1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли Западен Балкан потреба од „Мини Шенген“?

Анила Шука
16 септември 2020

БиХ би требало да разговара за приклучување кон иницијативата „Мини Шенген“, а косовското учество остана спорно во Вашингтон, каде беше потпишан договор со Србија за економска нормализација на односите. За што се работи?

Nord-Mazedonien: Westbalkan Gipfel
Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама (од л. кон д.) на средба во Охрид, 10.11.2019Фотографија: Government of North Macedonia

Кога Србија, Албанија и Северна Македонија есента 2019-та ја претставија својата „Мини Шенген“-иницијатива, ЕУ само што повторно ги беше одложила преговорите со Албанија и Северна Македонија за приклучување. Со инцијативата на трите западнобалкански држави требаше да се создаде еден вид „мала ЕУ“ во Југоисточна Европа, регион во кој ќе има слободен проток на лица, услуги, стока и капитал.

Спроведувањето на иницијативата позната и под името „Балкански Шенген“ би требало да почне во 2021 година. Две држави од Западниот Балкан, кои досега не учествуваа - Црна Гора и Босна и Херцеговина, се и натаму неодлучни дали сакаат да бидат дел од сето тоа. Косово, кое исто така досега не учествуваше во „малата ЕУ“, според договорот постигнат во Вашингтон (4.9.2020), треба исто така да биде дел од „Мини Шенген“.

Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Хоти со американскиот претседател Трамп на церемонијата на потпишување на договорот од Вашингтон, 4.09.2020Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

По желба на САД

Најмладата европска држава досега стриктно ја отфрлаше иницијативата, затоа што стравуваше од српска доминација во регионот. Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по враќањето од Вашингтон, пред новинарите рече дека ќе се учествува поради категоричната желба на САД. „При имплементацијата ќе внимаваме да не бидат повредени нашите државни интереси“, рече Хоти.

Премиерот на соседна Албанија, Еди Рама, го поздрави договорот од Вашингтон: „Подобро подоцна, отколку никогаш! Благодарение на пријателска Америка!“, напиша Рама на Твитер. Притоа, нејасно е што всушност сакаат да постигнат САД со поддршката на „Мини Шенген“ иницијативата.

На Западниот Балкан веќе постојат иницијативи за регионална соработка. Тоа што оваа соработка, важна за приближување кон ЕУ, има поддршка од САД, е за поздравување, вели за ДВ Петер Бејер, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на ЦДУ и ополномоштеник на германската влада за трансатлантски односи.

Петер Бејер Фотографија: DW/A. Shuka

Бејер, кој е известувач во Бундестагот и Советот на Европа за косовско-српскиот дијалог додава дека „тоа е првично поттикнато пред години преку иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел и во годините кои следуваа е следено и интензивирано со супстанцијален успех“.

Регионален економски простор

Германската влада од 2014 година прави обиди преку „Берлинскиот процес“ да му понуди на Западен Балкан соодветна придружба на долгиот пат кон ЕУ. Во 2017 година шест земји од регионот - Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Србија, договорија повеќегодишен акциски план за заеднички економски простор. Како основа служи Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), чиј дел се сите шест западнобалкански држави.

Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), кој го надгледува спроведувањето на договорот, во интервју за ДВ изјави дека наспроти многуте тешкотии од политичка природа, има и напредок. Како пример таа ги наведероаминг-таксите на Западниот Балкан, кои треба да бидат постепено укинати до 2021 година.

Мајлинда БрегуФотографија: DW/A. Shuka

На наредниот самит, кој најверојатно ќе се одржи есенва во Софија, треба да се донесе и втор акциски план за создавање економска зона. „Тој предвидува интензивирање на соработката во дигитализацијата, инвестициите, мобилноста и туризмот“, вели Брегу.

Геополитичко значење

Какви предности нуди „Мини Шенген“ во споредба со ЦЕФТА? Досега нема ниту еден единствен документ за тоа, нагласува Ардијан Хачкај, директор на Истражувачкиот институт за соработка и развој (ЦДИ) во Тирана. На јавноста и’ е позната само заедничката изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, по средбата во Охрид во 2019 година, додава тој. Таму тројцата политичари нагласија дека „Мини Шенген“ е во целосна согласност со „Берлинскиот процес“.

Повеќе: 

Мини Шенген: Прв чекор до Балкан без граници

„Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица?

Балкански „мини Шенген“: Не сакаме нова Југославија, туку нов Балкан

Чудото од Балкан - наскоро „Мини - ЕУ“?

Додека ЕУ и Германија реагираа со воздржаност на „Балканскиот Шенген“, САД сигнализираа поддршка уште од почетокот. Утре (17.09.2020) и Босна и Херцеговина, која досега не е дел од иницијативата, по предлог на српскиот член на претседателството, Милорад Додик, ќе разговара за членство во „малата ЕУ“.

Додик го даде предлогот по средбата со пратеникот на американскиот Стејт Департмент за Балканот, Метју Палмер. Тој претходно во Берлин учествуваше на конференција на фондацијата „Конрад Аденауер“ со амбасадорите од западнобалканските држави. Според информации на ДВ, „Мини Шенген“ иницијативата таму не играла улога.

Ардијан Хачкај не исклучува дека „’Мини Шенген’ може да стане геополитички инструмент на САД со цел да се влијае врз ЕУ-интегративниот процес на западнобалканските држави, како и на разговорите помеѓу Косово и Србија“.

Модераторска улога за Европа

Валеска Еш од институтот Аспен Германија го критикува таквиот став. „Ако американската влада навистина сака супстанцијално да ја поддржи нормализацијата на односите помеѓу двете земји и нивното приближување кон ЕУ, таа треба да ги поддржи постоечките иницијативи, наместо слични иницијативи да ’продава’ како нови“, оцени таа во интервју за ДВ.

Мануел СарацинФотографија: DW/A. Feilcke

Соработката помеѓу ЕУ и САД, која ја посакуваат сите, речиси и не функционира откако на власт е претседателот Доналд Трамп. И косовско-српската средба на 4 септември била лошо подготвена и неусогласена со ЕУ, сметаат критичарите во Берлин.

Мануел Сарацин, пратеник на Зелените во германскиот Бундестаг и претседател на Друштвото за ЈИЕ, зборува за „неоколонијално мачо-шоу, кое и’ служи исклучиво на изборната кампања на Доналд Трамп“. Тој бара „ЕУ трајно да ја преземе својата модераторска улога“.

Ардијан Хачкај се сомнева дека ЕУ сама ќе ја оправда такавата улога. „Одлагањето на преговорите за приклучување со Северна Македонија и Албанија, како и спротивставувањето на граѓаните на Косово да им се дозволи долго ветуваната визна либерализација, ја чинеше ЕУ веродостојност во регионот“, оценува Хачкај и додава: „Без соработка со САД, ЕУ не може да спроведе трајни решенија на Балканот.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми