Индија: Дезинформациите ја отежнуваат борбата против вирусот
Мурали Кришнан | (Њу Делхи, Индија)
5 мај 2021
Лажните вести, непроверените информации и теориите на заговор што кружат на социјалните мрежи предизвикуваат несигурност и вознемиреност и претставуваат пречки за изнаоѓање ефикасен одговор за корона-кризата во Индија.
Реклама
Индија денеска, 14-ти ден по ред, пријави повеќе од 300.000 нови инфекции со коронавирусот. Со новите 382.315 случаи во текот на изминатите 24 часа, со што вкупниот број на случаи се искачи на повеќе од 20,6 милиони. Згора на тоа Индија денеска пријави рекорден број на смртни случаи за едно деноноќие - 3780. Вкупниот број на починати од Ковид-19, според податоците на индиското министерство за здравство изнесува над 226 илјади.
Експертите велат дека вистинските бројки низ целата земја може да бидат пет до десетпати повисоки од официјалната пресметка.
Властите се изненадени од жестокоста на најновиот пораст на бројот на инфекции во земјата и наидоа на големи тешкотии во обезбедувањето доволно залихи на ресурси како медицински кислород, есенцијални лекови и болнички кревети.
Тие имаат проблеми и да изнајдат ефикасна стратегија за спречување на ширењето на вирусот.
Нивната задача, меѓутоа, е уште посложена поради лажните вести, теориите на заговор и непроверените информации што кружат на социјалните мрежи.
Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами
Содржината на овие пораки и објави се движи од потеклото на вториот бран во Индија, преку ефикасноста на вакцините, сѐ до рецепти за зајакнување на имунитетот со употреба на домашни лекови.
„Од нив, дезинформациите поврзани со здравјето се позастапени и поразновидни, по што следуваат религиозните дезинформации“, вели за ДВ, Сајед Назакат, основач на Здравствена Анализа Азија, иницијатива за проверка на фактите.
„Поголемиот дел од здравствените дезинформации се занимаваат со пандемијата и тоа во период кога земјата е среде процес на масовна вакцинација“, истакнува тој.
„Очигледно недостасува почит кон науката“
Набљудувачите и активистите велат дека властите не презеле доволно мерки за да се запрат дезинформациите. Всушност, некои јавни личности и високи функционери самите се одговорни за неговото ширење.
Во средината на април, кога бројот на случаи на Ковид-19 започна вртоглаво да се зголемува, В. К. Пол, висок владин службеник кој е во првите редови на националната борба против коронавирусот, им препорача на луѓето да консултираат лекари за алтернативна терапија ако имаат лесни симптоми или асимптоматски тек на болеста.
Тој исто така ги советуваше луѓето да консумираат „чјаванпраш“ (додаток во исхраната) и „кадха“ (пијалок од билки и зачини) за да го подобрат имунитетот.
Неговата изјава предизвика критики од страна на лекарите лекарите кои велат дека ваквите препораки можат да ги охрабрат луѓето да пробаат непроверени терапии и да чекаат премногу долго за да побараат медицинска помош.
„Тоа е неверојатно и сосема погрешно. Тоа ќе ги охрабри луѓето да седат дома, да пијат такви 'магични пијалоци' и додека стигнат во болница, ќе биде доцна", изјави за ДВ Раџан Шарма, поранешен претседател на Индиската медицинска асоцијација. .
Апар Гупта, извршен директор на Фондацијата за слобода на интернет, сподели сличен став.
„Кога имате јавни власти кои промовираат такви апели, очигледно постои недостаток на почит кон науката. Што мислите, каков ефект тоа ќе има врз оние кои ги следат социјалните мрежи?“, изјави Гупта за ДВ.
Голема употреба на социјалните мрежи
Експертите сметаат дека слабата доверба на луѓето во вестите во медиумите и слабиот јавен сервис, заедно со фрагментираната публика и големата употреба на социјалните мрежи, се одговорни за брзото и распространетото ширење на дезинформациите.
Користењето на содржина на социјалните мрежи енормно се зголеми откако индиската влада воведе строг национален локдаун во март минатата година како мерка против ширењето на вирусот.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.
Фотографија: Hanaa Habib/REUTERS
8 фотографии1 | 8
Ватсап, кој има над 500 милиони корисници во земјата, е платформата преку која се проследуваат најголемиот број дезинформации.
„Зголемената достапност на социјалните медиуми дополнително ја интензивира кризата со дезинформации“, вели Гупта.
Разбивање на митовите и лагите
Со зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 на национално ниво, многу лековерни луѓе сè повеќе стануваат жртви на зголемениот бран на погрешна и лажна содржина, што исто така влијае на масовната вакцинација во земјата поради ширење гласини за негативните ефекти од вакцините. Постојат лажни вести во врска со безбедноста на вакцините кај луѓето со претходни болести, како што се дијабетес и хипертензија и, исто така, кај жените.
Дополнително, постојат митови за користење на инхалатори како замена за медицински кислород, за кој во моментов има голем недостиг во земјата. Понатаму, широко се шират гласини за употреба на инхалација на пареа, како и конзумирање лук, цимет и сладок корен, како мерка на превенција или лек против коронавирусот.
Друга опасна идеја што се пропагира на социјалните мрежи е дека Индијците имаат поголем имунитет против коронавирусот.
Вухан: Една година по избувнувањето на пандемијата
На крајот на 2019 се појавија првите извештаи а на почетокот на 2020 кинескиот град Вухан стана озлогласен како прво жариште на коронавирусот во светот. Како е сега таму, една година потоа?
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Рамо до рамо на преполните пазари
Вухан беше во карантин околу 11 недели откако стана првото глобално жариште на коронавирусот. До средината на мај 50.000 од 80.000 од официјалните случаи на заразата во Кина беа во Вухан. Но, сега животот речиси е вратен во „нормала“ на преполните улични пазари во градот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Танцување на улиците
За време на карантинот, на жителите не им беше дозволено ниту да ги напуштат своите домови. Сега, тие дури можат да танцуваат заедно во парковите. Според новинската агенција Ројтерс, таму веќе со месеци нема локално пренесување на вирусот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нулта точка на коронавирусот?
Зеленчук, риба и месо - дури и диви животни - сето тоа се продаваше на овој покриен пазар. Но, тој ги затвори портите на 1 јануари 2020 година, откако започна да се шири мистериозното заболување на белите дробови и неговото потекло беше пронајдено на пазарот. Научниците сè уште не ја утврдија точната улога на пазарот во ширењето на вирусот, ако воопшто имаше улога.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Celis
Егзистенцијата на рестораните е изложена на ризик
Пред пандемијата, Лаи Јун поголемиот дел од производите за неговиот јапонски ресторан ги купувал во покриениот пазар. „Ги испраќав децата на училиште, појадував, а потоа одев на пазар“, вели 38-годишникот. Од повторното отворање во јуни, тој морал да оди на друго место - а некои од состојките сега чинат петпати повеќе. „Наша цел за наредната година е едноставно да преживееме“, вели тој за ДВ.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нема повеќе свежа стока
Иако пазарот на приземјето сè уште е затворен, вториот кат е повторно отворен. Но, поголемиот дел од продавниците продаваат очила и други специјализирани производи за оптичари. „Некои луѓе можеби имаат чудно чувство, но сега е само празна зграда“, вели за ДВ една од продавачките, која не сакаше да го каже своето име.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Продавачите се префлија на улиците
Од затворањето на пазарот, некои луѓе почнаа да продаваат месо и друга свежа стока на улиците. Дури и ако продавачите носат маски и ракавици, некои велат дека условите не се во согласност со одредени хигиенски стандарди. Во екот на пандемијата на коронавирусот покриениот пазар беше критикуван поради лошите здравствени и санитарни прописи.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Кловн без маска- заштитна
Повеќето жители на Вухан носат маски на јавни места, особено затоа што коронавирусот не е исчезнати имала одреден број нови случаи на други места во Кина. „Многу луѓе почнаа да складираат маски, средства за дезинфекција и друга заштитна опрема“, изјави за ДВ, 29-годишниот учител по англиски јазик Јен.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
7 фотографии1 | 7
Ова беше засновано на погрешното и површното толкување на единствена генетска студија спроведена меѓу различни етнички групи.
„Едноставно, нема научни докази кои го поткрепуваат ова апсурдно тврдење. Требаше да го отфрлиме ова тврдење за да ги натераме луѓето да сфатат дека Индијците немаат посебна генетска заштита од вирусот", изјави за ДВ истражувач од Алт Њуз, непрофитна веб-страница за проверка на фактите. Голем дел од оваа содржина, во форма на текст, слики и видеа, се споделува на локалните јазици.
„Многу од овие видеа и мемиња се рециклираат бидејќи не исчезнуваат лесно од сајбер просторот. Дури и откако ќе се побие оваа лавина на дезинформации, сè уште има луѓе кои не се сигурни во што да веруваат", истакнува Пратик Вагре, истражувачки аналитичар во институтот Такшашила во изјава за ДВ.