1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку пасоши имаат македонските политичари

ДТЗ /ДВ
15 декември 2020

Прашањето деновиве беше отворено во колумни на двајца новинари. На повикот прв се одзва вицепремиерот Никола Димитров. „Имам само македонско државјанство“, вели тој

Bulgarien Bulgarischer Pass
Фотографија: BGNES

Колку пасоши поседуваат македонски политичари? Ова прашање деновиве го постави долгогодишниот новинар Горан Михајловски во својата колумна „Сакам да кажам“, а идејата ја поддржа и новинарот Сашо Ордановски. Тие се последните во низата од оние кои бараат сите пратеници, а и политичари, јавно да ги декларираат своите двојни или тројни државјанства коишто ги поседуваат. На повикот да одговорат колкумина од политичарите имаат резервна држава, се одзва вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Тој е дециден дека има само македонско државјанство, но се согласува  дека граѓаните имаат право да знаат колку пасоши имаат политичарите. 

-повеќе на темата: Германија: Двојното државјанство на удар

„Поттикнат од иницијативата на Горан Михајловски во ‘сакамдакажам.мк’, јавно соопштувам дека немам и никогаш не сум имал друго државјанство покрај македонското. Сметам дека граѓаните имаат право да знаат ‘колку (и какви) пасоши’ имаат политичарите“, објави Димитров на Фејсбук. 

Резервна држава

„Како што е важно со колку пари си влегол во политиката и колку пари си направил додека си во политика па пријавуваш имот во Антикорупциска комисија, исто така е важно и со колку пасоши си влегол во политиката“, пишува Михајловски во колумната насловена „Тази ЕУ“. 

-повеќе на темата:ЕУ сака да ја запре продажбата на пасоши

Михајловски во изјава за Дојче веле ја образложува својата идеја. „Не зборуваме за обични граѓани со двојни државјанства што не носат одлуки за официјалната државна политика. Зборуваме за избрани функционери од чии одлуки ни зависат животите. Би било фер да знаеме дали пратеници, министри, градоначалници... што ги носат одлуките во наше име имаат резервна држава, за разлика од нас што имаме само една држава. Може ќе направи криминал во оваа држава и ќе се скрие во резервната држава. Не судам“, вели тој.

Во последните десет години речиси 66 илјади Македонци добиле бугарско државјанствоФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Михајловски додава дека не го интересираат мотивите зошто некој има друг пасош. „Не мора ни да им се забрани да станат функционери. Едноставно, само сакам како гласач да си знам за кого гласам, да си направам проценка за ликот на кого треба да му дадам доверба во мое име да ја води мојата држава“, додава тој.

Транспарентност

Сашо Орданоски, во својата колумна „Антонио Милошоски е на потег“ се надоврзува на проблематиката: „Во Македонија не е забрането – напротив, за мала земја како нашата, мислам дека е и логично, а и пожелно кој сака и кој може да има и друго државјанство, заради разни практични и семејни причини – но транспарентноста на тие статуси е неопходна кога се работи за избрани или именувани функционери“. 

- повеќе на темата: За бугарски пасош Македонците плаќале по 1.000 евра!

Според него, како што треба да имаме транспарентен увид во каталогот на сопственост на фунцкионерите и на динамиката со која се збогатуваат (или осиромашуваат) за време на извршувањето на своите функции (што е одамна уредено со закон), не е помалку важно јавноста да знае кој од нив поседува други (и чии) државјанства, особено кога извршуваат функции кои имаат внатрешни и надворешни импликации (не само политички, често и легални) што одат со отчетноста на таквите позиции.

Владата ќе размисли за законски измени

На прес-конференција по повод 100 дена Влада, премиерот Зоран Заев рече дека Владата досега не размислувала, ниту планирала да донесе законски измени со кои сите државни функционери ќе мораат да пријават дали покрај македонското имаат и друго државјанство, но додаде дека ќе го разгледаат ова прашање. 

-повеќе на темата: За 10 години 66 илјади Македонци земале бугарско државјанство

Бугарскиот весник „Дневник“ на 11 декември објави дека во последните десет години речиси 66 илјади Македонци добиле бугарско државјанство, пренесувајќи ја изјавата на бугарската министерка за правда Десислава Ахладова во бугарскиот парламент, како одговор на пратеничко прашање. Во сите случаи, основата за доделување на државјанство е доказ за бугарско потекло. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германски „Велт“ кажа дека 88.450 Македонци добиле бугарски пасоши во изминативе 10 години.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми