Илјадници луѓе на собирот против антисемитизмот во Берлин
14 септември 2014За време на демонстрацијата, која се одвиваше под мотото: „Застани! Никогаш повеќе омраза кон Евреите!“, Грауман изјави: „Што е доволно, доволно е!“ Евреите во Германија не сакаат да дозволат во Германија да избие нов бран антисемитизам.
Тој рече дека никогаш во животот не можел да си замисли дека ќе мора да протестира против антисемитизам во Германија. По „најлошите антисемитски пароли на германските улици од пред многу децении“ ова е сепак неопходно.
Пред насобраните илјадници учесници тој додаде: „Тука сме за заедно и едногласно да покажеме: Нема место за омраза кон Евреите!“ Со оглед на последните вербални напади и насилни деликти, Грауман оцени дека било полошо и од нивните „сопствени кошмари“.
Тој порача дека Евреите се единствени кога се работи за поддршката на Израел и оти тие не треба за тоа да се извинуваат. Грауман порача дека кога се работи за правото на егзистенција на Израел Евреите не се неутрални. „Ние сме страна“, рече Грауман. Онаму каде што почнува безбедноста на Израел, завршува неутралноста на Евреите, рече Претседателот на „Централниот совет на Евреите“ во Германија.
На собирот пред Бранденбуршката порта во Берлин зборуваше и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа во говорот најостро ја осуди „секоја форма на антисемитизам во Германија и Европа“. Меркел рече дека е „огромен скандал“ тоа што некој во денешно време е вознемируван само поради неговата верска припадност кон еврејската религија. Германската канцеларка нагласи дека властите во земјата со сета сила ќе се борат против антисемитистичките закани и насилства.
Почесен гостин на собирот во Берлин беше германскиот сојузен претседател Јоахим Гаук. Повод за собирот беше бранот на јавно изразена омраза кон Евреите во Германија, како реакција на конфликтот во Појасот Газа. Учесниците на пропалестинските собири повеќе пати извикуваа антисемитски пароли. Луѓето кои беа препознавани како Евреи беа дури и телесно нападнати. Напади беа извршени и врз синагоги и еврејски гробишта.
Денешниот (14.09) собир во германскиот главен град дојде речиси седум децении по крајот на Втората светска војна, во која од страна на нацистите беа убиени шест милиони Евреи.