1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран против ИД - непријателот на мојот непријател?

Матијас фон Хајн / Превод: ЕМФ4 декември 2014

Борбата против ИД не е единственото што ги поврзува Западот и Иран. Заедничките нешта со Западот се неискористен политички капитал. Би било паметно тоа да се искористи, оценува Матијас фон Хајн.

Фотографија: Behrouz Mehri/AFP/Getty Images

„Непријателот на мојот непријател ми е пријател“ - вака гласи едно од верувањата во реалполитиката. Согласно тоа, Иран би требало да се најде на листата со гости кога во Брисел, на покана на САД, се собираат претставници на речиси 60 држави за да разговараат за натамошните постапки против т.н. „Исламска држава“ (ИД). Зашто, и Иран се бори против ИД, наводно дури и со употреба на борбени авиони. САД ги потврдија медиумските извештаи во кои се тврдеше такво нешто, Иран пак тоа го демантираше. Самото тоа покажува дека во живиот песок на Блискиот Исток ништо не така едноставно како што тоа реалполитичкото верување го сугерира.Таму имено, непријателот на мојот непријател брзо е непријател на мојот пријател.

Во конкретниот случај: Иран со САД, со Западот, со целата меѓународна заедница, има заеднички непријател - „исламска држава“, но Иран е и непријател на американските сојузници Израел и Саудиска Арабија. Истовремено, Иран е и пријател на непријателот. Конкретно: Башар ал-Асад, кој со руска и пред се‘ иранска помош се држи на власт и покрај граѓанската војна во Сирија која трае со години. И, понекогаш државите од пријатели стануваат непријатели. Авионите со кои Иран наводно нападнал позиции на ИД се, што е пикантно, од американско производство. Фантомите Ф4 се доставени во Иран во времето кога таму владееше шахот, кој беше пријател на САД.

Иран го цементира влијанието во Ирак

Многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека Иран навистина употребил авиони во борбата против џихадистичката милиција. Иран со години го зголемува своето влијание во Ирак. Иранските револуционерни гарди располагаат со специјална единица за акции во странство, бригадите Ал Кудс. Нивниот шеф беше фотографиран во Ирак во текот на летото. Причините за иранскиот ангажман се очигледни. Напредувањето на ИД е закана за иранското влијание во Ирак. Освен тоа, сунитската џихадистичка милиција се заканува со уништување на центраните светилишта на шиитите. Тоа за Иран, каде доминираат шиитите, е стравична визија. Откако во јуни ИД го окупираше вториот по големина ирачки град Мосул, беа потребни два месеца додека САД и нивните ирачки сојузници пристигнаа напомош со воздушни напади. Иранците не чекаат толку долго. Кратокорочно доставеното оружје и воени советници од Иран, во моменти на нужда, го цементираат влијанието на Техеран во регионот.

Иран не може да се заобиколи

Американскиот претседател Барак Обама осозна дека Иран не може да се заобиколи на Блискиот Исток со оглед на многуте жаришта во регионот, релативната стабилност на Иран и влијанието на Техеран во соседните земји. Затоа, на средината на октомври Обама го напиша веќе своето четврто писмо на иранскиот духовен лидер, ајатолахот Хамнеи. Во писмото Обама даде уверување дека американските воздушни напади ниту се насочени кон слабеење на полицијата на Техеран во регионот, ниту пак треба да го погодат иранскиот сојузник Асад. Обама дури во перспектива стави и соработка во борбата против ИД.

Матијас фон ХајнФотографија: DW

Таа соработка, меѓутоа, е поврзана со постигнување согласност во атомскиот спор. За жал, таква согласност не беше постигната на крајот на ноември. Внатрешнополитичките блокади во Вашингтон и Техеран беа преголеми. Конзервативните хардлајнери во Техеран се против секакво вртење кон САД. Наспроти тоа, соколите во САД и кај нивните сојузници Израел и Саудиска Арабија и натаму сакаат да го третираат Иран како изолиран аутсајдер кој е закана за светскиот мир.

Иранските министри - американски студенти

Така во моментов има две паралелни воени кампањи против ИД - една предводена од Ирак, една од САД и нивните сојузници. Двете страни впечатливо многу полагаат врз констатацијата дека меѓу нив нема никава соработка и договор. Но, може да се смета дека зад кулисите владата во Багдад посредува меѓу двете страни. На ирачките боишта нивните патишта и акции се‘ уште не се вкрстиле, но тоа не е доволно.

Блискиот Исток е премногу важен и премногу нестабилен за најважните играчи таму да можат да не разговараат меѓусебе. Време е Иран да се придвижи и да ги потисне во втор план фундаменталистичките хардлајнери. За такво нешто највисокиот лидер Хамнеи ќе мора да прескокне преку својата сенка, но тој покажува малку намери за такво нешто. Во кабинетот пак седат луѓе кои во САД не го гледаат „големиот сатана“. Иронија на историјата е што седуммина ирански министри студирале на елитни американски универзитети. Во ниту една друга влада на светот, освен во САД, не седат толку американски академци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми