1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Циркузијадата на ден Илинден

3 август 2021

Кога не можеме да одбележиме заедничка достоинствена прослава на Илинден, нарекувајќи ја циркуска церемонија, зошто им се лутиме на тие што знаат како да го направат тоа како дел и од нивната историја? Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

На секој голем државен празник, кога политичките партии го присвојуваат само за себе и кога самонаречените лидери си испраќаат тешки навреди, притоа повикувајќи ги своите симпатизери на лажно единство, оти само тие се нивниот „народ“, кога како на фудбалски стадиони партиските навивачи ги исвиркуваат говорниците, било да е претседател на државата, премиер, министер, кога жално се снеубавуваат прославите на светлите датуми од поновата и од подалечната историја, кога примитивизмот, провинцијализмот и сеирот се главната медиумска вест, пред очите ми се појавува една слика, длабоко врежана во мојата свест на која бев сведок пред повеќе од 20 години.

Тоа е вистинската приказна за Денот на булката која одамна сум ја раскажал, но овојпат изливите на бес на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторно ме „принудија“ да ја раскажам затоа што централната прослава на Илинден ја нарече „циркузантска церемонија“. Мицкоски, универзитетски професор и партиски лидер, е ифрит лут само затоа што претседателот на државата Стево Пендаровски не одржал традиционален говор на Мечкин камен во Крушево, туку се одлучил за еден нов современ пристап кон празникот, да демонстрира зедништво примерно на големиот историски датум кој се совпаѓа и со 118-годишнината од Илинденското востание и со 77-годишнината на основањето на првата современа македонска држава Федерална Република Македонија. Тешко е да се поверува дека само за тоа е толку очаен и бесен Мицкоски. Повеќе верувам дека им се расипа некоја традиционална партиска активност на Мечкин Камен.

Денот на булката

Еве ја таа сторија, чинам многу поучна за нашата тажна реалност која ни се повторува и на ден Илинден и на 11 Октомври и на 8 септември, секогаш, во  организација на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, грдите сцени од плукање на претседателот на државата Киро Глигоров со „непозната течност“ до „циркуската церемонија“ на претседателот Стево Пендаровски и редовно исвиркување на говорниците на политичките противници е задолжителната срамна слика на лажниот патриотизам. Еве го моето сведоштво одамна забележано, кое до ден-денес со ништо не е променето.   

Сите граѓани на Кралството Велика Британија знаат што значи Денот на булката. Poppy day. Ја имав таа можност, како гостин на британската влада  на тој ден, 11 ноември, пред повеќе години, да бидам  во Лондон и да видам одблизу како се негува традицијата и патриотизмот и како Англичаните им оддаваат почит на сите загинати, ранети војници и учесници во сите војни на сите меридијани во светот каде што Обединетото кралство водело, или води војни и учествува во мировни мисии. Почитта кон тие што со својот живот и со своја крв ја задолжиле Британија е многу поучен за сите нас, особено овие денови, кога го прославивме Илинден, Денот на востанието и на АСНОМ, кога наместо достојна благодарност кон основачите на македонската држава, презентиравме партиска и политичка претстава и срамно лицемерие.

Нејсе, да видиме како го прават тоа Англичаните, а како ние. На 11 Ноември, меморијалниот Ден за почит на јунаците, датумот е земен како синоним на крајот на Првата светска војна, во Кралството Велика Британија денот осамнува со црвена булка на сите ревери кај речиси сите граѓани. На улиците, во продавниците, на станиците во метроата, аеродромите, ви приоѓаат ученици и хуманитарни активисти, кои ви закачуваат на реверот мало вештачко цветче - црвена булка, а вие во касата за таа пригода оставате скромен прилог. Тој ден на сите официјални манифестации, седници и свечености, сите на реверот ја имаат булката. Тој мал детаљ е „задолжителен“ и за јавните настапи на политичарите, новинарите, уметниците, лордовите, сенаторите и другите великодостојници, благородници, јавни личности и обичните граѓани. Кралицата и кралскиот двор, принцовите и принцезите осамнуваат со црвена булка на реверот.

На официјалната церемонија, нејзиното височество, кралицата Елизабета, пред споменикот на паднатите борци поставува венче од булки, а од нејзината лева и десна страна, според строгиот протокол, се редат политичките лидери од власта и од опозицијата, големите и славни личности како што налага кралскиот дневен ред напишан пред повеќе од еден век.

По неколку дена се објавува кратка вест дека во касите се слеале, колку што паметам, десетина милиони фунти и не знам колку пени, пари, кои, пак, според строгите критериуми, се во најголем дел наменети за воените инвалиди, семејствата на загинатите во војните. Тогаш беа актуелни жртвите од Фокландската војна, Ирак и Авганистан и разни други мисии каде што биле присутни британските војници.
Се разбира, тоа е манифестацискиот свечен меморијален и достоинствен дел на изразување почит. Суштината е многу подлабока и почнува со воспитниот процес уште од проодувањето и од изречувањето на првите зборови, што се вели од пелени. Потоа, низ целиот систем на образование и битисување на кој било дел од територијата на Велика Британија, традицијата станува составен дел на животот, а респектот и пиететот кон жртвите од Првата, Втората светска војна и од сите други воени жаришта и кризи каде што учествувале граѓани и војници на Британија, е, всушност, најголемата заштита на Обединетото Кралство.

Други колумни од авторот:

Кукавичките јајца на Никола Груевски

Удавени во стогодишни води и заблуди

Неосвестени Бугари и одродени Македонци

Нема потреба од вета кога самите се блокираме

Прашањето ми е не дали можеме да ги копираме Британците, туку што е тоа што не ни дава достионствено и заеднички да ги негуваме и одбележуваме историските датуми. Толку ли е тешко во Македонија да се направи строг државен протокол како  ќе се прославуваат државните празници, кој ќе држи говор на централната свеченост, каде ќе седат претставниците на власта и на опозицијата, преживени борци, верски великодостојници, каква програма ќе уследи за тоа да биде вистински празник и примерно оддолжување на жртвите кои ги ставиле своите животи во темелите на државата. Од државата велат дека таков протокол има, но не се почитува.

Очигледно, штом цели 30 години не сме успеале да ги надминеме основните морални норми како заеднички и достоинствено да им се оддолжуваме на заслужните дејци и на жртвите за Македонија, кога самите си ја обезвреднуваме сопствената историја за која толку лицемерно се удираат во гради нашите големи патриоти, проблемот е многу поголем и подлабок од пишување протокол за прослави на големите датуми. Кога ги гледаме и слушаме навредите и разликите во пораките  по повод одбележувањето на историските датуми, искажани како предизборни пропаганди на сметка на државноста, човек со здрав разум не може, а да не дојде до болното сознание што им треба на Бугарите и на Грците да ни ставаат вета за нашите евроинтеграции и да бараат ревизија на нашата историја. Треба да нѐ остават сами и да гледаат сеир какви сѐ блокади ние самите ќе си поставиме, од кои не ќе можеме да мрднеме од место. Кога не можеме да одбележиме заедничка прослава на Илинден како што доликува на тој датум, нарекувајќи ја „циркуска церемонија“, зошто тогаш им се лутиме на тие што тоа знаат како да го направат како дел и од нивната историја?    

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми