Американската влада има намера да ги зајакне рациите против илегалните доселеници во земјата. Сега околу 11 милиони луѓе стравуваат од протерување.
Реклама
Во упатството на американскиот министер за внатрешна безбедност Џон Кели наменето за службата за заштита на границата и за службите за странци се вели дека сите оние кои ги прекршиле законите за доселување подлежат на „извршни мерки“ кои се движат до протерување. Исклучоци од тоа може да се направат само во „екстремно ограничен број случаи“. Тоа се однесува пред сѐ на малолетните лица.
Во фокусот на протерувањата ќе бидат лицата кои во САД престојуваат илегално, кои се осудени поради некаков прекршок или злосторство или кои се само обвинети или осомничени. Сега засилено ќе се гонат и „илегалците“ кои во мандатот на Барак Обама не мораа особено да се грижат за својот престој во земјата.
Според проценките, во САД без документи живеат околу 11 милиони луѓе. Околу половината од нив се Мексиканци. Борбата против илегалното доселување беше централно предизборно ветување на новиот американски претседател Доналд Трамп. Во текот на спроведените рации минатата недела, уапсени беа повеќе од 680 лица без документи. Кај 75 проценти од нив станува збор за осудени сторители на кривични дела, се вели од Министерството за внатрешна безбедност. Ваквите рации, меѓутоа, Министерството ги оцени како рутински. И во мандатот на Обама, во текот на изминатите години постојано се спроведуваа вакви рации. Новите насоки сега отвораат врати за масовни протерувања.
Министерот за внатрешна безбедност Џон Кели укажа дека службите за странци и за заштита на границата треба да вработат уште 15.000 лица. Тој најави дека неговото министерство веднаш почнува со плановите за изградба на ѕидот кон Мексико. Кели и министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон денеска треба да отпатуваат за Мексико. Јужниот сосед досега отфрла да учествува во финансирањето на ѕидот.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.