1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влатко Ѓорчев ги координира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

26 декември 2017

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претпладнево ќе решаваат дали ќе го следат годишното обраќање на претседателот Иванов, а во наредните денови - и дали ќе се вклучат во работата на парламентот, која досега ја бојкотираа

Vlatko Gorcev
Фотографија: DW/P.Stojanovski

Илија Димовски, досегашниот координатор на пратеничките групи на ВМРО - ДПМНЕ во парламентот, вчера на свое барање се повлекол од таа позиција, потврдуваат за ДВ пратеници на оваа партија. Нов координатор ќе биде Влатко Ѓорчев, а таа позиција се очекува да биде официјализирана денеска. Илија Димовски вчера не беше достапен да ја образложи одлуката, која уследи непосредно по изборот на новиот претседател на партијата, Христијан Мицкоски, на Конгрес за кој Димовски и голем број партиски членови бараа одложување, но Извршниот Комитет не им го прифати тоа барање.

Повеќе на темата:

-И Мицкоски ја препознал новата можност, но како?

-Најголема демократска и делегатска ерозија во историјата на ВМРО-ДПМНЕ

-Бунт во Белата палата: Вмровците против „манџуриски кандидат“

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека вчера во парламентотот Димовски самиот им соопштил дека во наредниот период повеќе нема да биде координатор на пратеничката група, дека одлуката ја донел саминицијативно и без никакви притисоци, и на сите им се заблагодарил за досегашната соработка.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Наскоро одлука

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за ДВ изјави дека до синоќа до него не стигнало никакво известување дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат нов координатор.

„Се очекува тоа да се официјализира денеска, а навреме ќе биде известено и Собранието и јавноста“, велат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Претпладнево тие ќе решаваат и дали ќе го следат годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов кое ќе започне точно напладне. Велат дека во наредните денови ќе ја донесат и главната одлука - дали повторно ќе се вклучат во работата на парламентот која досега ја бојкотираа, во знак на протест против притворањето на шесте нивни пратеници и други лица осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27-ми април. 

„Мора внимателно да ги донесеме сите одлуки. Во моментов не можеме да кажеме кој став преовладува - дали за враќање во парламентот или за натамошен бојкот. Состојбата не е добра, во општеството владее страв, на сцена се притисоци и притвори за наши членови. Ништо не е како што треба ни во општеството, ни во партијата, ни во пратеничката група“, со резигнација велат некои од пратениците.   

Фотографија: MIA

Формално десет, неформално една

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ засега немаат јасен одговор дали и понатаму ќе функционираат во повеќе пратенички групи или во една. „Формално се уште постојат десет пратенички групи, но неформално функционираме како една“, велат тие. 

Во јули годинава тие формираа десет пратенички групи и за тоа го известија претседателот на Собранието. Тогаш се повикаа на членот 33 од Деловникот за работа на Собранието, според кој, една парламентарна група треба да има најмалку пет пратеници, вклучувајќи го координаторот и неговите двајца заменици. Таквото фрагментирање беше направено со цел десеткратно да си ја зголемат можноста за што повеќе процедурални можности за говори, реплики, контра-реплики и барања за паузи. За илустрација, со правото секоја нивна пратеничка група да побара пауза од еден час, претседателот на Собранието требаше да им одобри вкупно 10 часови пауза дневно. Во историјата на законодавниот дом на Македонија за првпат се случи да се формираат десет парламентарни групи во рамките на една коалиција. Од парламентарното мнозинство тогаш изјавија дека без оглед што Деловникот им дава таква можност, јасно е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната коалиција формираат десет пратенички групи со цел да ја блокираат и одолговлекуваат работатата на парламентот, и ги повикаа да ја преиспитаат одлуката.

Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Но, во ВМРО-ДПМНЕ не ја сменија одлуката. Кординатор на првата пратеничка група стана Илија Димовски, на втората Антонио Милошоски, на третата Зоран Илиоски, на четвртата Владанка Авировиќ, на петтата Даниела Рангелова, на шестата Панчо Минов, на седмата Димитар Стевананџија, на осмата Драган Данев, на деветата Благица Ласовска и на десетата Драган Цуклев. Координатор на сите десет пратенички групи беше искусниот Илија Димовски, со пратенички стаж од 2006 година, кој во парламентот важи за вреден пратеник и вешт и талентиран говорник.

Но, покрај вчерашното повлекување на Димовски од позицијата координатор, во меѓувреме се намали и бројот на пратеници на опозициската коалиција. Неа ја напуштија Чедомир Саздовски (ГРОМ) и Амди Бајрам (Сојуз на Ромите), а Панчо Минов (ГРОМ) кој се вклучи во работата на парламентот спротивно на одлуката за бојкот, се оправда дека не ја напушта коалицијата, туку дека „само си ја врши работата како пратеник“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми