Со огномет во националните бои и под силни безбедносни мерки, во Индија е свечено откриена највисоката статуа во светот.
Реклама
Скулптурата посветена на лидерот на борбата за независност Сардар Валабхбаи Пател, еден од следбениците на Ганди, висока 182 метри, се наоѓа во западната држава Гуџарат, а за нејзината изградба биле потрошени 430 милиони долари. Статуата се наоѓа во родната сојузна држава на индискиот премиер Нарендра Мори, а нејзиното подигнување се смета за негов омилен проект.
Премиерот на отворањето изјави дека „Статуата на единството“ ќе биде голема туристичка атракција, наспроти локалните жители, кои ја опишаа како непотребно трошење јавни пари.
„Статуата е симбол на интегритетот и решителноста на Индија“, изјави Мори, додека од воени хеликоптери беа фрлани цвеќиња врз неа.
Во скулптурата се вградени 100.000 тони бетон и челик, а поради неа мораа да бидат дислоцирани 185 семејства, кои добија обесштетување.
Сепак, статуата на Пател наскоро ќе биде надмината од онаа посветена на воениот херој Чатрапати Шиваи од 17. век, која се гради во близина на индиската метропола Мумбаи и ќе биде висока 190 метри.
Статуата на Пател инаку е речиси двојно повисока од Статуата на слободата во Њујорк (93 метри), додека на второто место по височина е Пролетната статуа на Буда во Кина (128 метри). Меѓу највисоките скулптури е и 30 метри високата статуа на Исус Христос во Рио де Жанеиро која од 2007. година се вбројува во Седумте нови светски чуда.
Со висока статуа во 2011. година се „закити“ и Македонија: „Воин на коњ“, споменикот со фонтана на кралот Александар Велики на плоштадот Македонија, во Скопје, дел од т.н. спорен проект на тогашната власт,Скопје 2014, е висок 14,5 метри, изработен од бронза и поставен на бетонски постамент висок 10 метри.
Неми гиганти - највисоките статуи во светот
Во индиската сојузна држава Гуџарат свечено е откриена најголемата статуа на светот. Но, рекордот нема долго да трае, тоа е веќе предвидливо. Ви нудиме преглед на џиновските статуи низ светот.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Solanki
„Статуа на единството“ во Индија
182 метри високата статуа е највисока во светот, а го претставува Сардар Валабхбаи Пател, борец за независност и следбеник на Ганди. Статуата чинела 355 милиони евра, а трошоците предизвикале незадоволство кај локалните селани. Наскоро во близина на градот Мумбаи во Индија треба да биде завршена една уште повисока статуа - 190 метри.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Solanki
Често копирана икона - Статуа на слободата, САД
Таа е двојно пониска од онаа на Пател, но сигурно нема никој да ѝ ја загрози најголема светска слава - во 1886. година подигнатата Статуа на слободата кај Њујорк. Неокласицистичкиот колос, еден од препознатливите симболи на САД и светско наследство на УНЕСКО, е постојано копиран, копии на статуата има меѓу другото во Токио и Елзас.
Фотографија: Imago/ZumaPress
Новото светско чудо - Статуата на Исус, Бразил
30 метри високата статуа на Исус Христос од 1931. година заштитнички ги шири рацете над Рио де Жанеиро и на посетителите им ја овозможува прекрасната глетка врз градот од височина. Статуата е една од најомилените туристички атракции во Бразил, а од 2007. година се вбројува во Седумте нови светски чуда.
Фотографија: Getty Images/B. Mendes
Златниот гигант - Буда во Мјанмар
Оној кој патувал низ Југоисточна Азија, веројатно видел многу статуи на Буда во бројните храмови. Но, со височина од 116 метри (129, ако се смета и постаментот), позлатената статуа на исправениот Буда од 2008. година го привлекува вниманието на посетителите во Мјанмар. Таа, покрај таква слична во Џонгјан во Кина, е една од највисоките статуи на Буда во светот.
Фотографија: picture-alliance/imageBroker
Божица во морето - Гуанин во Кина
На снимката од височина монументалниот карактер на оваа статуа на божицата Гуанин, изградена во 2005. година во јужна Кина, доаѓа посебно до израз. Во народното верување Гуанин се слави како божица на сочувството, една од најважните фигури во источноазискиот будизам. Статуата е висока 78 метри, се издига во морето покрај брегот во провинцијата Хаинан.