1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕПИ: Не за преговори со ЕУ по секоја цена

БГ
2 декември 2020

Институтот за европска политика смета дека е време за реализам во македонската политика во однос на проширувањето на ЕУ. Во анализа објавена денеска порачуваат дека не смее да има компромис со Софија по секоја цена.

Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Намерата на Бугарија е да го претвори пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ во обратен „етнички и јазички инженеринг", односно во менување на македонскиот национален идентитет, оценува Институтот за европска политика (ЕПИ), во анализа објавена денеска. Документот ги анализира актуелните позиции на Скопје и Софија и оценува дека вметнувањето на спорот во „ЕУ рамка", каква и да е таа, ќе го „затруе" целиот процес.

„Не само што ќе биде затруен процесот на пристапување во ЕУ, туку и на долг рок - целиот јавен дискурс во нашата држава, како и политичките процеси, а неопходните реформи за подобрување на животот на граѓан(к)ите ќе бидат истиснати во втор план." 

-повеќе на темата: Софија бара анекс или нов договор - не само зборови

Од тој аспект, од ЕПИ сметаат дека мора внимателно да се вреднува што ќе добие, а што ќе загуби државата со инсистирањето по секоја цена да се најде компромис со кој ќе се отворат вратите за почеток на пристапниот процес кон ЕУ.
„Би сакале да веруваме дека постои „спасувачка формула" во која ќе останат нечепнати македонските црвени линии, а ќе се откочи почетокот на преговорите. Меѓутоа, тоа изгледа многу малку веројатно, имајќи предвид дека досега бугарската страна не само што не покажа флексибилност, туку постојано ги зголемуваше и заоструваше нејзините барања“, пишуваат авторите на анализата на ЕПИ. 

-повеќе на темата: Лина Ќостарова Унковска: Потребна ни е точка на пресврт

Со други зборови, од ЕПИ сметаат дека без разлика во каква форма или рамка македонската страна ќе се согласи да преговара со Бугарија за историските спорови, онака како што се дефинирани во Објаснувачкиот меморандум на Софија испратен до другите ЕУ членки во септември годинава, исходот ќе биде погубен за Северна Македонија. 

Комплетната анализа на ЕПИ тука. 

Тоа се аргументира со неколку дополнителни поенти:

-Прво дека нема никакви гаранции од ЕУ дека процесот на проширување навистина ќе заврши со полноправно членство, односно со временска перспектива на процесот („Напротив, се нагласува дека тој е со отворен крај");

-Второ, дека првата меѓувладина конференција не значи и отворање на преговарачките Поглавја;

- Трето, фактот дека државите кандидати нема да добијат повеќе средства, или пристап до структурните фондови. 

-повеќе на темата: Македонија ќе ја плаќа цената за неодговорноста на ЕУ

Од ЕПИ за ДВ објаснуваат дека не се работи за песимизам, туку за „реализам“ во однос на целиот процес. Оттаму велат дека не предлагаат никаква алтернатива на членството во ЕУ, но сакаат да отворат дебата за можните алтернативи доколку процесот, поради однесувањето на Софија, остане закочен.

„Тоа е реализам, затоа што се работи за процес со отворен крај. Како што сега стојат работите тоа ќе биде долг, отворен процес и ние треба да бидеме реални. Да не се создава впечаток дека во моментот кога ќе ги започнеме преговорите, веднаш се ќе се реши и ќе станеме членки на ЕУ“, велат од ЕПИ.
Истиот извор наведува дека државата веќе 30 години живее во таа алтернатива, и дека блокадата од Бугарија треба да го поттикне општеството да започне посериозно да создава капацитет за реформи.
„Алтернативата би била да ја спроведуваме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, јасно да ја кажуваме нашата цел и да ги правиме реформите, повторно со поддршка на ЕУ. Но, без создавање на слика дека утре ќе се случи клучното“, велат од ЕПИ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми