1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли „Опел“ шанси да опстане?

Михаел Браун / З.Ј.25 февруари 2009

Судбината на германскиот производител на автомобили е неизвесна. Раководството на претпријатието, синдикатите и политиката бараат решенија за опстанок и перспектива за „Опел“. Нема да бидат зачувани сите работни места.

Може ли „Опел“ сам?Фотографија: picture-alliance/ dpa / DW-Montage

Во егзистенцијална криза „Опел“ беше вовлечен од неговиот сопственик, американскиот концерн „Џенерал моторс“, кој е пред банкрот. Но, „Опел“ тешко се пробива и на германскиот пазар, а и генерално ова не се добри времиња за автомобилската бранша. Аналитичарите се скептични дали воопшто за него има шанса за опстанок. Јирген Пипер од Мецлер-банката искажува почит дека „Опел“ се’ уште произведува добри возила, и покрај тешките околности, кои одамна владеат. Но, тој анализира: „Ако се погледа од друга страна, актуелните испитувања на имиџот покажуваат дека „Опел“ во меѓувреме падна на последно место меѓу сите марки, со што тешко може да се излезе на крај. Производите мораат да бидат многу подобри, отколку кај конкуренцијата - дури тогаш би имало шанса да се поправи имиџот. Тоа ќе биде многу, многу тешко“.

„Опел“ ги надмина проблемите со квалитетот на возилата

Во фабриката во Бохум се` уште има страв од отпуштањаФотографија: AP

Последната година беше лоша за „Опел“. Тој беше единствениот од големите германски производители на автомобили, кој продаде помалку возила - пласираните 260 илјади автомобили значат пад од 9,5 проценти во однос на 2007 година. „Фолксваген“ сам, без „Ауди“ и „Шкода“, продаде двојно повеќе.

Долго време причина за назадувањето на „Опел“ беше недоволниот квалитет. Сега состојбата е многу подобрена. Карл-Петер Форстер, претседател на европскиот оддел на „Џенерал моторс“, лани гордо истакна: „Многумина набљудувачи ни признаваат дека нашите производи токму во последните години се енормно подобрени. Ќе претставиме и многу интересни нови производи“. Форстер зборуваше за новиот модел ’инсигнија’, за кој изрази уверување дека „апсолутно може да се мери со конкурентите во тој сегмент“, дека им е апсолутно рамноправен. “Сите неутрални студии велат дека пак произведуваме автомобили со добар квалитет“, нагласи Форстер.

И навистина, уште пред новиот модел да се појави кај трговците, тој веќе беше избран за „автомобил на годината за 2009“, во конкуренција на 36 други нови модели.

Разделба од „ЏМ“? А што потоа?

Магливи времиња за „Опел“Фотографија: AP

„Опел“ сега работи за да се ослободи од „Џенерал моторс“, кому му припаѓа веќе 80 години. Тоа нема да биде лесно. „ЏМ“ е сопственик на сите патенти на германската фрима, „Опел“ не може дури ни самостојно да позајми пари за да инвестира во нови модели, а потребата нарасна од 1,8 милијарди во септември минатата година, на 3,3 милијарди евра во моментов.

Се чини дека Сојузната влада е подготвена да помогне, но под одредени услови. „Кај ’Опел‘ рековме дека тие мора да поднесат концепт, кој ќе содржи и елементи за обезбедување на иднината. Кога ќе го имаме концептот, ќе го разгледаме“, рече канцеларот Ангела Меркел.

Се дискутира за различни можности: здружување со „БМВ“ и „Дајмлер“, каде „Опел“ би бил компетентен центар за мали автомобили со погон на предните тркала - но другите две фирми веќе одбиваат. Наредна варијанта е некој азиски производител да го купи ноу-хауто и пазарниот удел на „Опел“.

Зрак на надеж - рекордна продажба во февруари

Додека да се дојде до решение, „Опел“, раздружен од „ЏМ“ ќе мора да ги намали капацитетите. Клаус Франц, претседател на Советот на претпријатието, вели: „Имаме јасни барања: никакво затворање на фабрики, никакви откази како технолошки вишоци. Но, согледуваме и дека мора да се намалат предимензионираните капацитети. Нема да оди без засеци“.

Во текот на дебатата „Опел“ на почетокот на неделава излезе со вест за редок успех: во февруари ќе бидат продадени повеќе од 40 илјади возила, што е најдобар резултат во еден месец за последните пет години. Успехот очигледно е резултат на државната премија од 2,5 илјади евра за расходување на стари автомобили, при што парите можат да бидат наменети само за купување нов автомобил.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми