1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли надеж за Авганистан?

21 август 2006

Мир и стабилност. Тоа се очекуваше пет години по падот на Талибанците во Авганистан. Но, наместо тоа во земјата има подмолни напади, брутални убиства и борби кои ја направија оваа земја една од најкрвавите во светот. Кристоф Хајнцле ги сумира можностите и реалноста

Војници на ИСАФ во Авганистан
Војници на ИСАФ во АвганистанФотографија: AP

Околу 1800 луѓе се убиени во Авганистан, само годинава. Меѓу нив има многу Талибанци, но и авганистански војници или полицајци, невини цивили, како и 120 странски војници. Многу од нив ги загубија животите во лов на екстремисти на немирниот југ на земјата, каде Талибанците од пред една година се се поактивни. Но, и покрај сево ова портпаролот на американската војска во регионот Том Колинс зборува за напредок:

„Талибанците се потиснати од сите подрачја кои се обидоа да ги освојат. И антитерористичката коалиција и авганистанската армија имаа загуби во тешките битки, но целосно гледано ги потиснавме Талибанците во дефанзива. Веќе забележуваме како непријателските активности на југот на земјата ослабуваат“.

Независните набљудувачи не ги оспоруваат успесите во ловот на екстремисти, но предупредуваат дека пред се од Пакистан, постојано пристигнуваат нови борци, ново оружје и нова муниција. Ова е пред се проблем на југот на Авганистан, но не само таму, бидејќи напади има и во Кабул, и на северот на земјата, онаму каде командата над ИСАФ трупите ја презеде германскиот Бундесвер. Но, додека на југот на земјата поради борбите речиси сосема е запрена развојната помош, во останатиот дел од земјата обновата и реизградбата се во тек, аргументира портпаролот на ИСАФ, Тоби Џекмен:

„Има и многу мирни делови на Авганистан. Таму бележиме напредок во обновата. И покрај инцидентите, ситуацијата е стабилна и на северот и на западот. Но, тука имавме можност да помогнеме во обновата и развојот со помош на странските донатори и авганистанската влада.“

Тоа ќе биде возможно и на југот на земјата, кога таму ситуацијата малку ќе се смири, се надеваат во ИСАФ. Ренесансата на Талибанците и на другите екстремисти може да се објасни само поради пропустите во обновата. Токму југот на Авганистан е ионака послабо развиен, таму нема доволно проекти на невладини организации. Тео Ридке, директорот на огранокот на германската помош за гладните во Кабул вели:

„Голема е фрустрацијата меѓу населението во Авганистан поради севкупниот напредок на развојната помош. Таа фрустрација во одреден дел е и оправдана. Сојузот на невладини организаци иницираше и студија од која се виде дека најголемиот дел од донираните средства воопшто не е применет“.

Поради нападите и борбите во изминативе недели, Авганистан повторно го предизвика вниманието на меѓународната јавност. Идентификувани се многу недостатоци, но сега мора итно да се прејде на дела, бара ополномоштеникот на ЕУ за Авганистан, Франсек Вендел, мошне искусен дипломат во Кабул:



„Мора да дојде до подобрување. Населението во Авганистан е веќе очајно. Неговото трпение, пред се поради присуството на странците би можело да го снема. И второ, би морале да ги прашаме нашите парламенти, поради што издвојуваме толкави суми кога не гледаме конкретни резултати“, се прашува Вендел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми