1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет-универзитет за бегалци

Викториа Клебер/ Ж.А.23 август 2015

Бегалците во Германија мораат да прескокнат многу пречки ако сакаат да се запишат на факултет. Но, сега постои универзитет на кој во иднина ќе можат да студираат преку интернет. Интересот е голем.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Нидал Абас одамна се радува на студирањето. По матурата во своето родно место Хомс во Сирија имал намера да студира градежништво. Но, ситуацијата во неговата татковина во корен се промени. Со 19 години Нидал, како и стотици илијади негови сонародници, преку Средозменото Море побегна во Европа. Сега во Берлин чека на решение на својата апликација за добивање политички азил.

Предавања од елитни професори

Оној кој ќе дојде во Германија како бегалец, ако сака да студира, мора да исполнува барем два услова: да има положена матура и решен статус на престој. Но, тоа може да потрае. Нидал чека веќе шест месеци, а многумина негови сонародници дури и по неколку години. Во текот на тој период оние кои чекаат на решавање на својот статус, препуштени се сами на себе и - на државните јасли.

Со оглед на тоа што во мноштвото случаи апликантите не смеат да работат, деновите ги поминуваат во чекање. Маркус Креслер е уверен-тоа чекање може да се избегне. Тој заедно со пријателите го основаше универзитетот Вингс, прв онлајн-универзитет за бегалци во Германија.

За Нидал Абас се исполнува голема желбаФотографија: privat

„Кај нас нема пречки, секој бегалец може да се запише дури и без документи“, вели Креслер. Првите предавања почнуваат наесен, а напролет идната година и комплетните студии. Студентската програма се составува заеднички со соработници на Слободниот универзитет Берлин и Академијата на уметноста.

Првите предавања се веќе подготвени од страна на професори од елитните универзитети Харвард и Станфорд, кои ги дадоа на бесплатно користење.

Виртуелни студии

Тој виртуелен универзитет нуди четири семестри: инженерски науки, информатика, архитектура и економија. Интересот е голем.

„Оваа есен запишуваме 400 студенти, а следната година очекуваме над 3.000“, објаснува Креслер. Моментно забрзано се работи на соработка со останатите факултети на кои студентите би ги полагале испитите. На одговорните на оваа необична образовна институција им е важно системот на студирањето, со оглед дека се работи за соработка на повеќе универзитети, да биде добро координиран. Постои и проблемот со финансирањето.

Долгорочно, новиот универзитет Вингс би требало да добие одреден износ од државата за секој студент. Водителите на проектот работат на доброволна основа, но им недостигаат средства за бирократскиот дел од работата, кој не е незанемарлив. Во тек е и голема акција на собирање средства со цел барем виталните делови на тој виртуелен универзитет да проработат пред почетокот на семестарот.

Надеж во иднината

Нидал Абас нестрпливо го чека почетокот на предавањата. За него тоа е повеќе од обично стекнување квалификации и подготовка за работен живот. „Моето семејство собираше пари за да ме испрати во Германија. Имам три помлади сестри на кои наскоро би сакал да им помогнам.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми