1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет - револуционерите повикуваат на протести

13 јули 2011

„Немиот протест“ во Белорусија продолжува вечерва (13.07.11). Организацијата се одвива виртуелно, од страна на интернет заедница под името „Револуција низ социјалната мрежа“.

„Неми протести“ во БелорусијаФотографија: DW

„Револуција низ социјалната мрежа“ се нарекува групата, која му се спротивставува на диктаторот Александар Лукашенко. Досега има 25.000 членови. Комуникацијата се одвива преку интернет платформата под името „Во контакт“, која е еден вид руски Фејсбук. Во отвореното писмо до „граѓанинот Лукашенко“ организаторите најавија борба против режимот на омразениот претседател. „Не се бориме за еден колбас или 20 долари екстра, туку за слобода.“ Од почетокот на јуни оваа група организира акции - секогаш в среда, секогаш немо, секогаш мирно. Ширум земјата, според проценките, досега на улица излегле околу 5.000 луѓе. Минатата среда беа уапсени стотици демонстранти.

Интернет - револуционерите организираат отпор

Без пароли и мегафониФотографија: DW

Вјачеслав Дијанов е администратор на групата „Револуција низ социјалната мрежа“. Појаснува дека онлајн заедницата не ја интересираат политичките програми. „Се бориме за слободата во нашата земја. Наша задача е да се погрижиме, да биде отстранет режимот на Лукашенко.“ Граѓаните мора да се определат за своите политички лидери на слободни избори. Онлајн-активистите својата задача ја гледаат во тоа да ги активираат граѓаните и да го организираат протестот за да стигнат до широките маси, пред се’ до работниците. За таа цел, протестот од виртуелниот свет треба да стане реалност. Тоа што интернет револуционерите го предводат протестното движење, не е случајност, проценува експертот за Белорусија Инго Пец. Во рамките на бранот репресии, по претседателските избори во 2010 година, опозиционите политичари беа апсени, осудувани во привидни процеси или протерани во егзил. Резултатот од овој чекор е што партиите од опозицијата се разбиени, така што улогата ја преземаат други општествени сили.

Зошто замолкнаа политичките партии од опозицијата?

Интернет страницата „Во контакт“

Онлајн активистот Вјачеслав Дијанов вели дека лично нема проблеми за контакт со политичарите од опозицијата. „Не е важно кој ќе излезе на улица: опозициони политичари, работници, студенти. Најважно е да ја поддржуваат формата на акцијата, без пароли, транспаренти и сл.“

За оваа среда (13.07.11) организаторите подготвија план, кој исто така може да се прочита на онлајн плаформата „Во контакт“. Според него, учесниците овој пат, во никој случај не треба да аплаудират, туку да се соберат во мали групи во различни трговски центри и оттаму, во договорено време, да се упатат кон договореното место на прошетка. Особено непожелни се пароли, транспарентни или мегафони.

Според белорускиот политиколог Денис Мелјаназов, интернет - револуционерите чувствуваат дека општеството созрева за протестот, и многумина очекуваа политички акции, така што интернет - револуционерите ја пополнуваат празнината.

Флешмоб наместо манифестации

„Порано или подоцна Лукашенко ќе колабира“Фотографија: dapd

Рускиот експерт Кирил Котиш смета дека „немата револуција“ е израз на наелектризирано општество. Неговиот украински колега Владимир Горбачов укажува дека овој вид на протест соодветствува на модерното време. Младата генерација не излегува на протести, туку се изразува преку т.н. флешмоб учество, варијанта на масовно собирање, организирано преку интернет.

Интернет револуционерите играат на факторот време. Вјачеслав Дијанов е убеден дека режимот порано или подоцна ќе колабира. Факт е дека Лукашенко е во незавидна позиција: економијата е во лоша состојба, валутата изгуби повеќе од половината од својата вредност, инфлацијата галопира, додека невработеноста се зголемува. „Порано или подоцна, незадоволството од режимот на Лукашенко ќе се претопи во масовни протести.“

Експерите очекуваат дека најактивната фаза на протестите ќе следува оваа есен.

Автори: Биргит Герц/ Галина Петровскаја/ Владимир Дороков/ АТ

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми