Милионер на шест години
24 декември 2020Најмладиот милионер во Северна Македонија уште не оди ниту на училиште, а заработува од закуп. Најстариот милионер, пак, има 101 година. 156.000 евра е највисока плата, а 11.000 евра највисоката пензија, покажуваат најновите податоци на Управата за јавни приходи за приходите на граѓаните во 2019 година според годишните даночни пријави. Најбогат е битолчанец, кој спечалил околу 3,5 милиони евра, а најголема плата од 1,9 милиони евра на годишно ниво земал стружанец. Најголемата пензија, пак, од 11 илјади евра месечно, легнува на сметка на штипјанец.
Битолчанец најбогат во земјата
На листата на граѓани со највисок доход доминираат скопјани, но на врвот сепак е битолчанец кој минатата година заработил нешто помалку од 3,5 милиони евра. Најголема плата има стружанец вработен во металната индустрија, кој месечно во просек земал по 158 илјади евра, или на годишно ниво 1,9 милиони евра. На второ место со најголем остварен доход е скопјанка, чиј годишен бруто доход изнесува 2,6 милиони евра. Највозрасниот граѓанин, кој остварил приход над 10 милиони денари, има 86 години. Најбогатиот пензионер живее во Штип со пензија од 11.000 евра, или во текот на 2019 година земал над 137.000 евра.
-повеќе на темата: Милијардерите уште побогати - за добрите и лошите профитери од корона-кризата
„Во споредба со 2018 година, кога највисокиот остварен доход беше 1.056.992.055 денари, има значајно намалување, така што прворангираниот во 2019 година, кога би се нашол на листата од 2018 година, би бил деветторангиран“, вели директоркта на УЈП, Сања Лукаревска.
Највисоките бруто плати лани се исплатените во секторот здравство, потоа во аптеки, образование и производство на горна облека.
-повеќе на темата: „Имаш куќа - врати стан“ - трипати поголеми даноци за богатите
Според податоците на УЈП, највисокото лично годишно примање кое не е по основ на плата, изнесува околу 789 илјади евра и е добиено за привремено извршени услуги кон градежна компанија. Од капитална добивка најголем доход остварил скопјанец кој продал сопственички удел во странска компанија, за што добил 1,4 милиони евра. Највисока дивиденда му е исплатена на битолчанец, сопственик на бизнис од областа на градежништвото. Самостојното вршење на дејност е најпрофитабилно за скопјани и во 10-те најдобро рангирани се наоѓаат адвокати, извршители и угостители. Земјоделството е најисплатливо во Скопскиот регион, каде граѓанин од продажба на сопствени земјоделски производи остварил доход од 526 илјади евра. Највисокиот доход од закуп е остварен во Тетово, а највисокиот доход од авторски права во Скопје. Највисокиот доход од права на индустриска сопственост е остварен во Куманово.
Скопјанка - најсреќна на игри на среќа
Најсреќна во игрите на среќа била скопјанка, која добила 476 илјади евра. Според директорката на УЈП, иако општите бројки се зголемени, сепак на индивидуално ниво доходот не го достигнал нивото од 2018 година. Кај 35.363 граѓани утврден е бруто доход над еден милион денари, додека најголемиот број на граѓани, односно 638.210 оствариле бруто доход кој се движи од 100 илјади до еден милион денари. Во 2019 година шест граѓани оствариле доход над 100 милиони денари, што претставува намалување во однос на 2018 година, кога имало 31 таков граѓанин. Вкупно 426 граѓани оствариле доход од 10 до 100 милиони денари.
-повеќе на темата: Јазот помеѓу богатите и сиромашните се зголемува
Иако општите бројки се зголемени, на индивидуално ниво износот на доход кај највисоко рангираните граѓани, не ги достигнале износите на доход остварен во 2018 година која беше рекордна во однос на последниве 10 години, велат од УЈП.