1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидентот покажува колку е кревок мирот

29 јули 2011

Најновиот излив на насилство во северниот дел на Косово е една од централните теми во денешните (29.07.2011) изданија на германските весници. Во коментарите се застапени спротивставени позиции.

„Перверзна игра на Белград“

Со ваков наслов весникот „Ди велт“ со осврнува на настаните и на почетокот од коментарот констатира:

„Сликите од пламнатите објекти на граничниот премин и тешко вооружените војници на НАТО повеќе од јасно покажуваат: Србија е светлосни години оддалечена од членство во ЕУ. (...) За жал, дури ни претседателот Тадиќ не може да се ослободи од перверзниот дух, кој од дамнина ја креира политиката на Србија. (...) Дијалогот меѓу Србите и Албанците, што го бараше ЕУ, повторно замре. Средбата, на која по повеќе месеци конечно требаше да бидат расчистени некои практични прашања, пропадна поради изразитата одбивност на Белград да прифати минимални компромиси. Премногу му е дури и некој мал царински печат на кој пишува ’Република Косово‘.

Но, такви чекори (преговори, соработка - н.з.) Брисел ги постави како предуслов за да им го даде на аспирантите посакуваниот статус на кандидат за членство. Сите земји од Западен Балкан мораат да соработуваат како доказ дека војната навистина е историја. ЕУ ќе си игра со ѓаволот ако уште еднаш ја повтори грешката, во клубот да прими земја со нерешени (гранични) конфликти, како во случајот со Кипар.

Српското раководство е свесно за тоа, па сепак го става Косово над се’. Притоа сите анкети покажуваат дека на најголемиот дел од Србите сосем им е се’ едно за тој неуправлив јужен агол. Дури и најтврдокорните националисти веќе речиси и не полагаат многу во таа наводна рана во српската душа. Може да му се верува на шефот на државата Тадиќ, дека неговите ЕУ-амбиции се вистински. Но, зошто тогаш е тој подготвен да ја стави на коцка европската иднина на својата земја?“, се прашува „Ди велт“ во коментарот на Штефани Болцен.

„Србите на Косово - жртвувано малцинство“

„Време е Западот подобро да го штити српското малцинство во Косово“, оценува „Тагесшигел“ во коментарот под горниот наслов. Во него, покрај другото, се вели:

„Кога САД и Европа во конфликтот застанаа на страната на косовските Албанци, оти за нив никогаш не би имало нормален живот во заедничка држава, аргументацијата се чинеше сосем логична. (...)

Ако понатаму се размислува според истата мостра, Западот, меѓутоа, би морал Северно Косово, со убедливо доминатно српско население, да и’ го вети на Србија или барем со договор да го асоцира со Белград. Ако Србите и Албанците не можат да живеат во една заедничка држава Србија, зошто тоа би било можно во Косово? Под косовското сонце ќе има исто толку малку место за Србите, колку и за Албанците пред тоа. Инаку, останува повеќе отколку само лошо чувство; имено, извесноста дека сите тие возвишени идеали и големи ветувања за слобода и соживот важат само за оние, кои живеат поволно од военостратегиски аспект. (...)

Време е Западот за српското малцинство да ги применува истите мерила, како и за косовското мнозинство - и тоа мора да е поука по годините на конфликт во екс-Југославија“, смета „Тагесшпигел“ во коментаторскиот текст на Ник Афанасјев.

„Косово - престрелките се само почеток“


„Европската Унија мора најитно да дејствува - инаку ризикува нов излив на конфликти“, е став на Нилс Крајмајер, автор на коментарот објавен во „Фајненшел Тајмс Дојчланд“, каде тој вака анализира:

„Српското раководство, кое неодамна со израчувањето на двајца воени злосторници се здоби со углед во Европа, едноставно не може да си дозволи нови конфликти и поради тоа е ранливо. Владата во Приштина очигледно мислеше дека омекнатиот став на Србија може да го искористи и да создаде факти на границата кон северот.

Тој импулс е дури и разбирлив: на секое државно раководство мора да му е трн в око, ако нема контрола врз дел од сопствената територија и таму се раскомотиле шверцерски банди. Но, изминатите години покажаа дека на Балканот нема едноставни решенија. Оттука оној, кој го загрозува кревкиот мир со полициска акција, постапува неодговорно и во најголема мера нефер. ЕУ би требало неодложно тоа јасно да му го каже на косовското раководство, кое таа го издржува. Оти, во тој регион веќе често пати конфликти започнуваа со мали престрелки“, заклучува „Фајненшел Тајмс Дојчланд“.

„Препад во сивата зона“

„Шпигел онлајн“ во поднасловот фигуративно нагласува дека „на бојните полиња од последната Балканска војна се кријат уште многу мини - а и конфликтот меѓу Србите и Косоварите може во секое време повторно да експлодира. За тоа е виновно едно историски погрешно решение на ЕУ“. Олаф Илау во својот коментар прво констатира:

„Крвавата ескалација на српско-косовскиот граничен премин Јариње повторно застрашувачки открива дека Западниот Балкан, ни по интервенцијата на меѓународната заедница пред 12 години и инвестициите во суми од милијарди, ни оддалеку не го најде својот внатрешен мир“.

Во врска со Косово и конкретно со последниот инцидент, во коментарот се вели:

„Вистински тешкото прашање, што ќе стане со северот на Косово, би требало да се расчисти дури со подоцнежните преговори за пристап (на Србија во ЕУ - н.з.). А тие ќе бидат жешки. Оти, некакво можно отстапување на територија, какво што си претставува Белград, би можело да предизвика верижна реакција помеѓу Босна и Македонија и повторно да ја отвори Пандорината кутија, во колективна параноја да води кон нови етнички експлозии и протерувања.

Цивилизаторскиот покров врз западната половина на Балканот останува тенок, и натаму има купишта екстремистички неверодостојници. Историска грешка на ЕУ беше што по постјугословенските војни не ги интегрира во еден потег сите земји што настанаа од некогашната многунационална држава“, оценува „Шпигел онлајн“.

Извори: „Ди Велт“, „Тагесшпигел“, „Фајненшел тајмс Дојчланд“, „Шпигел онлајн“

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми