1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекциски надзор во општините кои не го почитуваат Уставот

ДТЗ
4 ноември 2021

Инспекторите треба да утврдат дали решенијата со „Република Македонија“ се невалидни и како понатаму ќе се постапува. Постои можност тие да завршат и пред Уставен суд.

Neue Schilder an Grenze zwischen Mazedonien und Griechenland
Фотографија: Government Republic of North Macedonia

Министерството за локална самоуправа ќе спроведе вонреден инспекциски надзор во општините каде новите советници на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица заклетвите за новата функција ги потпишуваат со старото име на државата, Република Македонија. Проблемот најпрвин настана во општина Штип, каде советниците на СДСМ алармираа за ваквата појава и ја напуштија седницата. 

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица се повикуваат на Законот за локална самоуправа и на Преспанскиот договор и велат дека за внатрешна употреба нема никаква пречка од употребата на името Република Македонија и до пет години од почнувањето на преговорите за членство во ЕУ. 

Од Министерството за локална самоуправа, пак, се децидни дека Уставот е јасен и треба да се почитува. „Независно што не е променет Законот за локална самоуправа, со Уставниот закон се опфатени сите други закони и тој мора да се почитува. Извршени се консултации со уставни експерти и од денеска ќе постапува инспекторатот“, вели министерот  Горан Милевски. Министерството за локална самоуправа побара од сите единици на локалната самоуправа да го почитуваат Уставот и законите на оваа држава од каде потенцираат дека нема да дозволи незаконско работење на советите. 

Контроли 

По ваквите укажувања, инспекторите за локална самоуправа следната недела ќе одат во контрола на општините Штип и Аеродром. Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип најавија дека ќе го чекаат инспекцискиот надзор од Министерството за локална самоуправа по што ќе одлучат што понатаму да преземат. Доколку свечената изјава која ја дадоа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден советник на Левица се прогласат за невалидни, како и изборот на претседателот на Советот на општината, кој е извршен по дадената заклетва, во тој случај, тие ќе се жалат пред Управниот суд.  

Неизвесно е како ќе разреши проблемот, со оглед на тоа дека во моментов нема двотретинско мнозинство за промена на Законот за локална самоуправа во Собранието. Доколку изјавите со името Република Македонија завршат пред Уставниот суд ќе се отвори прашањето за нивната уставност, посочи деновиве Светомир Шкариќ, професор по уставно право. 

-повеќе на темата: МНР со апел: Советниците во општините да го користат името Северна Македонија

„Уставот е највисок правен акт и е над сите закони вклучувајќи ги и оние на локалната самоуправа. Ако свечените изјави се без уставното име, стануваат неважечки чим не се применува Уставот, а тука е надлежен Уставниот суд, односно тој ја укинува постапката“, вели професорот. 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ,Христијан Мицкоски, вчера го повтори партискиот став дека Преспанскиот договор е реалност која не им се допаѓа, но доколку не се почитува, во рамките на административното функционирање на институциите, тогаш ќе имаат проблем со други инстанци, како обвинителство, судство. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми