Инаугурација на Доналд Трамп: Помпа за Mr. President
Како ќе мине инаугурацијата и кој сѐ ќе стои со часови на јануарскиот студ за Доналд Трамп? Своето учество го откажаа повеќе од 40 конгресмени. Меѓутоа, „Inauguration Day“ на 45-от американски претседател и покрај тоа најверојатно ќе биде „great“, „terrific“ и „fantastic“. Како беше во минатото?
Инаугурација: Помпа за Mr. President
Кај Џорџ Вашингтон работата се заврши со полагање заклетва, говор и почесна стрелба. Четириесет и четири претседатели потоа, „Inauguration Day е богат со традиција, раскош и шоу.
Фотографија: замаглена - Перспектива: замрачена
Капитолот речиси готов, тензиите меѓу север и југ многу ја оптоваруваат младата република. Техниката на фотографирање во 1857 година, кога Џејмс Бјукенан полага заклетва, е на сосема друго ниво. Тоа е прва фотографски документирана инаугурација. Бјукенан често се нарекува „најлош американски претседател на сите времиња“ поради тоа што не успеал да ја избегне подоцнежната граѓанска војна.
ФДР: Без страв во мрачни времиња
Сосема е поинакво наследството на Френклин Д. Рузвелт, кој со решителна надворешна политика и „New Deal“ ги води Американците низ рецесија и воени времиња. „ФДР“ уште во својот говор при првата инаугурација во 1933. го дава правецот: „Единствената работа од која треба да се плашиме е самиот страв.“
Каубојци и Индијанци
Во 1905 година Теодор Рузвелт ја полага својата втора заклетва. Светот е пред почеток на американска ера. Пред Капитолот, на парадата по повод инаугурацијата, смеат да јаваат каубојци, Индијанци и рудари. Жените стануваат дел од парадата дури во 1917 година.
Танцување во гласните 1920-ти
Баловите се дел од традицијата на „Inauguration Day“од 19. век. На фотографијата: во чест на претседателот Херберт Хувер во 1929 година со танцување се вртат кругови на паркетот во хотелот „Мејфлауер“.
Сјајно, посјајно, Џеки
Не е секој роден за гламурозни настапи. Џеки и Џон Ф. Кенеди во секој случај беа. На фотографијата: двајцата влегуваат со балска сала по неговата инаугурација во 1961-ва. Во воени или кризни времиња многу претседатели се откажуваа од раскош и ги откажуваат баловите. Но, во 1997-та не беше така: Бил Клинтон својата инаугурација можеше да ја слави на 14 балови, или толку многу како никогаш дотогаш.
ЛБЏ - тремаџија?
Линдон Б. Џонсон ја презема претседателската функција во 1963 година, по убиството на Кенеди. Во 1965-та полага заклетва по вторпат, овојпат како победник на изборите и тоа не во претседателскиот авион набрзина, туку пред 1,2 милиона луѓе собрани на National Mall.
Двојна причина за радост
Ненси и Роналд Реган среде „Inaugural Parade“ на почетокот на првиот негов мандат во 1981 година. Непосредно потоа, 52-ца американски заложници го напуштаат иранскиот воздушен простор. Тие беа заробени од страна на Техеран 444 дена. Јасно е за што наздрави претседателот Реган на прославите.
Двојно држи подобро
Американскиот Устав за инаугурацијата не пропишува ништо, освен зборовите на заклетвата. Со неа новоизбраниот претседател се колне дека „верно“ ќе ја извршува функцијата и дека ќе го „почитува, чува и брани Уставот на САД“. Во 2009 година Обама се заплетка додека зборуваше. Затоа, за секој случај, наредниот ден уште еднаш ја повтори заклетвата.
Бијонсе пее за Барак Обама
Па, тој е најмоќниот човек на светот, нели? На покана на претседателот Обама, Бијонсе Ноулс ја пее националната химна. Познатите личности од музиката и филмот радо се покажуваа за време на втората инаугурација на Обама во јануари 2013 година.
Бината сега му припаѓа на Доналд Трамп
Кој сѐ ќе стои со часови на јануарскиот студ за Доналд Трамп? Не само потенцијални пејачи на химната, туку и повеќе од 40 конгресмени веќе го откажаа своето учество на инаугурацијата на Трамп. Меѓутоа, „Inauguration Day“ на 45-от американски претседател и покрај тоа најверојатно ќе биде „great“, „terrific“ и „fantastic“.