Иранците се надеваат на договор за атомската програма
30 јуни 2015
Веќе 12 години трае спорот околу иранската нуклеарна програма. Групата 5+1 (пет постојани членки на Советот за безбедност и Германија) има Се‘ уште време да ги доработи неопходните технички детали во нацрт договорот кој е постигнат пред три месеци. Меѓународната заедница сака да се увери оти Иран својата нуклеарна програма ќе ја користи само во мирољубиви цели, и дека оваа земја нема да произведува нуклеарно оружје. Техеран пак, за возврат се надева оти ќе му бидат укинати санкциите кои веќе со години ја оптоваруваат економијата на земјата.
И претставниците на цивилното општество се надеваат на успех на преговорите. Ова е резултат на истражувањето на невладината организација „International Campaign for Human Rights in Iran", а опфати активисти за човекови права, новинари, уметници и научници. Познато е дека сите 28 испитаници се критички настроени кон режимот во Иран. Некои од нив одлежале и затворски казни.
Атомска програма и човековите права
Испитаниците не беа толку наивни да веруваат оти ситуацијата по прашањето на човекови права ќе се подобри веднаш по успешното заклучување на преговорите, нагласува Хади Гаеми, директор на НВО „International Camlaign for Human Rights in Iran" во разговорот за ДВ. Меѓутоа, тие во укинувањето на санкциите гледаат предуслов за подобрување на ситуацијата во земјата.
Од нивна гледна точка постои директна врска меѓу подобрувањето на состојбата на човековите права и економијата. Бидејќи, се’ додека општеството на свој грб го носи огромниот товар од санкциите и додека економијата е на колена, не може да се придвижи ни општеството.
Шанси или опасност?
Истакнатата адвокатка,Насрин Сотудех спаѓа во оние кои ги поддржуваат преговорите. Таа е уверена дека овој мировен пат е многу подобар за Иран. Во разговор за ДВ таа вели: Се надеваме дека иранската влада по успесите во преговорите ќе покрене дијалог и со нејзините критичари во земјата.“
Некои експерти стравуваат дека успехот на преговорите и укинувањето на санкциите би можело да ги зајакне десничарските сили во Иран. И тие тогаш би имале повеќе ресурси да се концентрираат на своите критичари во земјата. „Оваа можност истотака ме вознемирува“, вели Сотудех, „ама и така би било подобро отколку сега, бидејќи економските санкции енормно ги зголемија социјалните разлики.“
Атомската програма - лоша инвестиција
Состојбата на иранската економија е катастрофална. Ама за тоа не се виновни само санкциите, смета политикологот и новинар од Техеран, Садек Зибакалам. Иран премногу инвестираше во атомската програма. „Моќниците атомската програма ја пренапумпаа како национален симбол и не дозволија критички прашања“, вели тој.
Факт е дека Иран во атомската програма инвестираше повеќе милијарди евра. А научното образложение и оправдување за програмата не беше ни јавно претставено, ниту за него се дискутираше на експертско ниво.
Садек Зибакалам поради критиките што ги упатуваше на сметка на иранската атомска програма одлежа 12-годишна затворска казна. Притоа неговото прашање гласеше: зошто сите тие пари се инвестирани во атомската програма а не во инфраструктурата. И тој сега се надева на успех во преговорите.
Да се преобмисли атомската програма
Професорот Ахмад Ширзад некогашен пратеник и нуклеарен физичар е еден од најпознатите критичари на иранската нуклеарна програма. И тој исто така е еден од оние кои се надеваат на успешен крај на преговорите: кога ќе заврши овој спор, тогаш смирено можеме да видиме дали атомската енергија воопшто ни е потребна или не“.
И Зибакалам и Ширзад се сомневаат во смислата на толкавите вложувања во нуклеарната енергија, бидејќи Иран е втор во светот според резервите на природен гас и четврта земја во светот според нафтените резерви. „А досега ништо немаме инвестирано во алтернативните извори на енергија како што се енергијата од ветер или соларната енергија“, вели овој нуклеарен физичар, кој изразува умерен оптимизам. Професорот Ширзад е уверен дека мирниот крај на спорот околу иранската атомска програма, барем и минимално, ќе влијае на иранските моќници.
Ако се отстрани пречката која ја претставуваат преговорите за атомската програма, тогаш повторно би морало прашањето за човековите права да биде ставено во фокусот. Хади Гаеми бара од Западот секое подобрување на односите со Иран поради евентуално постигнатиот договор, да се мери преку подобрувањето на состојбата со човековите права. „Западот мора да го поддржи цивилното општество на неговиот долг пат кон демократијата“.