Име за секаква (зло) употреба
10 септември 2013Нимиц доаѓа без нов предлог. На маса се‘ уште е априлскиот. Каков е тој предлог? Зошто е се‘ уште во игра ако Грција го одбила, како што тврдат медиумите? Или можеби не го одбила? Прифатлив ли е за Македонија? Многу прашања и малку одговори ги следат разговорите за решавање на спорот за името. Тие со години се вртат во мал, затворен круг, а на јавноста и‘ остануваат само трошките од различни политички и медиумски шпекулации.
Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, тврди дека опозицијата нема никакви информации за разговорите за спорот за името.
„За најважното прашање кое ја одредува македонската иднина, нашите власти систематски и опасно молчат. Водат кампањи, а бегаат од вистински анализи, дебати и разговори. Како тогаш е возможен консензус и единство ако на клучните теми ја држат јавноста во информативен мрак? Затоа, инсистираме на оваа тема сериозно да се говори, ама не само преку медиумите со размена на соопштенија, туку пред се‘ во институциите. Ниту опозицијата, ниту Собранието немаат ни елементарни информации за текот на преговорите и за последните предлози на Нимиц. Тоа нема оправдување“, вели Шекеринска.
Обид да ја актуелизира важноста од политички дијалог за важните прашања, направи Филип Рикер, заменик-помошник на државниот секретар на САД.
„За последниот предлог на посредникот во преговорите Метју Нимиц треба да се отвори поширока дебата и меѓу партиите и во јавноста“, изјави Рикер по средбата со премиерот Груевски во средината на јуни. Следниот месец, лидерот на ДУИ ја изненади македонската јавност, кога од Софија обелодени дека априлскиот предлог на Нимиц, е „Горна Република Македонија“. Веднаш уследи бран од политичко-експертски ставови дека не треба да се разговара за тој предлог, бидејќи „Грција веќе го одбила“. Во конфузијата свој придонес даде и разногласието во грчките медиуми, кое се движеше од тврдења дека тој предлог може да биде основа за разговори, па се‘ до ставот дека е целосно неприфатлив за Атина.
Задолжителна тројка
Без успех остана и обидот на Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз и коалициски партнер на Груевски, кој побара Метју Нимиц при посетата на Македонија, покрај средбата со државниот врв, на заедничка средба да ги информира сите парламентарни партии за текот на разговорите, како и за проблемите со кои се соочува. Според него, со тоа сите партии ќе преземат дел од одговорноста околу постигнување евентуален компромис и спорот нема да го користат за политички маркетинг. Трајанов се‘ уште нема одговор од Нимиц и МНР, двете адреси на кои го доставил предлогот, но премиерот експресно го соопшти својот став одговарајќи на новинарско прашање.
„Колку што треба и тие што треба се информирани за текот на преговорите за името", рече Груевски.
Кои се тие лица? Досега тие консултации се одвиваа во рамките на политичкото „тројство“: премиер, преговарач за името и министер за надворешни работи, со повремено присуство на советник за надворешна политика. Иако тој формат на „задолжително информирани“ не е утврден со никаков документ, ниту е обврска од Времената спогодба или друг акт, аналитичарите со кои разговараше Дојче веле, сметаат дека политичката логика налага за текот на разговорите да биде информирана и опозицијата. Според нив, ако се дојде до одредено компромисно решение за кое граѓаните ќе се изјаснат на референдум, илузорно е власта да верува дека тој рефрендум би бил успешен ако опозицијата во континуитет е исклучена од информирањето за тој процес.
Стојан Андов, првиот претседател на повеќепартиското Собрание, предупредува дека неинформирањето на јавноста подоцна може да стане хендикеп за власта.
„Не само што јавноста не е информирана, туку е и дезинформирана за ова прашање. Се пласираат искривени верзии од луѓе блиски до власта, се создава атмосфера за прекинување на преговорите, се шири страв дека целта е да се уништи идентитетот на Македонците и дека не‘ очекува вистинска катастрофа ако се постигне компромис. Но, ако се дојде до одредено решение за името кое ќе биде ставено на референдум, ваквата претходно создавана атмосфера ќе стане огромна пречка за чекорите што тогаш ќе ги преземе власта“, вели Андов. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни за коментар на посочените забелешки.
На маса априлскиот предлог
Разговорите за името кои претходно западнаа во хибернација, се интензивираа од почетокот на годинава. Во јануари медијаторот ги посети Скопје и Атина, а истиот месец во Њујорк имаше средба и со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. При последната посета во Скопје, Нимиц укажа дека по 20 години е тешко да се даде сосема нов предлог, но со одредени измени на досегашните, може да се стигне до прифатливо решение. Грчките медиуми први објавија дека зад овие зборови стои предлогот „Горна Република Македонија“, име кое е неприфатливо за грчката страна, бидејќи географската одредница стои пред Република, а не пред Македонија.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски уште пред неколку години изјави дека „Северна Република Македонија“ може да биде компромисно решение, а Али Ахмети е првиот политичар од власта кој јавно потврди дека е прифатливо компромисно решение со географските одредници „Северна“ или „Горна“.
Додека властите информациите ги држат во затворен круг со образложение „да не се наруши преговарачкиот процес“, македонски медиуми, повикувајќи се извори од ЕУ, објавија дека Нимиц ги сондира ставовите на Скопје и Атина за априлскиот предлог, изработен со поддршка на Брисел и Вашингтон. Тој предлог, наводно предвидува името Горна Република Македонија да се користи додека траат преговорите за членство, а потоа граѓаните на референдум да се изјаснат за прашањата - дали се за членство во ЕУ и за прифаќање на името Горна Република Македонија. Претходно, двете страни треба да се откажат од разговори околу идентитетски прашања. Кога ќе биде постигнат таков договор, името Горна Република Македонија ќе го замени ФИРОМ, а Грција треба да дозволи Македонија со тоа име да влезе во НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ. Идентитетски прашања ќе се регулираат во рамките на ЕУ, каде што официјалниот јазик на Горна Република Македонија ќе биде заведен како македонски со кирилично писмо. Во текот на преговрите со ЕУ на основа на ваквиот договор ќе се решаваат прашања повразни со употребата на атрибутот македонски. Овие основи на предлогот може да претрпат измени во согласност со забелешките на двете страни. Најдоцна до средината на идниот месец, Македонија и Грција треба да одговорат дали се согласуваат овој предлог да биде основа за компромисно решение. Одговори чека и јавноста.