1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инструментализирана историја

Инго Мантојфел/превод: Ж. Ацеска7 мај 2015

Германската влада, по повод 70-годишнината од победата над нацистите, сакаше заедно со Русите да им оддаде почит на жртвите. Но, инструментализацијата на 9. мај од страна на Путин го отежнува тоа, смета Инго Мантојфел.

Фотографија: Getty Images/AFP/ V. Maximov

Пред 70 години во Европа заврши Втората светска војна со капитулација на Германскиот рајх. Но, годинашните одбележувања на победата над Хитлерова Германија се случуваат во тешко време за Европа и Русија.

Борба против фашизмот - некогаш и денес?

Зашто, источниот дел од Украина, поради агресивната дестабилизирачка политика на Кремљ, се наоѓа во аморфна состојба меѓу војна и мир. Русија, преку анексијата на Крим, го прекрши принципот на неповредливост на границите, почитувањето на територијалниот интегритет на државите, а не го почитуваше ни откажувањето од закани или употребата на сила. Сржта на европскиот мировен поредок, настанат во Студената војна и кодифициран со Париската повелба од 1990. година, е доведена во прашање преку руската политика.

Уште повеќе: Кремљ го оправдува своето однесување во Украина со наводна борба против „фашистичката пучистичка влада“ во Киев. Со месеци медиумите диригирани од Кремљ ги убедуваат руското население, но и странската публика, дека по соборувањето на авторитарниот и корумпиран украински претседател Јанукович власта во соседната земја ја презеле наводно „фашистички политичари поврзани со американските тајни служби.“

Инго Мантојфел

Историска победа со голема симболична сила

На раководството во Кремљ, 70-годишнината од победата над Хитлерова Германија му доаѓа во вистински момент. Победата над Германија во Втората светска војна уште во советско време беше користена за сопствено ставање на страната на морален победник, без оглед на сталинистичките злосторства и комунистичката диктатура во СССР. Никој не може и не сака да ја оспорува важната улога на Советскиот Сојуз во победата над Хитлер. Но, недиференциран поглед врз епохата на Втората светска војна спречува критичка рефлексија врз најголемата катастрофа на 20. век.

И во пост-советско време во Русија од страна на Кремљ политички е инструментализираше енормната симболична сила на победата. Оваа година тоа е уште поочигледно: руското раководство се обидува со победата над фашистичка Германија пред 70 години да го легитимира и актуелното руско вмешување во Украина, како и антизападната надворешна политика. Парадата на Црвениот плоштад на 9. мај ќе биде врв на ова славеничко а кон надвор конфронтирачко расположение.

Оттаму, целосно е правилно што најважните западни политичари не присуствуваат на манифестацијата, чин со кој ја подвлекуваат меѓународната изолација во која се стави Русија со својата политика кон Украина. Тоа што на парадата ќе учествуваат некои странски државници, како и воени единици од Кина, Индија, Монголија и други земји, не ја побива оваа осуда. Контрастот кон прослвата пред пет години, на 65-годишнината, е голем: тогаш во Москва не беа присутни само водечките државници, туку на воената парада на Црвениот плоштад учествуваа дури и американски и полски војници, што во денешната политичка клима е целосно незамисливо.

Затоа, останува длабоко жалење поради сегашната целосна руска инструментализација и злоупотреба на 70-годишнината од победата над националсоцијализмот, со цел легитимирање на опасна и агресивна руска надворешна политика кон соседната Украина.

Заеднички сеќавање на страдањата на жртвите

Сепак, постои јасна германска желба на 70-годишнината од крајот на војната јасно да се потенцира оти Германците се свесни за својата историска вина и одговорност за направената неправда кон милиони луѓе. Затоа, учеството на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер на комеморациите на 7. мај во Волгоград, поранешен Сталинград, е правилен знак за помирувањето меѓу Германците и Русите. За германското општетсво, името на градот Сталинград асоцира на германските злосторства извршени врз Русите. Тоа што германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер учествува токму на тамошната комеморација, одговара на убедувањето на модерна Германија, според кое војната и конфронтацијата не смеат да бидат решение во случај на постоење политичи разлики.

Во ист смисол германската канцеларка Ангела Меркел на 10. мај во Москва, заедно со рускиот претседател Владимир Путин, ќе положи венец пред Споменикот на незнајните војници. Двете посети се важни сигнали до руските граѓани-дека Германија и Запад не стремат кон конфронтација со рускиот народ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми