1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли ЕУ понуда која БиХ не може да ја одбие?

Марина Максимовиќ/ Жана Ацеска5 декември 2014

ЕУ е спремна со „нови очи“ да ја согледа ситуацијата во БиХ и да преземе нови потези за да и‘ помогне на земјата да тргне напред. За возврат очекува сериозност и одговорност од политичката елита на БиХ.

Symbolbild Flaggen Relaunch
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Европската унија е согласна во намерата да и‘ даде на БиХ нова шанса да почне да се движи по патот на реформите и евроинтеграцијата. Заедничката посета на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини и европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан е знак за европска поддршка за Босна и Херцеговина, но и тест. „Имаме јасен мандат да ја тестираме политичката волја на новоизбраното раководство и неговата подготвеност на вклучување во процеси кои не се формални, туку суштински и кои ќе ни помогнат да тргнеме напред“, порача високата европска претставничка.

Кога е во прашање БиХ, во Брисел постои консензус по неколку прашања. Првото е дека на земјата треба да и‘ се даде нова шанса. Сите се согласуваат и околу фактот дека моменталниот „статус кво“ во оваа земја е недопустлив. Меѓутоа, додека во БиХ многумина очекуваат европските официјални лица да дојдат со „готова понуда“, која првенствено се согледува во германско-британската иницијатива, во ЕУ велат дека, тој предлог е само еден од многуте кои се‘ уште се разгледуваат кога станува збор за новиот европски пристап во политичкиот и економскиот јазол во таа земја: „Ќе се состанеме со новоизбраните членови во Претседателството, политичките лидери, претставниците на граѓанското општество и личностите од бизнис круговите во БиХ. Ќе ги сослушаме и ќе ги повикаме да дејствуваат. ЕУ е спремна со нови очи да ја согледа ситуацијата во БиХ и кои би биле тие нови чекори, но, под услов да добие сериозен одговор од политичките лидери и институциите во земјата“, изјави комесарот Јоханес Хан. Такашто, на истото прашање, во очекување на овие посети, европските официјални лица ќе одговорат дека првенствено се надеваат на добри вести кои ги чекаат во Сараево.

Колкава е европската наивност во случајот со БиХ?

Во оценувањето на ситуацијата и тоа не само моменталната, во БиХ, во ЕУ, покрај зборот „застој“, „ограничен напредок“, или „политички јазол“, често може да се наиде на гестикулација која подразбира спуштање на рамената, немоќно ширење на рацете, па и повремено фаќање за глава на, инаку воздржаните европски дипломати и бирократи. Податоците од земјите се немилосрдни и тие зборуваат за најголемата стапка на невработеност меѓу младите во Европа, од дури 59 проценти. БиХ е втора со 28 проценти на вкупно невработени во Европа, а има и најниско ниво на квалитет на работно окружување, но и перцепција на корупцијата. Во Брисел конкретно се дефинираат најголемите проблеми на земјите поради непостоењето на политички консензус, преку комплицирани институционални структури, тешки општествено-економски ситуации и проблематично владеење на правото. Прашањето за уставните реформи кое важеше за услов на сите услови во целта на БиХ да се напредува, се покажа премногу комплицирано и контроверзно, барем во овој момент.

ЕУ вели дека приматот сега го става на областите кои на граѓаните на БиХ ќе им донесат неопходно подобрување на секојдневната егзистенција, како што е економското управување или реформите во правосудството. Во борбата за „новиот елан“ на патот на БиХ, ЕУ бара поддршка во новата стратегија, новите луѓе на највисоките позиции во Брисел, но и во новата власт во БиХ. Така, новоизбраниот еврокомесар за преговорите за проширување, излезе со нов, личен пристап кон ситуацијата во БиХ. „Многумина веќе беа сведоци на различните неуспешни обиди во БиХ и се чувствуваат обесхрабрени и во невозможна ситуација. Меѓутоа, во политичкиот и професионалниот живот човек мора да има минимална наивност за да може да ги поттурне работите. Она што нам ни е потребно, е таа мала наивност, за кога ќе се отворат вратите, ние да поминеме низ нив и тоа е она што јас ќе се обидам“, најави Јоханес Хан.

Компромисот како фундаментален предизвик во БиХ

Не е тајна дека БиХ во последните две децении беше „затрупана“ со добри намери и секогаш нови иницијативи. Најголемиот дел од нив пропадна, а некои дури и ја влошија ситуацијата поради фрустрацијата на граѓаните на БиХ но и на ЕУ, од уште еден неуспех. Затоа европските аналитичари го предупредуваат Брисел, овојпат, сепак да не биде наивен и да ја избегне истата замка. „Ако и оваа иницијатива не вроди плод, голем е ризикот дека ќе се најдеме во уште полоша позиција од онаа во којашто бевме“, предупредува директорот на центарот за јужноевропски студии од Грац, Флоријан Бибер. „Опасност е дека земјите членки на ЕУ тогаш ќе кренат раце и ќе кажат: Ние навистина се откажуваме! Од фундаментално значење е, политичките лидери во БиХ, кои најчесто имале други приоритети, а не евроинтеграцијата, да ги ставиме во позиција да не останат посветени на ЕУ само на зборови“, објаснува Бибер.

Пред својот пат во Босна и Херцеговина, Могерини и Хан порачаа дека од локалните лидери и новите власти очекуваат доказ за „сериозност во освојувањето на приоритетите“ кои се однесуваат на подобар живот на граѓаните и напредокот на земјите на европскиот пат. Европските политичари одново споменуваат барања за „заедничка визија во БиХ“, ги повикуваат лидерите на Босна и Херцеговина на „храброст во постигнувањето на компромисите“ и „одговорност за преминување на зборовите во дела“. Во ЕУ сите се согласуваат дека, постигнувањето компромис во БиХ е фундаментален предизвик. Останува уште да се види дали Европа научи како да ја покрене кај лидерите на Босна и Херцеговина досега непостоечката желба за компромис, односно дали дошла до понуда која во БиХ нема да можат да ја одбијат?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми