1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Поставени насоките за новата ковид-политика во Германија

Кај-Александер Шолц
12 ноември 2021

Епидемиолошката ситуација во Германија е повеќе од загрижувачка. Бројот на ковид-случаи вртоглаво расте. Партиите од веројатната идна владејачка коалиција се обидуваат да го сменат курсот. Но, тоа воопшто не е лесно.

Институтот Роберт Кох, денеска пријави нова рекордна корона-инциденца во Германија-  263,7
Институтот Роберт Кох, денеска пријави нова рекордна корона-инциденца во Германија- 263,7Фотографија: Rüdiger Wölk/imago images

Тоа не беше секојдневна расправа во германскиот парламент, Бундестагот. Бидејќи, кога станува збор за актуелната корона-политика, тоа е тема која сега повторно силно би требало да се врати во парламентот.

Досега беше пракса многу одлуки да се носат на состаноците на премиерите на покраините и германската канцеларка, Ангела Меркел. Потоа, најчесто покраинските парламенти гласаа за мерките. Тоа беше регулирано затоа што земјата беше во еден вид вонредна состојба - таканаречена „епидемиска ситуација од национални размери“, која е на сила до 25 ноември. Во Германија за заштита од заразни болести се надлежни покраините.

Планираната нова влада, која би ја сочинувале Социјалдемократите (СПД), Либералите (ФДП) и Зелените, таканаречена „семафор-коалиција“, нема во план да ја продолжи вонредната епидемиолошка ситуација, туку сака да усвои нов пакет мерки.

Крајно рестриктивни мерки, како локдаун или забрана за излегување, веќе не би требало да има. Тие не се правно засновани, вели либералот Марко Бушман. Така, еден германски Уставен суд неодамна дополнително ја отфрли одлуката за забрана за излегување.

ЦДУ и ЦСУ вежбаат за опозициска улога

Ново е тоа дека расправата за коронавирусот сега повторно се води во јавноста, а помалку во канцеларската канцеларија и во кабинетите на покраинските премиери. Политичарот од партијата на Зелените, Јанош Дамен, и самиот инаку доктор, пред дебатата предупреди: Од Бундестагот на жителите би требало да им се испрати „јасна порака за сериозноста на ситуацијата“. „Обидите за профилирање и меѓусебни обвинувања, се целосно депласирани.“

Ралф Бринкхаус (лево), шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, во дебатата за новите корона-мерки целеше кон конфронтацијаФотографија: picture alliance/dpa

Повеќе: Нов рекорд на инфицирани во Германија, Баварија прогласи состојба на катастрофа

Пратениците од ЦДУ и ЦСУ заедно ќе ја сочинуваат најголемата опозициска пратеничка група. Тие сметаат дека вонредната епидемиолошка ситуација треба да се продолжи. Укинувањето е „едноставно погрешна одлука“, вели Александар Добринт од ЦСУ.

Меѓутоа за укинувањето на вонредната епидемиолошка ситуација веќе во октомври зборуваше сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан. Како и целата досегашна влада, по парламентарните избори кои беа одржани на крајот на септември, тој сега е само вршител на должноста министер.

Партијата Левица предупредува на „празни ветувања“ за скорешен крај на пандемијата и повикува на задолжително тестирање, без разлика на статусот на вакцинација. „Крај на владеење со регулативите“ би било добро, порачаа политичарите од оваа партија.

Политичарот од десничарската Алтернатива за Германија (АфД), Себастијан Минцен, го критикуваше проширувањето на правилото 2Г, со кое пристапот во јавни простори им се дозволува само на оние кои се вакцинирани или оздравени. Оваа партија смета дека вакцинирањето треба да биде слободен избор. АфД бара „Ден на слободата“ и во целост се залага за лична одговорност.

Многу заштитни мерки остануваат

Но тој „Ден на слободата“ нема да го има, нагласи Олаф Шолц (СПД), најверојатниот кандидат за канцелар во својот говор за пандемијата. „За разлика од другите земји, ние сè уште веруваме дека се неопходни мерки на претпазливост“, рече тој.

Тоа подразбира, на пример, обврска за носење маска, повеќе хигиена и други физички бариери против инфекции. Исто така, корисниците на домовите за стари лица би требало подобро да бидат заштитени, така што вработените и посетителите секојдневно ќе се тестираат, што би требало да биде контролирано.

Олаф Шолц, веројатниот иден германски канцелар, избегнуваше остри тонови за време на дебатата во БундестаготФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Оние кои се вакцинирани досега не мораа да се тестираат. Генерално, тестирањето повторно би требало да биде приоритет. Затоа повторно би требало да се воведат бесплатни тестирања за граѓаните. Постарите лица, лицата кои боледуваат од хронични болести и оние кои се грижат за нив, би требало први да добијат трета вакцина, „бустер доза“, повторно и во центрите за вакцинирање, кои беа затворени пред неколку недели.

Повеќе: Германија: Рекорден број инфицирани, промена во препораката за вакцини

На работното место треба да важи правилото 3Г . Во Бундестагот тоа веќе е во сила. Кој не е вакциниран, тестиран или прележал Ковид-19 не може да седи покрај другите пратеници, туку мора да го заземе местото на една од трибините.

Покраините би требало да добијат правна рамка за воведување на правилото 2Г - да речеме во рестораните. Во некои покраини, ова правило веќе се применува. Правилата навистина би морало да се применуваат, предупреди Шолц.

Олаф Шолц избегнува поларизација - особено кога станува збор за противниците на вакцинацијата. Со мирен тон, но со суверена анализа, рече дека има многу невакцинирани кои сѐ уште не ја прифатиле понудата за вакцинација. Оние кои не го сториле тоа, се разболеле и се „бореле за живот“ на одделенијата за интензивна нега. Затоа треба да им се помогне на болниците да создадат „место за ковид-пациентите“. Говорот заврши со апел: „Вакцинирајте се! Тоа е важно за вашето здравје и за нашата земја!“

Сепак уште една конференција на покраинските премиери

Шолц најави дека за неколку дена повторно ќе разговара за актуелната ситуација со Ангела Меркел и со премиерите на покраините, што беше предложено од некои покраини. Без разлика што „стариот“ одлучувачки одбор повторно заседава, тоа нема да влијае на одлуката за истекување на вонредната епидемиолошка состојба, по 25 ноември. Затоа што за тоа одлучува само Бундестагот во кој мнозинство имаат партиите од веројатната идна владина коалиција.

Тие најавија дека може да бидат усвоени и дополнителни мерки за заштита и оти доколку има потреба ќе има одредени измени. Интересна би можела да биде дискусијата за задолжителна вакцинација на вработените во домовите за стари лица. Во дискусијата веќе се вклучија Советот за етика, бројни научници и лекари. Тоа не може да се заобиколи, рече Кетрин Геринг-Екарт од партијата на Зелените.

Во Германија моменталната состојба со корона вирусот е алармантна. Институтот Роберт Кох во четвртокот за првпат забележа повеќе од 50.000 инфекции во еден ден. Денеска пак се пријавени 48.640 нови случаи на Ковид-19. Седумдневната инциденца забележа раст петти ден по ред и достигна рекордно ниво од 263,7. Во Баварија е прогласена состојба на катастрофа, поради огромниот број ковид-случаи. Карневалската сезона започна, а се отворија и првите божиќни панаѓури - места каде коронавирусот може дополнително да се шири.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми