1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран демантира напади врз Израел

ЖА / агенции
11 мај 2018

Техеран негира свое учeство во ракетните напади врз израелските армиски позиции на Голанската Висорамнина. ОН предупредува од избувнување нова криза на Блискиот Исток.

Syrien - Israel | Iran greift Golanhöhen an
Фотографија: picture-alliance/Xinhua News Agency

Иранското Министерство за надворешни работи тврди дека обвинувањата за ирански напади од израелска страна се измислени и без основа, единствено служат како алиби на Израел за воени атаци врз сириски цели.

Портпарол на Министерството ја критикуваше реакцијата на меѓународната заедница, со која, според него, на „ционистичкиот режим му се дава зелено светло за натамошни агресии, кои ќе придонесат за уште поголема несигурност во регионот.“ 

Вчера одржала седница Комисијата на иранскиот парламент за безбедност. „Ова е натамошна лага на ционистичкиот режим во пропагандни цели. Во Сирија не постојат ирански воени бази, туку таму има испратено само воени советници“, изјави нејзиниот портпарол Мохамед Нобандегани.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е загрижен за ситуацијата на Блискиот ИстокФотографија: Reuters/E. Munoz

Во меѓувреме генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди од нов „пожар“ на Блискиот Исток и ги повика конфликтните страни веднаш да ги прекинат непријателствата. Гутереш е длабоко загрижен поради нападите врз Голанската Висорамнина и во Сирија, изјави негов портпарол. Итна седница на Советот за безбедност на ОН не е најавена, но развојот на настаните се следи со внимание, се вели од Њујорк. 

Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, побара од Гутереш и од Советот за безбедност осуда на иранските ракетни напади врз Израел, како и барање до Техеран за негово воено повлекување од Сирија.

Според Израел, ирански единици ноќта кон четвртокот ракетирале израелски позиции на Голанската Висорамнина, по што израелски воени авиони нападнаа постројки на ирански сили во Сирија.

Повеќе: 

Израел нападна ирански позиции во Сирија

Израелски министер му се заканува на Асад

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека Техеран ги преминал „црвените линии“. „Нашата реакција беше само последица, нашата политика е јасна. Нема да му дозволиме на Иран воено да се етаблира во Сирија“, напиша Нетанјаху на Твитер. Израелскиот министер за одрбрана Авигдор Либерман тврди дека израелската армија ја ставила под оган речиси целата иранска воена инфраструктура и се надева дека со тоа „епизодата“ е завршена и секој ја разбрал пораката. Израел, инаку, не сака ескалација, потенцира Либерман.  

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера изјави дека на Блискиот Исток во моментов „вистински се решава меѓу војна и мир“. Во телефонски разговор со иранскиот претседател Хасан Рохани, Меркел ги осудила иранските напади врз воени цели на Голанската Висорамнина. Владиниот портпарол Штефен Зајберт во Берлин пренесе дека Меркел, во заедничко соопштение со францускиот претседател Емануел Макрон, побарале од Техеран да придонесе за деескалација во регионот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми