1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Има ли во Русија "православни талибанци"?

Роман Гончаренко
8 септември 2017

По подметнувањето пожар во кино во Екатеринбург, протестите против еден филм се закануваат да прераснат во насилство. Некои зборуваат за „православен екстремизам". Државниот врв во Русија се чини не е загрижен.

Russland Prozession zu Ehren Kaiser Nikolaus II
Фотографија: picture-alliance/Tass/Donat Sorokin

Константин Добринин нема влакна на јазикот. „Пред наши очи се формира фундаменталистичка религиозна терористичка организација која ниту има врска со руската традиција, ниту пак со вистинското православие", постираше адвокатот на рускиот режисер Алексеј Учител на неговиот Фејсбук профил. Добринин побара од државата и од руската православна црква да го осудат и уништат „екстремистичкиот фронт".

Како исламисти во Европа

Повод беше случка од 4-ти септември годинава во четвртиот по големина руски град, Екатеринбург. На снимките од безбедносните камери се гледа како комбе влегува во влезната врата на киното „Космос", возачот излегува и очигледно намерно подметнува пожар во возилото. Според некои информации, во него се наоѓале и поголеми плински боци кои не експлодирале.

Во пожарот немаше посериозно повредени. Осомничениот подметнувач на пожарот е очигледно ментално хендикепиран маж од соседството. Од истрагата го товарат 39-годишниот со намерно подметнување пожар, за што му се закануваат до пет години затвор. Нема информации дека би бил обвинет и за екстремизам.

Нападот потсетува на методите на исламистите, кои во Европа извршуваат смртоносни напади со автомобили-бомби. Градоначалникот на Екатеринбург, Леонид Ројсман, на Твитер пиша за „терористички напад" и претпоставува дека постои поврзаност со протестите против новиот историски филм на Алексеј Учител, „Матилда", во кој се расправа за љубовта на идниот руски цар Николај II со една балерина. Локални медиуми објавија видео во кое осомничениот подметнувач на пожарот учествува на еден таков протест.

Скандал поради „Матилда"

Филмот „Матилда" треба да се прикажува дури кон крајот на октомври во руските кина, но веќе со месеци на назад е предмет на протести. Неофицијален лидер на протестите е пратеничката од руската Дума Наталија Поклонскаја. Таа и нејзините следбеници му префрлаат на режисерот дека го урнисува споменот на последниот цар, кого Руската православна црква го прогласи за светец. „Матилда" не беше на програмата на киното, но тоа се наоѓа веднаш до катедралата која е изградена на местото каде царот и целата негова фамилија биле погубени од болшевистите во 1918 година.

Пожарот се случи неколку дена откако во Санкт Петербург непознати лица нападнаа студио на режисерот Алексеј Учител со молотови коктели. Сторителите сѐ уште не се пронајдени.

Фотографија: picture alliance/RIA Novosti/Kryazhev

Демолирани скулптури, запоставени жртви

Некои во Русија ги опишуваат настаните поврзани со филмот како дело на „православни талибанци". Сѐ почесто има случаи во кои сторителите кои самите се нарекуваат „православни активисти" протестираат не само против уметници или уметнички објекти, туку се закануваат и применуваат и насилство.

Еден весник од Екатеринбург уште во 2014 година предупредуваше од „религиозна цензура" во Русија. Повод тогаш беа откажаните концерти на западни хевиметал бендови, протести против театарски претстави и изложби поврзани со Исус. Сето ова се случи по законските измени кои предвидуваат затворска казна за „повреда на религиозните чувства".

Особено богата со настани беше 2015 година. Во Новосибирск беше откажана опера на Вагнер откако православни активисти се пожалија. Во Москва членовите на православна група која се нарекува „Божја волја" уништија скулптури на изложба на модерна уметност. Во Санкт Петербург беше уништена фигура на фасадата од зграда заштитена како културно наследство.

Грешни споредби

Николај Митрокин, експерт за православие на Институтот за Источна Европа од Бремен, во последните настани околу филмот „Матилда" препознава тенденција. „Тоа е продолжение на сѐ што се случува во Русија во изминатите 20 години - неказнети активности на екстремисти кои православната вера ја користат како оправдание за нивните дела", вели Митрокин во разговор за ДВ. Тој проценува дека станува збор за неколку илјади луѓе кои се организирани во различни групи и секти. „Филмот 'Матилда' задира во интересите на голема група монархисти", вели Митрокин. „Царското семејство за нив е објект на обожување. Тие покажуваат незадоволство штом насетат опасност од унакажување на имиџот".

Споредба меѓу нив и радикално-исламистичките талибанци или пак терористичката Исламска држава според него води до погрешен правец. „Талибанците и Исламистичка држава се централистички организации кои имаат голема поддршка", вели експертот: „Во Русија ова движење има маргинална поддршка кај населението, лошо се структурирани и немаат водач".

Професорот Јоахим Виленс од универзитетот во Олденбург, инаку експерт за религиозни прашања и познавач на приликите во Русија, вели дека споредбата со талибанците е погрешна. „Исламска држава зазема големи делови од различни држави на Блискиот Исток и изгради квази-државни структури, со даноци и училишта. Не е споредливо со тоа штое случува во Русија", вели Вилемс за ДВ.

Фотографија: Rock Film

„Некои мислат дека смеат сè "

„Проблемот е во тоа што црковниот врв од една страна се дистанцира од насилство, од друга страна и тие и политичкиот врв ставаат до знаење дека тоа што се случува во форма на насилство е всушност на иста линија со нивните интереси", вели Вилемс. Тој интерес е разграничување на една „патриотска, скромна и православна Русија" од западот.

„Тоа се историски претстави кои се во основа на ваквите чинови на насилство", вели експертот.

Православната црква во Екатеринбург го осуди подметнувањето пожар и ги критикуваше оние кои сакаат да извлечат поврзаност меѓу делото и критичкиот став кон филмот „Матилда" од страна на православната јавност.

Николај Митрокин причината за зголеменото насилство од страна на православни активисти ја гледа во тоа што остануваат неказнети. Рускиот претседател Владимир Путин пак е убеден дека црквата „ќе му обезбеди масовна поддршка, што е илузија", вели Митрокин. Опасната последица: „Некои мислат дека сè им е дозволено".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми