1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индија и Пакистан ќе ја отворат границата во Кашмир?

23 октомври 2005

Разменети предлози за пробивање на блокадата на линијата на примирјето за да им се помогне на погодените од земјотресот

Неопходна е помош за настраданите
Неопходна е помош за настраданитеФотографија: AP

Земјотресот во Пакистан се случи во планински, тешко достапен регион, кој уште е и политички спорен, оти врз него полагаат право и Индија и Пакистан. Сето тоа ги отежна мерките за помош. Дури сега, по многу колебање, двете земји искажаа готовност да го олабават строгото блокирање на границата за да може да стигне помош за повредените и за оние што останаа без покрив над главата пред се’ на пакистанска страна.

Помошта од меѓународната заедница ни оддалеку не може да се мери со онаа за погодените од цунами-катастрофата, па ОН упатија натамошен апел за итна помош. Престатвникот на ОН задолжен за помошта во регионот Јан Вандермортеле ја поздрави готовноста на НАТО да стави на располагање илјада војници и дополнителни хеликоптери. „Тоа многу ќе помогне, но потребна ни е многу поголема помош - и тоа многу бргу“, вели тој. На ОН досега им се ветени 90 милиони долари, само делче од потребната сума, вели координаторот Вандермортеле.

ОН проценуваат дека до стотици илјади луѓе во зафрлените планински региони се’ уште не стигнала никаква помош. Наидува зимата, температурата паѓа, нема многу време. Само за провизорно сместување, според ОН, се потребни околу 500 илјади шатори, но во целиот свет одвај да има на располагање вкупно околу 300 илјади. ОН стравуваат дека без итна помош илјадници луѓе би можеле да починат од студ, болести и нелекувани повреди. Слична е и оцената на пакистанскииот претседател Первез Мушараф: „Би можело да има повеќе мртви, ако на луѓето не им помогнеме да се заштитат од зимата, пред се’ со шатори. Но, имам голема надеж дека сепак ќе успееме во тоа и ќе спасиме илјадници луѓе. Но, мора уште понапорно да работиме во таа насока“.

Минатата недела тој предложи да се отвори линијата на прекин на огнот помеѓу пакистанскиот и индискиот дел на Кашмир, за да се овозможи меѓусебна помош. По повеќе дипломатски натегања, конечно уследи и индискиот контра-предлог: во вторник на три точки на демаркационата линија да се отворат центри за помош. „Тие центри треба да нудат медицински установи и помош за погодените од земјотресот од другата страна на линијата на примирјето. Во нив ќе се делат лекови, храна, вода за пиење и материјал за сместувалишта. Луѓето од пакистанската страна при дневна светлина и по неопходните контроли, ќе можат да дојдат преку границата и пред да се стемни треба повторно да се вратат назад“ – рече Навтеј Сарна, портпарол на индиското министерство за надворешни работи.

Сега се очекува пакистански одговор на овој индиски предлог. Но, премиерот на индискиот дел на Кашмир Мохамед Саед се надева днка наскоро ќе биде можна поголема помош преку демаркационата линија: „Теренот на пакистанска страна е тежок и недостапен. Таму има повеќе проблеми и повеќе страдање отколку кај нас. Мислам дека одовде можеме да стигнеме до тие предели и да направиме пунктови за средби на луѓето од двете страни на линијата на примирјето“.

Кристоф Хајнцле

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми