1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ирачките трупи ги нападнаа Курдите во Киркук

БГ
16 октомври 2017

Курдски претставници велат дека рано утрово армијата и локалните милиции започнале голем напад со цел да го заземат северниот град Киркук, предизвикувајќи притоа многу жртви во борбите јужно од градот.

Irak Armee startet Operation in Kirkuk
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Al-Rubaye

Курдските Пешмерга борци заземаат позиции на периферијата на меѓународниот аеродром откако се повлекле од позициите надвор од градот. Стотици вооружени курдски цивили исто така заземаат позиции низ градот во очекување на напад.

Жителите на мултиетничкиот град во кој живеат околу еден милион Арапи, Курди, Туркмени и христијани, не излегуваат од своите домови и тврдат дека слушаат експлозии кои звучат како гранатирање и ракетни напади.
Портпаролот на курдските воени сили, Бахзад Ахмед изјави дека ирачките сили ги зазеле нафтените полиња и нафтената и гасната компанија, како и други индустриски области јужно од Киркук во битка со курдските сили која предизвикала „голем број жртви“, без да наведе дополнителни детаљи.
Тој тврди дека ирачките сили „запалиле многу куќи и убиле многу луѓе“ во две населби на периферијата на градот. Засега нема независна потврда на неговите тврдења.

Ирачкото министерство за внатрешни работи соопшти дека федералните сили ја преземале контролата врз една електрана, полициска станица и индустриската област во близина на Киркук. Но, не даде никакви конкретни податоци за судири или жртви.

Курдски Пешмерга борци го следат движењето на ирачките сили во КиркукФотографија: Getty Images/AFP/A. Al-Rubaye

Тензиите пораснаа откако Курдите минатиот месец одржаа необврзувачки референдум за независност од Ирак. Централната влада, заедно со соседните Турција и Иран ги отфрли резултатите.

И ирачката армија и борците Пешмерга беа тренирани од САД со цел да и се спротивстават на „Исламската држава“ во регионот. САД исто така, беа против одржувањето на референдумот, и ги повикуваа двете страни да се фокусираат на борбата против екстремистите.

Централната власт и автономниот курдски регион долго време спорат околу поделбата на приходите од нафтата и гасот, како и за судбината на спорните територии како Киркук, кои се под контрола на курдските борци, но се наоѓаат надвор од нивната автономна територија.

Багдад го притиска курдскиот регион од референдумот во септември, и бара од курдските лидери да прифатат заедничка администрација во Киркук.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми