1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Иран се заканува со одмазда, ОН апелираат на воздржаност

ЖА / агенции
28 ноември 2020

Иранскиот претседател Хасан Рохани ги обвини САД и Израел дека стојат зад атентатот врз нуклеарниот физичар Мохсен Фахризадех. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на воздржаност.

Iran I Mord an Mohsen Fakhrizadeh
Фотографија: Tasnim

 Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, по убиството на нуклеарниот физичар и обвинувањата на адреса на Израел, повика на воздржаност. „Сметаме дека е неопходно да се избегнат сите мерки кои би можеле да водат кон ескалација и тензии во регионот", изјави Гутереш.

„Повторно империјализмот и неговиот ционистички војник се погрижија за крвопролевање и смрт на еден ирански научник", изјави Рохани денеска во обраќање преку државната телевизија.

Но, овој терористички напад единствено го докажува стравот кај непријателите на Техеран од постигнатите технолошки напредоци во Исламската република, а нема неа да ја сопре во консекветно продолжување на патот трасиран од Фахризадех, порача иранскиот претседател. Иранската армија пак се закани со жестока одмазда.

Мохсен Фахризадех вчера беше застрелан и ранет во предградие на Техеран, а по пренесувањето во болница починал од раните. Нуклеарниот физичар беше член на Револуционерните гарди и експерт за производство на ракети. Пред смртта, тој го водеше Одделението за истражувања и технолошки иновации во Министерството за одбрана. Шефот на иранската атомска програма Али-Акбар Салехи изрази уверување дека убиството на Фахризадех нема да влијае ниту да го запре развојот на иранската цивилна атомска програма, напротив, тој ќе биде интензивиран.

Многумина набљудувачи во Техеран во атентатот гледаат обид на Израел и на владата на американскиот претседател Донад Трамп да торпедираат нов почеток во односите меѓу Иран и Вашингтон. „Ова не беше само напад врз научникот, туку и врз претстојните дипломатски напори на двете земји по преземањето на претседателската функција од страна на Џо Бајден", твиташе политикологот Мохсен Милани. Слично мислење има и познатата иранска новинарка Сахра Асгари: „Нападот беше цената која Иран мораше да ја плати за изборниот пораз на Трамп". 

САД под претседателство на Доналд Трамп во 2018 година еднострано се повлекоа од Меѓународниот атомски договор кој Иран требаше да го спречи во создавањето атомско оружје и воведоа нови санкции кон Техеран. По рокот од една година, во која Техеран и останатите партнери во договорот безуспешно се обидуваа да го зачуваат, и Иран започна со етапно откажување од одредбите на спогодбата. Неизвесно е дали со новоизбраниот американски претседател Џо Бајден САД повторно ќе се приклучат на Атомскиот договор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми