1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има елементи за отворање на нова истрага за смртта на Борис Трајковски

21 ноември 2007

Швајцарскиот парламентарец Андреас Грос во извештајот за несреќата во која загина претседателот Борис Трајковски забележува дека падот на Кингерот бил веројатно несреќен случај во кој не се одговорни само пилотите.

Борис ТрајковскиФотографија: AP

Во извештајот до кој дојде Дојче Веле ден пред расправата во бирото на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, се наведува дека, наспроти заклучоците на официјалната истрага, одговорност за несреќата можат да имаат и силите на СФОР. Пред се во нивната небрежност,која можеби довела до неоткривање на вистинските причини за несреќата.

Извештајот на Андреас Грос наликува на полициска истрага. Уште на почетокот тој нагласува дека е потребно и натаму да се води истрага за да се разјаснат причините за падот на авионот, при што животот го загуби претседателот Борис Трајковски и осум други лица. Тоа, според швајцарскиот парламентарец го сакале и политичките раководители на земјата, без разлика на нивната политичка припадност.

Противречности во истрагата

Известувачот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, не нашол групи или лица во Македонија и странство кои би имале сериозни причини да го убијат претседателот Трајковски.

Од друга страна, тој е изненаден од некохерентноста и противречностите во официјалната истрага за причините на несреќата. За Андреас Грос посебно е спорен делот кој се однесува на првите 24-26 часови по несреќата - времето кое беше потребно да се најде авионот. Тој поставува многу прашања и за контроверзните информации околу минираниот терен, разменетите факсови меѓу босанските и македонските власти, односно за сомневањата дека авионот бил пронајден многу порано отколку што тоа го тврди официјалната везрија.

Швајцарскиот социјалист го поставува прашањето и за состојбата на патниците на авионот и нивните лични предмети, од кои некои беа јагленосани, додека другите беа поштедени од огнот. Исто така и исчезнувањето на 18 секунди од снимката на црната кутија на авионот, за што тој смета дека е потребна нејзина повторна експертиза. Во официјалниот извештај не стои дали францускиот контролор на летање бил сослушан од истражните органи.

Потребна е нова истрага

Овие елементи според Андреас Грос, заслужуваат да бидат испитани во една нова истрага. Тој е изненаден и поради тоа што македонските парламентарци не оценија дека е потребно да се формира истражна комисија. Затоа тој бара една нова и солидна истрага, која ќе ги расветли околностите за смртта на претседателот Борис Трајковски.

Истрагата според Грос ќе дозволи да се стави крај на гласините што само ќе дозволи да се зацврсти демократската легитимност на младата република. Грос советува на македонската истражна комисија да и се придружи еден член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, со што ќе се отворат вратите на НАТО и СФОР. Ова поради специфичната ситуација на Македонија кон НАТО.

Бирото на ПС на СЕ во Братсилава ќе одлучи каков тек ќе му даде на извештајот на Андреас Грос.

Тони Гламчевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми