1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц ја осуди „империјалистичката“ војна на Путин во Украина

Дојче веле
24 мај 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц во ексклузивно интервју за ДВ вети дека ќе им помогне на земјите во Африка кои исто така страдаат од руската инвазија на Украина.

Südafrika Interview Bundeskanzler Olaf Scholz
Фотографија: Dirk Thiele/DW

Германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот во ексклузивно интервју за ДВ во јужноафриканскиот град Јоханесбург нагласи дека ставањето крај на руската војна во Украина „би било најдобро за целиот свет“. Зборувајќи со главниот политички уредник на ДВ, Михаела Куфнер, Шолц рече дека ЕУ и САД ја водат иницијативата за намалување на цените на горивото ширум светот - повикувајќи ги земјите да го зголемат производството на нафта и гас. 

Коментарите доаѓаат во време на првата официјална посета на Шолц на Африка, каде што со африканските лидери разговараше за широките влијанија на војната во Украина. 

Шолц вели дека Русите веќе „страдаат“ поради војната 

Канцеларот остро ја критикуваше одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со „бруталната војна“ во Украина, нарекувајќи ја „империјалистички пристап“.

За време на директните разговори со Путин, Шолц рече дека му рекол на рускиот претседател дека војната „никогаш нема да има добар исход“ за Русија. Тој исто така додаде дека меѓународните санкции силно го погодуваат економскиот развој на Русија и ќе имаат трајни ефекти. 

„Тие ќе се вратат наназад во однос на можностите за економски развој со децении, ќе страдаат и тие страдаат, а за излез од оваа ситуација, [Путин] мора да ја запре војната“, додаде тој. 

Германија сака да го зголеми глобалното снабдување со гориво 

Со војната во Украина и санкциите за увозот на руската енергија кои придонесуваат за скок на глобалните цени на горивото, Шолц потврди дека САД и ЕУ работат заедно за да ги намалат трошоците. 

„Ќе имаме многу тешка ситуација ако ги погледнеме цените на горивото. Очигледно нема да биде изводливо да ги субвенционираме, па дури и на глобално ниво“, рече Шолц, но додаде дека „неопходно е да почнеме да го зголемуваме снабдувањето со гориво“. „Сега разговараме со сите овие земји кои експлоатираат нафта и гас и се обидуваме да ги убедиме да ги зголемат своите капацитети, така што ќе му помогнат на светскиот пазар“, додаде канцеларот.  

Берлин треба „интензивно“ да работи на дипломатските врски со Африка 

Шолц рече дека е од витално значење Русија да ја прекине војната во Украина не само за европската безбедност, туку и за глобалниот мир. 

„Очигледно е дека многу земји страдаат од оваа војна и од руската агресија, и затоа сме решени дека ќе им помогнеме на земјите кои страдаат“, рече тој. 

Германија работи на поддршка на Светската програма за храна на ОН за справување со недостигот на жито што особено тешко ги погодува земјите во Африка. Тој додаде дека европските земји особено имаат одговорност да ги подобрат односите и поддршката за поранешните колонизирани земји. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза во ПреторијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Германија [и] сите земји со колонијално минато мора да бидат многу искрени и да признаат дека ова минато е дел од нивната историја и дека тие имаат одговорност за подобри односи со земјите, на пример во Африка. И тоа е основата за добри односи во иднина“, рече тој. 

Осврнувањето на колонијалното минато и продлабочувањето на соработката „е основа за мултилатерален свет“ кој се состои од „земји кои соработуваат за подобра иднина“, според германскиот лидер.

За време на неговата прва официјална посета на африканскиот континент, Шолц се сретна со лидерите во Сенегал, разговараше со германските војници во Нигер и сега е во Јужна Африка за следната фаза од своето патување.

„Африка е континент веднаш до Европа и затоа е од суштинско значење да работиме интензивно за да имаме многу добри односи со сите држави во Африка, а исто така е важно да ги развиваме нашите односи со сите демократски држави на светот“, тој рече.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми