Илјадници во бегство пред пожарите во Калифорнија
17 август 2016Повеќе од 82.600 луѓе се евакуирани поради пожарот кој изби источно од Лос Анџелес, во американската сојузна држава Калифорнија, а гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, прогласи вонредна состојба, соопштија денес локалните власти.
Загрозени се околу 34.500 домови, а вонредна состојба е прогласена во областа Сан Бернардино, околу 100 километри источно од Лос Анџелес, се наведува на информативниот сајт Инчивеб.
Неколку дестици згради се уништени, а во борбата со пожарот се вклучени сите владини агенции во Калифорнија. Властите наредија евакуација на над 82.600 луѓе, а затворен е и главниот автопат помеѓу Лос Анџелес и Лас Вегас.
Огнената стихија изби во планинскиот премин Кахон и продолжи да се шири со голема брзина во неколку насоки зафаќајќи и околу 30.000 хектари шума.
Катастрофални пожари зачестија во последните неколку недели во Калифорнија, каде надвор од контрола излегоа 6 од вкупно 20 пожари, колку што избија ширум САД. Сувото време и топлотниот бран со температури преку 35 степени, дополнително ја отежнуваат работата на калифорниските пожарникарски служби и другите спасувачки екипи.