1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Инцидентот во Минск: Лукашенко е губитник, Путин - добитник

Јури Решето
25 мај 2021

Москва реагира исклучително воздржано на принудното слетување на авионот на Рајанер во Минск. Кремљ покажува неразбирање за шокираноста на Западот поради апсењето на опозицискиот белоруски блогер.

Putin mit Lukaschenko in Sotschi
Фотографија: Alexei Druzhinin/Kremlin/Sputnik/Reuters

Во државно контролираните руски медиуми апсењето на Роман Протасевич и неговата пријателка Софија Сапега по принудното слетување на авионот на Рајанер во Минск се минимизира како случајност.

Затоа пак видеото со неговото наводно признание наидува на голем одек. Известувањето се чини се одвива под мотото: „Гледајте, тој сепак призна“. Во државно контролираните весници нема ни збор дека видеото можеби е направено под притисок на властите.

Булеварскиот весник „Московски комсомолец“ смета дури дека белорускиот претседател Александар Лукашенко може политички да профитира и можеби да стане триумфирачки победник.

„Човек дури може да му завиди на Лукашенко: сѐ течеше како подмачкано, нему не може (од чисто правен аспект – забелешка на редакцијата) ништо да му се префрли (...) Но, пречи едно нешто, како мало камче во чевелот: дали неговата лична страст за одмазда е толку голема, што може да го стави на коцка дури и животот на десетици апсолутно невини луѓе?“, се вели во коментарот.

„Шокираност од шокираноста на Западот“

Други весници го цитираа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров , кој предупреди дека во случајот не е препорачливо избрзување, инцидентот мора да се испита темелно и на мир. Неговата портпаролка Марија Захарова укажа на тоа дека Министерството за надворешни работи во Москва внимателно го набљудува случајот.

Постапката на белоруските власти е во согласност со меѓународните правила, апсењето на Роман Протасевич е внатрешна работа на Белорусија, смета Захарова. Таа напротив е „шокирана од шокираноста на Западот“, принудното слетување во Минск го спореди со изнуденото приземјување на авионот на боливискиот претседател Ево Моралес во јули 2013 година во Виена.

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна

01:30

This browser does not support the video element.

Но, Захарова не споменува дека Моралес, по 12-часовна пауза, можеше да го продолжи летот. Таа е изненадена и од координираноста на реакциите на Западот, критикувајќи ги т.н. двојни стандарди при осудувањето на инцидентот во Минск.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков на една прес конференција изјави дека принудното слетување во Белорусија треба да биде испитано од Меѓународната организација за цивилни летови, а Кремљ не воспоставил никаков контакт со белоруските власти за ова прашање.

Повеќе:

ЕУ планира нови санкции против Белорусија

Западот треба да воведе санкции против Белорусија кои навистина ќе болат

Таткото на Протасевич тврди: Тоа не се негови зборови

Прашан за договорените санкции од страна на ЕУ против Белорусија, Песков изјави: „Едни бараат санкции, други велат дека тоа (приземјувањето во Минкс, н.з.) не противречи на интернационалните стандарди. Ние во моментив не сакаме да учествуваме во ова натпреварување."

Рускиот опозициски политичар Иља Јашин укажува на фактот што првично на листата на патници на авионот на Рајанер имало четворица руски државјани. По принудното слетување во Минск, тие не го продолжиле летот.

Поаѓајќи од ова, политичарот шпекулира дека операцијата можеби била во заедничка соработка на руската тајна служба ФСБ и белоруската тајна служба КГБ. „Ако е тоа точно, тоа би бил срам за нашата земја“, напиша Јашин на Твитер.

Портаполот на Кремљ, Песков напротив отфрла секаква руска вмешаност во принудното слетување на авионот и апсењето на Протасевич. Тој дури се жали на антируско расположение, на праксата Москва да биде обвинувана за сѐ и сешто.

„Санкциите ја зголемуваат зависноста од Русија“

Според мислењето на московскиот политиколог Дмитри Орешкин во интервју за Дојче веле, во актуелната ситуација добивката е на страната на рускиот претседател Владимир Путин. Санкциите на ЕУ против Лукашенко дополнително  ќе ја зголемат неговата зависност од Русија, првенствено економска.

„Лукашенко полека ги губи можностите истовремено да се бори на два фронта“, смета Орешкин. Белорускиот претседател со години аргументираше дека руските ракети одамна би биле поставени пред границите на ЕУ ако Минск не служи за заштитен штит против Москва.

Истовремено, Лукашенко ѝ се закануваше на Москва дека ќе се фрли во прегратките на ЕУ ако и натаму не биде поддржуван со милијарди суми кредити од Русија. Оваа поддршка, убеден е политикологот, сега му останува единствена опција на Лукашенко, за негово политичко и економско преживување. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми