1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

100 години инсулин – спасител на животот на дијабетичарите

Гудрун Хајзе
27 јули 2021

Изолирањето на инсулинот пред сто години е еден од најголемите успеси во историјата на медицината. Научниците се обидуваат дополнително да ја оптимираат инсулинската терапија.

Injektion von Insulin mit einem Injektor
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/J. Tack

27 јули 1921 година важи за ден кога на канадските научници Фредерик Грант Бантинг и Чарлс Бест им успеа да изолираат инсулин од панкреас на куче. Две години подоцна за тоа ја добија Нобеловата награда за физиологија и медицина. Голем удел во успехот имаше и Џ.Р. Меклиод, кој ги надгледувал истражувањата, и Џејмс Колип, кој екстрактот од панкреасот го променил на начин што можел да се користи за клинички тестирања. „За дијабетес тип 1 во тоа време немаше терапија и за многу пациенти дијагнозата беше, така да се каже, смртна пресуда", вели д-р Терезија Сарабај, која на Германскиот центар за дијабетес при Универзитетската клиника во Диселдорф е задолжена за клинички студии. „Пациентите со дијабетес тип 1 пред 100 години живееле во просек околу 2 години со болеста. Морале да држат строга диета и најчесто умирале како последица на неухранетост“, вели доктор Сарабај и додава дека уште тогаш се знаело оти болеста е на некој начин поврзана со панкреасот. Моментално, од некаква форма на дијабетес, само во Германија се погодени околу 8 милиони луѓе. 

Витален орган

Една од најважните задачи на панкреасот е да синтетизира ензими за разградување на храната кои преку тенок провод доаѓаат до дванаесетпалечното црево и се мешаат со храната. Панкреасот регулира и одредени хормони, како на пример инсулинот и глукагонот, кои го регулираат нивото на шеќер во крвта. Кај лицата кои страдаат од дијабетес има пореметување на синтезата на инсулин во организмот. Дијабетесот тип 1 најчесто се појавува одеднаш на млади години и се карактеризира со нагласен недостаток од инсулин, кој пак прави пореметувања на нивото на шеќер во крвта. Дијабетесот тип 2 пак, се појавува постепено и тоа на поодмината возраст. Синтезата на инсулин е забавена, организмот не реагира толку чувствително на него и станува резистентен.  

Повеќе: Сѐ повеќе деца со дијабетес тип 1

Првите инсулински инјекции 

Во јануари 1922 тимот истражувачи за првпат беше во можност да го спаси животот на еден пациент со дијабетес тип 1, 13-годишниот Леонард Томпсон, преку инјектирање на инсулин кој тогаш уште бил во форма на густ, кафеав шлајм. Момчето од Торонто страдало една и пол година од дијабетес пред да ја добие терапијата со инсулин изолиран од говедо. 

Научниците утврдиле дека само неколку дена подоцна во урината на момчето веќе немало шеќер и ацетон, кои се главни виновници за настанувањето на дијабетес. Тоа дало поттик на процесот, по што во 1922 година Сенатот на универзитетот во Торонто формирал Комитет за индустриско производство на инсулин.

Моментално, од некаква форма на дијабетес, само во Германија се погодени околу 8 милиони луѓеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Забрзан развој

Инсулинот на почетокот бил од животинско потекло, но следниот чекор, во 1946 година, бил хемиски да се синтетизира инсулин налик на човековиот, на кој му се додавал Протамин за дејството да почне подоцна, а да трае подолго.

Кај таквите т.н. инсулини кои делуваат на одложено мора точно да биде пресметано колкаво количество му е потребно на организмот и во кое време. Доктор Сарабај објаснува: „Тоа значи дека инсулинот развива и до 24-часовно дејство, но пациентите во одредено време мора да внесат одредено количество јаглени хидрати за да го оптимираат нивото на шеќер во крвта. Пациентите до 1980-тите години строго го следеле таквиот режим.“

Повеќе: Дијабетес - факти и митови

Човечки инсулин наместо животински 

Во 1982 година на научниците им успеа со помош на генетски модифицирани бактерии да синтетизираат инсулин кој стопроцентно е идентичен со човековиот хормон.

Од 1996 година на пазарот има и вештачки инсулин, чија предност е во тоа што побрзо развива дејство од хормонските. „Генетиката отвори можности да се произведуваат различни инсулини, па во 1990-тите и првата декада од новиот милениум беа развиени првите инсулини со инстантно дејство кои многу се слични со човековиот во начинот на делување“, вели доктор Сарабај. На сите видови заедничко им е што пациентите мора редовно поткожно да го примаат инсулинот. 

Од 1996 година на пазарот има и вештачки инсулинФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Инсулин во форма на спреј за нос 

Алтернатива за пациентите кои развиле резистентност на инсулин е спрејот за нос кој ја зголемува чувствителноста на организмот на инсулинот од самиот организам, како и на однадвор внесениот инсулин. Другата предност е што го намалува чувството на глад кај пациентите. Тие јадат помали количества храна, подобро ја контролираат телесната тежина и го намалуваат нивото на шеќер во крвта. До таков резултат дојде и релативно мала студија спроведена во Тибинген со 52 учесници, а во план е да се спроведе и поголема за да се дојде до дополнителни сознанија.  

Вештачки панкреас

Веќе подолго време се истражува и друга опција за лекување со вештачки панкреас, која има смисла само кај дијабетичари со типот 1. Притоа не се работи за имитација на природниот орган, туку за мала пумпа која се прицврстува со мал фластер кој се лепи под папокот. Под него има тенка игла која е поврзана со пумпата, а може да се носи во обичен џеб. 

„Има пумпи кои мануелно мора да се програмираат со податоци кога и колку јаде пациентот за да се испушти точно количество инсулин, но има и пумпи кои работат полуавтоматски", објаснува доктор Сарабај. „Тие со помош на уред кој ја мониторира глукозата го мерат шеќерот во крвта и флексибилно одредуваат колку инсулин ќе се вбризга."

Поголема независност

Со децении дијабетесот го диктираше животот на пациентите, почнувајќи од висината на шеќерот во крвта која сами си ја мереа со капка крв од врвот на прстот.  

„Кога треба да јадам? Колку треба да јадам? Сега веќе има школувања за пациентите во кои темелно се запознаваат со сите аспекти на болеста, вклучително и тоа како самите да го подесуваат нивото на шеќер во крвта", вели доктор Сарабај. Со новите терапии лицата со дијабетес денес се далеку понезависни отколку до пред неколку години. Примери за тоа се многу успешни спортисти. Но, има и професии во кои е апсолутно табу да се биде дијабетичар, како на пример пилот или пожарникар, бидејќи ризикот од хипогликемија, очигледно, и покрај одличните лекови е сѐ уште многу висок. 

Со децении дијабетесот го диктираше животот на пациентите, почнувајќи од висината на шеќерот во крвта која сами си ја мереа со капка крв од врвот на прстотФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Дејството не е толку брзо како кај „оригиналниот”

Поткожното вбризгување инсулин се докажа низ годините како ефикасна терапија, а во меѓувреме има и инсулински пенкала. „Тие се многу мали и дискретни, стерилни и безболно го вбризгуваат инсулинот во поткожното масно ткиво каде може да делува и до 36 часа”, вели доктор Сарабај.

И натаму има еден нерешен проблем. „Потребно е некое време додека инсулинот да навлезе во крвотокот. Тоа е разликата меѓу природниот инсулин и однадвор внесениот инсулин. Нашиот панкреас веднаш реагира на промени, додека инјекцијата не може, односно тоа зависи од корисникот", вели таа.

Фотографија: AP

Се тестираат многу нешта

Различни терапии се тестираат или веќе се употребаат, како на пример едно апаратче за мерење на шеќерот кое се нанесува на горниот дел од раката и кое преку Блутут ја споделува информацијата со пациентот. 

Големи очекувања се поврзани и со еден инсулин кој се врзува на носач протеин и исто така се вбризгува во поткожното масно ткиво. Инсулинот се ослободува само кога му е потребен на организмот. Но, и покрај сите успеси, проблем останува подобрата контрола на нивото на шеќер во крвта, што може да се постигне само ако инсулинот уште побрзо делува отколку досега, вели докторката Сарабај. 

Од помош би бил вештачки панкреас, независен од мануелното внесување податоци. Во истражувањата на дијабетесот многу нешта во иднина ќе се одвиваат со алгоритми што би можелода ја унапреди терапијата до степен пациентите да не мора воопшто да водат сметка и да имаат многу повеќе слободи. Точното програмирање на нивото на шеќер во крвта и точното количество инсулин автоматски би биле регулирани, но за тоа да функционира пациентот ќе мора да може да се потпре на алгоритмите, заклучува докторката. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми