Илјадници починати поради горештините во последните години
Кристијан Валц
2 јули 2022
Кога е навистина жешко, може да биде опасно по живот, особено за постарите луѓе. Ова го потврдува новата германска анализа на починати поради големи горештини.
Реклама
Високите летни температури во Германија во периодот помеѓу 2018 и 2020 година довеле до повеќе од 19.000 смртни случаи, покажува студија на институтот „Роберт Кох“ (РКИ), Германската метеоролошка служба (ДВД) и Сојузната служба за животна средина, која сега ја објави весникот на германските лекари „Deutsches Ärzteblatt".
Бидејќи топлината ретко се споменува како директна причина за смрт, експертите користеле статистички модели за да го проценат бројот на смртни случаи од топлина. Се покажало дека во 2018 година имало околу 8.700 смртни случаи. Тоа лето е второто најтопло лето од почетокот на мерење на температурите во 1881 година. Бројката е „со слична големина како во 1994 и 2003 година, кои се сметаат за години на историски големи горештини (со по околу 10.000 смртни случаи)“.
Се проценува дека во 2019 година имало 6.900 смртни случаи поврзани со топлина, а во 2020 година - околу 3.700 смртни случаи. Во сите германски региони - север, центар и југ - најтешко е погодена возрасната група над 85 години. Во изминатата година не е забележан значителен пораст на смртноста поради горештините.
Човекот се прилагодува
Од 1992-та, година која се зема за почеток на истражувањето, до денес, влијанието на високите температури врз смртноста е благо намалено. Ова укажува на одредена адаптација на луѓето на топлината. „На пример, се менува индивидуалното однесување преку зголемена свесност, како што е носење лесна облека, пиење доволно течности или одење на места под сенка или климатизирани простории.“
Сепак, годините од 2018-тата до 2020-тата покажуваат дека „горештините и натаму претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето во Германија“. Авторите на студијата бараат значително подобрување на справувањето со топлотните бранови. Пред сè, важно е „соодветно да се заштитат ранливите групи на население“.
Топлотен бран во западна Европа: Последица на климатските промени?
Германија и западна Европа се погодени од топлотен бран со високи температури. Некогаш невообичаени, ваквите топлотни бранови и други екстремни појави станаа редовни. Како климатските промени се одразуваат во Европа?
Фотографија: picture-alliance/S. Ziese
Рекордни топлотни бранови
Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.
Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina
Шумски пожари во Шпанија
Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.
Фотографија: Reuters/B. Suarez
Германските шуми изумираат
Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey
Исчезнуваат глечерите на Алпите
Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.
Фотографија: AFP/F. Coffrini
Сушата влијае врз производството на храна
Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.