Иран: Запленетиот британски танкер удрил помал брод
20 јули 2019![Britischer Tanker Stena Impero](https://static.dw.com/image/49658359_800.webp)
Иран тврди дека сите 23 членови на екипажот на танкерот кој пловел под британско знаме се во пристаништето Бандар Абас и ќе останат на бродот се додека не заврши истрагата, по новата ескалација на инциденти во Персискиот залив.
„Танкерот имал инцидент со ирански рибарски брод. Кога рибарскиот брод испратил сигнал за тревога, британскиот танкер го игнорирал“, вели шефот на пристанишната служба во иранската провинција Хормозган, Алахморад Афифипур.
Британија претходно соопшти дека е во итна потрага по информации за танкерот кој патувал кон Саудиска Арабија и одеднаш го сменил курсот откако го преминал теснецот Ормуз.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека британскиот танкер ги прекршил меѓународните поморски правила.
Претходно, иранските власти заплениле уште еден танкер во британска сопственост кој пловел под либиски знаме, но тој во меѓувреме е ослободен, а екипажот е добро.
Последните инциденти се случуваат во светло на тврдењето на претседателот на САД, Доналд Трамп дека американската армија срушила ирански воен дрон кој претставувал закана за американските воени бродови во регионот. Иран демантираше дека загубил воен дрон.