1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран - поддршка и осуда од странство

Матијас фон Хајн
4 јануари 2018

Иран е разнишан од најсилниот бран демонстрации од 2009. до сега. Реакциите во светот се движат меѓу апели за промена на системот, поддршка за демонстрантите до повици за смирување на ситуацијата.

Iran, Teheran, Protest
Фотографија: Getty Images

Како што често се случува во  Иран и актуелните протести се одвиваат на повеќе нивоа:  во внатрешноста луѓето излегоа директно на улица, при што во меѓувреме има и масовни демонстрации за поддршка на режимот, но има и борба меѓу различните центри на моќ на политичките естаблишменти. Надвор од Иран различни играчи се обидуваат да го најдат вистинскиот пристап за справување со ситуацијата. Притоа постои загриженост, од невнимание да не дојде до зајакнување на тврдокорните во Техеран и ослабување на умерените сили. Покрај демонстрацијата на сочувство и разбирање за демонстрантите и нивната акција, тука повторно дојдоа до израз различните пристапи на Европа и САД во однос на Иран. Ставот на американската администрација е јасен: американскиот претседател Доналд Трамп во еден твит на први јануари отворено повика на смена на режимот. Американскиот експерт за безбедност, Ариане Табатабаи од Џорџтаун Универзитетот во Вашингтон смета дека тоа е контрапродуктивно. Во разговор за Дојче Веле таа се залага за еден поумерен пристап: „Ние треба да го натераме Иран да ги почитува човековите права на протести без да се наложува како да го направат тоа."

И германскиот политичар Норберт Ретген од ЦДУ, предупредува дека непромислени изјави може да ги поттикнат тврдењата на раководството во Техеран дека протестите се водени од надвор. Не треба да има изјави кои ќе овозможат да се каже: „Странците и неисламскиот свет се нашите непријатели! Тие се на страната на демонстрантите, а ние ја браниме исламската шиитска чистота наспроти еретичките странци."

И навистина токму овие аргументи ги искористи во вторникот највисокиот верски водач во земјата Али Хамнеи за да ги оцени демонстрациите како „теорија на заговор на непријателите на Иран." И турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во средата зборуваше за поддршката на САД и Израел на антивладините демонстрации. На СиЕнЕн на турски, Чавушоглу изјави дека Турција се противи на било каква форма на странско мешање во Иран.

Повеќе на темата: 

Иранците сакаат промени

Петта ноќ протести во Иран, расте бројот на жртвите

Последици од минатото

Обвинувањата за вакви странски мешања имаат плодна почва кога станува збор за Иран. Многу земји се сеќаваат на државниот удар оркестриран од ЦИА во 1953 година со кој беше сменет демократски избраниот премиер Мохамед Мосадех, а го наследи брутална дваесет и пет годишна диктатура под водство на шахот Мохамад Реза Пахлави. САД во 2013. година ги објави тајните документи по повод 60 годишнината од пучот. Фактот дека во првата година на функцијата, Трамп брзо најави дека неговиот тврд став против Иран ќе му биде основен принцип во политиката кон Блискиот Исток, само ги подгреа сомневањата за американска вмешаност во последните немири.

Ретген смета дека Трамп го загуби целиот свој кредибилитет по ова прашање бидејќи „тој постојано се труди да го мобилизира сунитскиот свет против Иран." Ретген вели дека за разлика од САД, Европа и Германија си го задржале кредибилитетот. „Ние го поддржуваме нуклеарниот договор кој носи економско олеснување за луѓето со отстранување на санкциите. И тоа ни дава сосем различно ниво на кредибилитет кое треба активно да го одржуваме, секако во реални рамки."

Европа не сака да го доведе во прашање нуклеарниот договор со ИранФотографија: picture-alliance/epa/D. Calma

Воздржаната Европа

Реакциите на Европа до сега се претпазливи. Ополномоштеникот на ЕУ за надворешни работи Федерика Могерини го повика раководството во Техеран да го почитува правото на собир и слобода на мислење. „Европската Унија внимателно ги следи настаните во Иран, растечкото насилство и неприфатливата загуба на човечки животи", рече Могерини. Правото на собир и слобода на мислење е основно право кое мора да се почитува во било која земја. Могерини ги повика сите инволвирани страни да се воздржат од насилство.

Слична е и реакцијата од Берлин: „Германската влада со загриженост ги следи настаните во Иран, особено извештаите за жртви и бројни апсења, " изјави еден од владините портпароли, Улрике Демер. Иранската влада на протестите треба да реагира „со подготвеност за дијалог". Според германската влада „легитимно е кога луѓето своите економски и политички ставови и загриженост ги изразуваат јавно, како што тоа сега го прават во Иран," додаде Демер. Ако некои демонстранти го злоупотребуваат протестите за насилство, иранската влада треба да одговори соодветно со сите расположиви правни мерки.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека во телефонскиот разговор со иранскиот претседател Хасан Рохани повикал на воздржаност во справувањето со антивладините протести. Во исто време, Макрон ја откажа посетата закажана за оваа недела од неговиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во новогодишната видео порака ја критикуваше воздржаната позиција на Европа. „Многу европски влади се само неми набљудувачи, додека многу храбри Иранци се тепани на улица." Шефот на израелската влада ја поврза неговата поддрша за протестите со жестока критика против режимот во Техеран: „Храбрите Иранци излегуваат на улица. Тие ги бараат основите слободи и права кои им се ускратени со децении."

Американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли, бара итна седница на Советот за безбедностФотографија: picture-alliance/M.Altaffer

Иднината на атомската програма под прашалник

Во меѓувреме САД бара итна седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк. „ОН мора да го кажат своето мислење по ова прашање," изјави американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли. Таа нагласи дека и Советот за безбедност, но и Советот за човекови права на ОН мора да дебатираат за апсењата и убиствата кои се поврзани со протестите во Иран.

Во претстојнава недела американскиот претседател планира да го зголеми притисокот врз Иран. Тој треба да ги донесе првите од серијата конгресно – мандатни решенија во врска со потпишаниот нуклеарен договор со Иран од 2015. година. Минатиот октомври Трамп одбра да отстапи од договорот. Со овој чекор на Конгресот му се дава простор од 60 дена да ги врати санкциите против Иран. Од Европа има масовно лобирање да се стопира привремено ваква одлука и договорот со Иран да си остане. Како што стојат работите, се чини дека работите не одат баш во прилог на зачувување на нуклеарниот договор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми