1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

18 ноември 2020

Голема е горчината што нашиот најголем пријател ни стави блокада, вели во интервју за Дојче веле премиерот Зоран Заев. Тој зборува за односите со Бугарија, за пандемијата на коронавирусот, за пензиските реформи...

Nordmazedonien DW-Interview Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

26:25

This browser does not support the video element.

ДВ: Г-не Заев, Бугарија ја оствари својата закана и го блокираше одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ. Зошто ескалираше спорот до ова ниво?

Претпоставувам од повеќе причини, веројатно и лошите наративи кои се јавуваат на социјалните мрежи и слично... Ние сме добри пријатели, братски народи. Двете страни сакаат целиот Балкан да го видат заедно во ЕУ, со отворени граници меѓу нас и Бугарија низ кои граѓаните ќе можат слободно да патуваат и да соработуваат и да градат пријателство.

Проблемот се случи затоа што веројатно се обидоа од бугарската страна да ја дефинираат историјата. Историјата прво е флексибилна материја и второ не е работа на политичарите, треба да ги оставиме историчарите да работат на тој дел затоа што и досега имаа успеси, а ќе имаат и понатаму. Верувам тука се јавија прашањата. Ние имаме прекрасен договор во кој полагам многу надежи, затоа што во него имаме алатки и средства како зборот заедничка историја или општа историја како што ја викаат Бугарите. И во такви околности мислам дека може, низ призмата на паметниот, европскиот пристап да ја искористиме историјата на позитивен начин. Таа не сплотува, не спојува, тоа е нешто заедничко од минатото и низ него да градиме мостови, соработка и уште поголемо братство. Или, можеме таа заедничка историја, ако ја правиме повеќе македонска, или повеќе бугарска, да биде јаболко на раздор и да прави конфликти.

- Целосното интервју со премиерот Заев, во кое зборува и за пандемијата на коронавирусот и за предложените пензиски реформи, погледнете го тука. 

Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

26:25

This browser does not support the video element.

Целта е Балканот да биде во ЕУ и НАТО. Во ЕУ имаме можност да ги отвориме границите. Да отвориме перспективи за младите, за децата... за тоа постоиме и така најдобро им служиме на нашите граѓани. Верувам дека се уште има време да се решат овие прашања. Веројатно никојпат нема да е доцна, но ако час- поскоро ги решиме, тоа ќе биде подобро.

Во моментов има голема горчина кај нас, затоа што нашиот најголем пријател, тој што го нарекуваме брат, ни стави блокада. Имаме уште време. Се даде простор низ европски институции, како Советот на министри, и се додека трае германското претседателство, а тоа е до крајот на декември, имаме шанса да сториме се за да изнајдеме решение. Се уште се разговара, правиме обиди, доаѓаат материјали, идеи, и верувам дека доколку ние водиме грижа за бугарските интереси, а тие за нашите, ќе изнајдеме решение.

ДВ: Ја слушнавме таа најава за можен пробив во декември и од вас и од шефот на германската дипломатија Мас и од министерот Рот. Но, во моментов таа не делува многу реалистично. Особено ако се земе предвид дека во Бугарија има избори во март следната година, а целата оваа реторика и досега им беше припишувана на тие внатрешно-политички собитија. Колку вие навистина сметате е дека решение сега е реалистично?

Не е без шанса. Јас и одговорот на вашето прашање ќе го дадам водејќи грижа како Бојко Борисов ќе настапи на изборите со решен проблем. Прво, постои можност да се најде решение преку некаков протокол, меморандум во рамките на Договорот со Бугарија со кој ќе ги обврземе работите за да ги потврдиме очекувањата на бугарскиот народ. Второ, Бугарија може да продолжи да ја користи билатералната формула што ја имаме, а тоа е македонски јазик согласно Уставот на Северна Македонија. Тоа е решение од 1999 година, потврдено со Договорот од 2017. Ние и досега потврдувавме, дека нашето име Северна Македонија, како кратко име, е исто што и Република Северна Македонија и тоа се однесува на политичкиот идентитет на државата без било какви аспирации или територијални претензии. Дефинитивно немаме никакви, ниту територијални, ниту малцински претензии. Постојат меѓународни обврски на државите за тоа. Ние и со Устав потврдуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на ниту еден сосед, ниту на Бугарија. Тоа се бугарски граѓани и тие своите права си ги бараат дома или пред светот. Во такви околности, еве јавно потврдувам, дека немаме никакви територијални и малцински претензии, како што и тие потврдуваат. Можам да ветам дека би изработиле еден патоказ за побрзо да се работи Коридорот 8, колку пати годишно ќе се состануваат историските комисии... Меѓувладината комисија, ако треба, не еднаш годишно, нека е двапати, затоа што тоа е и наш интерес, а веројатно ќе им помогне и на бугарските политичари пред изборите. И наш интерес е Бугарија да биде стабилна и да има влада и парламент кои народот ги поддржува, за да може да носи одлуки, меѓу кои и одлуки за пријателство и соработка со нашата земја. Во такви околности постои решение. Јас искрено сакам нашиот пријателски, братски народ да не признае како Македонци и нашиот јазик како македонски. И тие веднаш ќе реагираат и ќе кажат: „Да, да, ве признаваме. Ние ја признаваме реалноста“. Но признавањето на мојата историја е моето право на самоопределување. Како што јас целосно, и македонскиот народ, го признаваме бугарското право на самоопределување, од реалноста: дека постои бугарски народ и јазик со целата историја која за нив е света, како што е за нас света нашата историја. И низ тоа можеме да градиме пријателство. И точно дел од таа историја била наша заедничка, но ајде да ја искористиме за пријателство. Јас верувам дека бугарските граѓани реално не го сакаат ова што се случува денеска. Македонскиот народ никогаш не би го блокирал бугарскиот народ, а доколку тоа го сторат политичарите ќе бидат казнети на изборите. Бугарскиот народ, исто така, не би ставил никогаш блокада. Сега е до политичарите. Мојот пријател и брат Бојко Борисов е Европеец, и тој тоа го има докажано, не треба јас да го кажувам. Тоа тој го има докажано неколку пати, посебно за нас како Северна Македонија и за Западниот Балкан и јас верувам дека ќе продолжи во тој дух. Според мене, бугарскиот народ ќе награди човек кој наоѓа решение, а не човек кој создава проблеми.

Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

ДВ: Често го споменувате вашето пријателство со бугарскиот премиер Бојко Борисов, но тоа очигледно досега не даде резултати, имајќи го предвид вчерашното вето. Но ме интересира еден друг аспект, а тоа е внатрешната политика во Бугарија. Колку мислите дека Борисов е тој што стои зад овие тензии, а не Каракачанов, на пример и колку е Борисов моќен, сега пред избори, тоа да го промени?

Тврдам дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ. Тврдам исто така дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери. Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат „аман брату, немој толку да не сакаш“. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин. Треба да продолжи да ја сака, но и да покаже дека тоа што нему му тежи и му е проблем, како што вели: Булгарски Македонец; тоа се решава. Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Бојко Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Јавно тврдам дека заедничката историја е реалност и постои. Во таа заедничка историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство. Тоа е љубовта која што носи иднина. Другата љубов не е вредна затоа што носи раздор и непријателство. Јас сум убеден дека и Каракачанов, кој е претседател на партија со десна определба, не сака конфликти со своите соседи, не сака да ги раздели Македонците од Бугарите, тој сака да гради пријателство внатре. Тој ги знае моите ставови. Јас сум често домаќин на културни манифестации на Бугарите во земјава. Јас како премиер го возобновив и го подигнав споменикот на полковник Константин Каварналиев во Дојран, затоа што се борел за слободи и права во Првата светска војна. Затоа што тоа може да биде мост на пријателство. Јас сум разговарал лично со градоначалници на општини и институции да тргнат табли на кои што се зборува за „непријателски" народи и да ја променат таа табла. Јас сум тој којшто работи, заедно со целиот мој народ, на јакнење на пријателството и братството на двата народи, но не можете нешто ако е изгубено со децении, за две години да го постигнете, треба дополнително време, а тоа зависи од сите нас.

ДВ: Во овој спор има многу историја, но има и многу симболика. Впечаток е дека двете ВМРО-а од двете страни на границата, како да се спаринг-партнери во овој конфликт. Едните тука во Северна Македонија настапуваат со остра реторика, другите со уште пожестока во Бугарија. Зошто се тие тенденции толку изразени, според Вас?

Прво се десничарски и националистички определени партии, и за жал, преку ваквата политика, кога се отвараат вака чувствителни прашања, тој национализам станува радикален. Нашите дома по ова прашање се радикални националисти. Единствено ги интересираат политички поени, како да се освојат повеќе гласови, и како да се победи на следните избори. Љубовта кон татковината и својот народ не е трка на 100 метри. Политичарите имаат одговорност да мислат и на иднината на својата земја, на својот народ, на младите, на децата, да останат тука... Јас го имам правото тоа да го кажам затоа што сум го потврдил на дело: Со законот за употребата на јазиците, со Преспанскиот договор, со Договорот со Бугарија; затоа што иднината треба да не инспирира во нашите одлуки. Да си ја почитуваме историјата, таа ни е важна, но таа мора да биде основа за иднината. Во такви околности, јас знам какво е нашето ВМРО со тоа раководство. Во таа партија и тоа како има Европејци. Од другата страна е Каракачанов со неговите ставови, како десничарска партија која е повеќе определена кон национализмот. Но, сепак, очекувам дека ќе преовлада разумот затоа што некој може на краток рок да добие со тоа, но веднаш ќе загуби на среден рок. Жалам што вака се поставени и што двете ВМРО-а од двете страни на границата се најрадикално- националистички ориентирани, но верувам дека ќе преовлада разумот и дека европските сили ќе донесат одлуки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми