1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје

22 мај 2018

Се мобилизира европската и американската дипломатија,се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“, велат за ДВ дипломатски извори.

Wien Treffen Außenminister Mazedonien und Griechenland
Фотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

Бројни разговори на европски лидери и дипломати биле остварени деновиве со властите во Атина и Скопје, откако без резултат остана последниот предлог- пакет за кој се очекуваше дека ќе донесе компромисно решение на спортот за името. Како што дознаваме, оваа дипломатска офанзива имала за цел да ги врати на маса сите точки кои довеле до високо приближување на ставовите меѓу Македонија и Грција, речиси на чекор до решение. Како што велат дипломатски извори за ДВ, „не може да се негуваат посебни очекувања од претстојната рунда разговори во Њујорк на тројката Димитров - Коцијас - Нимиц, ако двете страни повторно се вратат на позицијата од која стартуваа пред неколку месеци, што по сите овие месеци би значело и 'позиција под тоа'“.

Повеќе:

-Заев: Решението „Илинденска Македонија“ не е понижувачко

-Софиски приказни

-За кого бијат Илинденските камбани?

За таа цел, во деновите пред њујоршката средба се мобилизира европската и американската дипломатија, се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Коѕијас: Нема притисок врз Грција

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, кој од вчера е во Вашингтон, веќе се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, но индиректно потврди дека Атина не размислува за последниот предлог - Република Илинденска Македонија. 

„Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петото име од неговите предлози („Република Македонија (Скопје)“ -н.з.), и одиме напред кон усвојување на еден стратегиски план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име“, рече Коѕијас по средбата.

Одговарајќи на новинарско прашање, шефот на грчката дипломатија изјави дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар, туку тоа било тема на средбите со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел. Во однос на евентуални притисоци врз Атина по прашањето за името, Коѕијас рече дека „никој не ја тера Грција на ништо, бидејќи таа ја има иницијативата за постапките, и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.

Денеска тој ќе се сретне и со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џон Болтон, утре во Њујорк со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и ќе има и работен ручек со претседателот на Генералното собрание на ОН, Мирослав Лајчак. Во четврток и петок повторно ќе седне на иста маса со македонскиот колега Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц.

Теодоракис држи час

Под радарот на Брисел и Вашингтон се постапките на властите во Скопје и Атина, околу начинот на кој ја презентирале последната предлог-опција која беше претставена како можност да се постигне согласност меѓу двете земји. На тој план, според извори на ДВ, Грција е во „минус“ поради сознанија дека таму, наводно и простото мнозинство околу можното решение „станало недостижно“, што го отвора прашањето дали постоела искрена желба и посветеност јасно да се презентираат сите придобивки од можноста да се стигне до решение преку конкретен предлог. Расположението што доминира во грчката јавност, исто така се смета за еден од индикаторите - колку пораките за важноста од доброседството, решавање на билатералните спорови и заложбите за стабилност во регионот, стигнуваат до граѓаните. Фактот дека пораките на некои јавни личности кои се истакнаа на митинзите во Солун и Атина на јавна сцена се подоминантни од владините ставови, говори дека не е направено нешто позначајно во таа насока. Последен пример во низата е ставот на грчкиот композитор Микис Теодоракис, кој е пренесен во многу грчки медиуми.

„Сите знаеме дека г-дин Заев има голем проблем. Тоа се екстремните националисти во неговата земја, кои ги сретнавме за време на претходната влада“, пишува Теодаракис, додавајќи дека нивниот „сон“ бил Македонија до Егејско Море, но смета дека дека истиот „сон“ сигурно го има и Заев и целото Скопје.
Во текстот тврди дека „Егејска Македонија“ е инспирана од Тито, а зачленувањето на северниот сосед во НАТО го толкува како чин кој ќе им олесни на Американците да ја уценуваат Грција со наведнување на главата. Последниот предлог (Илинденска Македонија) го оценува како име кое може да стане инструмент на фанатиците во Скопје.

„Како што реков во мојот говор во Синтагма, историската легализација на името 'Македонија' само ние Грците би можеле да ja дадеме. Но, тоа не може да го сторат 29% од оние што гласаа на претходните избори, туку ако е можно 100% од Грците“, пишува Теодаракис.

Микис ТеодоракисФотографија: picture alliance/Pacific Press/G. Panagakis

Кривична пријава за Заев

Во Македонија, дури и дебатата за последниот предлог некои ја сметаат за непотребна. Партијата „Левица“ вчера поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев за загрозување на уставниот поредок.

„Граѓанин кој ќе доведе државата во потчинетост од друга држава го сторува ова кривично дело. Се повикуваме на официјалните изјави на премиерот на Македонија и на премиерот на Грција. Со прифаќање на ерга омнес решение и изјавата дека ќе се стори се да се прифати тоа, нанесена е штета и е доведена државата под зависност од друга држава. Бараме распит на пријавениот и процесуирање на случајот“, изјави Димитар Апасиев од „Левица“.

Тој додаде дека предметот ќе се проширува и против министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Веста ја пренесоа сите српски медиуми, а индикативна е изјавата на српскиот претседател Вучиќ, кој не ги спомнува разговорите за името, но ги прогнозира јунските „придобивки“ од ЕУ за Македонија. 

„Во многу незавидна ситуација се Македонија и Албанија, кои, како што се претпоставува во јуни ќе бидат некако пофалени „да не се каже дека е катастрофа и дека ништо не добиле“ но нема да им се дозволи да ги отворат поглавјата“, изјавил српскиот претседател пред новинарите во Баку.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми