефот на дипломатијата Антонио Милошоски. Македонската страна ќе финишира со изнесувањето на своите аргументи попладнево со излагањето на професорката Женевјев Бастид Бурдо.
В четврток и петок (24 и 25 март)своите аргументи ќе ги образложи грчкиот адвокатски тим. Одлуката на судот се очекува наесен.
Автор: БГ/миа/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска