1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Мицкоски со паралелни интервјуа за „Политика“

ДТЗ
29 октомври 2021

Во пресрет на вториот круг на локалните избори, Заев вели дека парламентарното мнозинство е стабилно. Мицкоски, пак, обвинува дека власта го има изгубено кредибилитетот.

Kombobild Zoran Zaev und Hristijan Mickoski

Владата на Зоран Заев го губи политичкиот легитимитет и кредибилитет - многу скоро промените ќе продолжат на централно ниво, најавува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во пресрет на вториот круг на локалните избори коишто ќе се одржат во недела. Премиерот Заев, пак, е убеден дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, но и дека парламентарното мнозинство е стабилно и може дополнително да расте. Вакви пораки испратија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски во двете паралелни интервјуа коишто ги објави српскиот дневен весник „Политика“. 

Стабилна влада

Одговарајќи на прашањето дали се планираат предвремени парламентарни избори, Заев истакна дека нема потреба од нови избори и дека парламентарното мнозинство е стабилно и може дополнително да расте.

„Државата има стабилна влада – демократска, европска, мултиетничка. Владата е столб кој го чува курсот кој сите заедно си го зацртавме и по кој се движиме напред. Коалицијата на Владата е стабилна и очекувам да расте“, вели премиерот. Тој е дециден дека не се потребни нови избори.

„По долго време конечно имаме 2,5 години пред нас, период без избори, тоа е ретка можност. Тоа е она што го бараат граѓаните и она што е неопходно за економските перспективи“, вели Заев. Тој додава дека цврсто стои на тоа дека треба да се зграби оваа можност и државата веднаш по локалните избори да продолжи напред кон раст на платите и пензиите и кон отворање на нови 150.000 работни места колку што се планирани за следните години.

Изгубен легитимитет

Лидерот на опозицијата во своето интервју, пак, истакнува дека владата на Заев го губи политичкиот легитимитет и кредибилитет, затоа што не ги оправда очекувањата за кои доби доверба од народот. Тој оценува дека по првиот круг власта е декласирана во Скопје, но и други големи градови во државата, а онаму каде сега има втор круг ВМРО-ДПМНЕ влегува како апсолутен фаворит.

-повеќе на темата: Со борба на кланови се губи довербата кај гласачите

„Овие локални избори потврдија дека народот се спротивставува на политичарите кои немаат слух за неговите барања, но и фактот дека завршува времето на лагите и непринципиелноста во политиката. Загубениот кредибилитет преку локалните избори, очекувам да се преслика и на парламентарната власт, односно многу скоро тие промени ќе продолжат и на централно ниво“, вели Мицкоски. Тој објаснува дека за Македонија ова се многу важни избори од повеќе аспекти, бидејќи, како што вели ја дефинираат определбата на граѓаните дали сакаат нешто да променат или пак ќе продолжи државата со стариот начин на работење. Како причини за лошиот изборен резултат на власта тој смета дека се назадувањето на државата и тоа што нема ниту милиметар помрднување во интеграциите кон ЕУ. Тој најавува дека најголемата опозициска партија ќе води политика на реципроцитет со Бугарија кога ќе дојде на власт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми