1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли превенција од џихадизмот?

Наоми Конрад/ Жана Ацеска7 октомври 2014

Не постои универзален лек со кој младите луѓе подложни на влијанија ќе бидат одвратени од радикализација и приклучување кон „Исламска држава“. Превенцијата е тешка, понекогаш дури и невозможна, велат германски експерти.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Полицаецот на трибината за посетители е во цивилна облека. Само малиот зелен амблем, што го носи на сивиот костум, оддава дека е припадник на полицијата. Долу во салата се изрекуваат зборови како војна, Сирија, радикализација и одметници, човекот одвреме-навреме се наведнува нанапред, како да не сака да пропушти ништо од кажаното: пратениците во Бундестагот во подкомисијата „Цивилна превенција на кризи“ одржуваат јавна седница. Како и на многубројни состаноци и прес-конференции минатите недели, станува збор за германските џихадисти, најчесто радикализирани млади луѓе кои заминуваат во Сирија и во Ирак за да им се приклучат на борците на т.н. „Исламска држава“.

Веќе се отпатувани околу 450 џихадисти, објаснува Ханс-Георг Масен, најчесто преку Турција, најмалку 40-мина таму загинале, шестмина како атентатори-самоубијци. А можеби се и повеќемина. Претседателот на Службата за заштита на уставноста претпоставува дека црните бројки се уште повисоки, тенденцијата расте:

„Постојано преку Твитер се јавуваат одеднаш луѓе од Сирија, за кои ние воопшто не знаеме“. Тоа се оние кои „тивко“ се радикализирале, дома или преку интернет, можеби во кругот на пријателите, а не преку салафистичките групи, кои ги надгледува Службата за заштита на уставноста.

Порани сознанија за радикализирање

Во моментов во Германија има околу 6.200 салафисти, луѓе кои се припадници на многу конзервативна струја која пропагира ислам практициран во времето на пророкот Мохамед. Тие се само незначителен дел од околу четирите милиони муслимани кои живеат во Германија. Сепак, до крајот на годината, бројката ќе се искачи на 7.000, верува Масен. Така, оваа екстремистичка група е најбрзорастечка во Германија. Не сите од нејзиниот состав се готови на насилство и поддршка на „Исламска држава“- и во рамките на салафизмот постојат различни групации. Но често, истакнува Масен, пуританскиот преминува кон насилен салафизам. И околу 25 проценти од германските џихадисти, кои Службата за заштита на уставноста ги идентификувала преку видео-пораките во кои тие одушевено зборуваат за животот во логорите и се гордеат со убиства, имале врски со салафистички организации.

Ханс-Георг МасенФотографија: DW

Овие луѓе влегуваат во визирот на Службата дури на средината на нивната фаза на радикализација. Тогаш се работи за спречување на најлошото-оние кои се веќе подготвени на насилство, да се спречат да отпатуваат во војна. Но, радикализацијата почнува многу порано, а таа да се пресретне, е задача на други, вели Масен.

Радикална младинска супкултура

На пример, тоа е задача на Клаудија Данчке од Советодавното биро Хајат, која седи на иста маса со Масен. Оваа организација од 2007 година им помага на муслиманите кои сакаат да се откажат од исламот и ги советува родителите на радикализираните деца. Многу семејства, вели Дачке, реагираат контрапродуктивно на радикализацијата на своите деца, што ќе рече: авторитарно. Токму тоа често предизвикува натамошно застранување. Таа зборува за младинска радикална супкултура, која привлекува момчиња и девојчиња од различно потекло, не само од муслимански семејства, туку на пример и христијански руски Германци. Зашто, многумина тинејџери преку обраќањето кон салафизмот се стремат кон целно дистанцирање од своите родители. Дачке раскажува за случајот на еден млад Авганистанец, чии родители побегнале од авганистанските талибанци во Германија, а тој станал радикален џихадист. Или синот на христијански бегалец од граѓанската војна во Босна, кој се приклучил на салафистите. Некои бараат внимание или сопствен идентитет во општество во кое постојано се судираат со предрасуди и одбивање.

Есра КучукФотографија: David Ausserhofer

Конзервативните семејства, кои имаат извесна недоверба кон германското општество, понекогаш воопшто не се ни обраќаат во советодавните бироа, вели Дачке, или тоа го прават кога е веќе предоцна, кога процесот на радикализација е веќе напреднат. Таа е загрижена од фактот што многумина не се јавуваат повторно по враќањето на нивните деца од војна, од страв дека можат да завршат во затвор. Стравот е оправдан: имињата на оние кои Службата за заштита на уставот и странските тајни служби ќе ги идентификуваат на видео-пораките, потоа се проследуваат до надлежните служби, полицијата, за таа „да ги поздрави на аеродром“, гласи формулацијата на Масен.

Повратниците: темпирани бомби?

Но, кога младите луѓе се враќаат од боиште дома, трауматизирани, а без да бидат подложени на соодветен третман, тогаш тие претствауваат „темпирани бомби“, вели Дачке, алудирајќи на можни напади и во Германија. Таа слегнува раменици: не знае никакво ефикасно решение. Воопшто-Германија се‘уште е недоволно подготвена во поглед на структурната помош за повратниците.

Недоволни и слаби се и алтернативните понуди на интернет: младите кои сакаат да се информираат за исламот, брзо стигнуваат до салафистичките страници, кои на прв поглед не можат да бидат препознати како такви, критикува Есра Кучук од Младинската исламска конференција, организација на млади муслимани. Едноставно, има премалку веб-страници кои на јазик достапен на младите нудат алтернативни знаења. На потег се исламолозите и теолозите за на интернет да понудат диференцирана слика и да сензибилизираат. Кучук бара и медиумски кодекс: печатот, радиото и телевизијата не би требало толку бомбастично да известуваат за акциите на салафистичките групации и со тоа да им даваат уште поголемо внимание.

Но, и без кодекс, видеата и пораките кои германските ИД-борци ги емитуваат целно кон Германија се едноставни за наоѓање: речиси е невозможно нивно бришење од интернет, истакнува Масен, тие постојано се појавуваат на друго место и привлекуваат дополнителен број млади луѓе. За да се спречи тоа, признава Масен, не постои универзален лек. Државата може да ги одземе пасошите, да ги следи борците и повратниците за кои е докажано учеството во борби, да организира судски процеси против нив. Но, сето тоа, истакнува Масен, нема да предизвика чудо.

„Нашиот проблем е што ова општество ги плука луѓето подготвени да отидат во Сирија“.

Во моментот кога тој го кажува тоа, полицаецот во цивил веќе го нема на трибината за посетители.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми