1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инста(нт) генерација за нова едукација

1 јануари 2020

Најтешката задача на модерното воспитување е да му се помогне на детето да се препознае како вредност во својата дигитална, матрикс – генерација. Пишува д-р Тамара Ќупева.

Symbolbild Kind vor dem Fernseher
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Светската економија се подготвува да одговори на потребите што ќе ги донесе  новата генерација Алфа. За разлика сите претходни, оваа генерација најрано го започна своето дигитално детство. Со вродената љубопитност за истражување на непознатото, овие „сајбер – бебиња“ природно се интегрираа во шарениот свет  на движења, тонови и бои. Водени од невидливите насоки на  глобалните мрежи, несвесни за предизвиците, тие самостојно го креираат својот пат низ виртуелното осознавање на себе и другите. Во тој процес, учат на начин непознат за традиционалната педагогија.

Јутубери, Инстаграмџии, ТикТокери

На 4 јануари 2019 година Инстаграмја доби најпознатата фотографија. Едно обично јајце фотографирано од Крис Годфри стана најпопуларната објавена фотографија на оваа платформа, со безмалку 54 милиони допаѓања. Ова јајце ја симболизира  целата филозофија на начинот на примање на пораките на двете најмлади генерации – генерациите Зет и Алфа. Денес, тинејџери и помали од нив. Инстаграмџии, јутубери и тиктокери.

Тие го кoристат јазикот на акронимите, затоа што брзината на комуникација им е основен принцип. Преферираат повеќе пишување на телефон, отколку гласовно комуницирање. Нивната способност да примаат и испраќаат пораки е далеку поразвиена од сите генерации претходно. Имаат поинаков пристап кон јазикот и на свој оригинален начин решаваат проблемски ситуации. Користењето  мултиплицирани медиуми (истовремено гледање, слушање, пишување пораки) ги развива нивните вештини за паралелно процесуирање на информациите. Немаат концентрација  за читање долги текстови.
Технологијата ги претвора во мали делови од милионската, партиципативна заедница “ која бара активно присуство. Тагирање, споделување, објавување „на стори“, брзо прегледување на содржините (скролање), твитање, линкување, коментирање, хаштаг – обележување се дигиталната азбука  на нивниот јазик. Јутуб е нивната телевизија, Тик Ток, инстант - забава, а Инстаграм - нивната природна средина. Она што некогаш беше улицата.

Ова е генерација на онлајн видеокултура којашто е сведена на  целосно пренесување на  личниот живот  преку социјалните мрежи. Новиот феномен на нивното секојдневие е миксот на виртуелниот, онлајн и физичкиот, офлајн идентитет и егзистенција.

Ова е генерација на онлајн видеокултураФотографија: picture-alliance/dpa/J. Schmitt-Tegge

Тежок пат низ пубертетот

Тинејџерите растат и созреваат во интензивно, посредничко општество во кое само емоционалната интелигенција, знаењето и општествената, системска  поддршка  можат да им помогнат да го најдат своето место. Константната поврзаност им носи конформизам, индивидуализам,  задоволство, но и анксиозност поради притисокот од моделите кои се креираат како идеални прототипови. Тоа ја носи потребата од едукација за нови културни вештини.

Никогаш потежок не бил патот низ пубертетот и процесот на созревање. Инстаграм, Тик Ток и другите социјалните мрежи се основната матрица во која тие креираат ставови и погледи. Сликата за себе ја создаваат преку сликата што другите ја создаваат за нив. Тој невидлив притисок, создава кај нив потреба постојано да ја потврдуваат својата „општествена траекторија“, да објавуваат  каде се, што прават, какви навики имаат – се’ со една цел,  да обезбедат статус во околината. Честопати се случува, поради ова влијание, да прикажуваат лажни фотографии, додека осамено чекаат ,,лајкови“  во својата детска соба.

На овој начин, оваа Инста(нт) генерација го конструира својот (заробен, контролиран) идентитет и својата култура на живеење. Нивното „лично“, парадоксално се претопува во општествено прифатливо „јас“.

Простор за критичко размислување

Во таа масовна машина на информации, тие постепено стануваат пасивни жртви на комерцијална и други видови  манипулација. Бранот на новата  култура  се наоѓа во рацете на инфлуенсерите. Тие продаваат/рекламираат фризури, мазна кожа, дизајнирана облека, најнови модели телефони, пијалаци,  ексклузивни салони, агенции за патување и џет-сет животен стил. Некои од нив пак, интересни хобија, спортови, интересни факти.  Тие и не продаваат само производи, тие посредно го „ продаваат“ својот личен живот, правејќи секојдневно онлајн видеа и фотографии од своите искуства.
Во овој вртлог од влијанија и форми на комерцијализација, тинејџерите се соочени со предизвици кои водат кон постојана потрага по нова естетика, но и кон психолошки состојби на апатија, незадволство од  изгледот, социјалниот статус и сл.
Оттука, најтешката задача на модерното воспитување е да му се помогне на детето да се препознае како вредност во својата дигитална, матрикс - генерација. Уште од претшколската возраст, посветено  да се развива  емоционалната и јазичната писменост, затоа што тоа се базични вештини за градење на личноста. Да се создаде пристап, дома и на училиште, којшто ќе обезбеди простор за критичко размислување, промоција на хумани вредности и актуелизација на темите што ги креира технологијата. И родителите и училиштето треба  да се стремат кон таа и таква цел.  Друга опција за воспитување на оваа ,,стаклена генерација“, дефинитивно – нема!

Тамара Ќупева е долгодишена истражувач од областа на образованието и комуникациите. Професорка, доктор на филолошки науки од 2010 година, автор на десетици стручни трудови и книги.
Колумната е дел од проектот Республика.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми